Македонија
(Видео) Ковачевски: Северна Македонија ги почна преговорите со ЕУ, македонскиот јазик е чист во преговарачката рамка
„Собранието донесе одлука оваа држава да продолжи по патот на своите европски интеграции. Во таа одлука учествуваа пратеници од политички партии што застапуваат најширок круг граѓани во државата. Оваа држава ќе оди на патот на европските интеграции“, порача премиерот Димитар Ковачевски на седницата за пратенички прашања во Собранието на Република Северна Македонија.
Претседателот на Владата, Ковачевски, констатира дека од страна на дел од опозицијата изнесени се лаги пред одржувањето на таа седница врз основа на кои беа организирани и протестите.
„Прво, Република Северна Македонија одржа прва меѓувладина конференција. Второ, македонскиот јазик е чист во преговарачката рамка – на тоа може да бидат горди сите оние 68 пратеници што кренаа рака македонскиот јазик, конечно, да го видите сите и, веројатно, сте го виделе во ЕУ. Трето, во однос на вашата политика што ја правевте тука со палење, со ширење невистини – тоа не ѝ прилега на една демохристијанска партија. Тоа што го гледавме тука, со какви зборови се обративте на претседател на ЕК – треба да се срамите од она што го направивте“, порача премиерот Ковачевски.
Тој одговори и на барањето за референдум.
„Политиката што ја водите на штитење интереси на трети држави во оваа држава е најпогубно нешто што некој може да им го прави на граѓаните на Република Северна Македонија. Вие имате проблем. Вие не знаете какво референдумско прашање сакате. Вие сакате прашање дали сте против зачленување во ЕУ со чист македонски јазик и заштитен идентитет и тоа чист македонски јазик потврден, при што веќе се потпишува договор за превод на македонското законодавство со ЕУ, веќе сите видовте на кој превод се работеа целата конференција и скринингот што почна“, рече премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата, Ковачевски, додаде дека опозициската партија која зборува за референдум е против сите стратешки одлуки на државата и повика тоа да го расчистат во нејзините редови.
„Ако некоја партија беше против членството во НАТО, тоа беше вашата партија, ако некоја партија беше против релаксирањето на меѓуетничките односи во државата, тоа беше вашата партија. Ако некој е против членство во ЕУ, тоа е вашата партија и тоа се факти.
Во ниедно гласање немате учествувано. Такво бегање, да се излегува, па барем ако сакате, гласајте ‘против’, седете и гласајте ‘против’“, рече премиерот Ковачевски.
„Првин седнете во партијата, видете дали сакате оваа држава да оди во полноправно членство во ЕУ или не сакате. А јас знам што ќе ви одговори народот затоа што и во опозицијата не постои партија што ве поддржува, освен Апасиев, кој треба во прв ред да го седнете тука. Начинот на кој се однесувате, начинот на едно домашно невоспитување што го покажувате, само тоа ви прилега“, констатира премиерот Ковачевски на седницата за пратенички прашања во парламентот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во изминатите девет часа најмногу дожд во Гевгелија, Штип и Попова Шапка,
Во изминатите девет часа, до 16 часот денеска најмногу дожд наврнал во Гевгелија – 23 литри на метар квадратен, потоа Штип – 16, Попова Шапка – 14 и Берово – 12 л/м2, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи – Скопје.
По 10 л/м2 наврнале во Крива Паланка и Виница, 8 во Ѓуриште, 6 во Маврови Анови и Лазарополе, 5 во Крушево, 4 во Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Струмица и Пожаране, 3 во Битола, по 2 во Охрид, Велес, Кавадарци и Демир Капија и 1 л/м2 во Прилеп.
Од УХМР информираат дека на повеќе места низ земјава има интеракција на подземните и површинските води и појави на заезерувања од самите врнежи. До крајот на денот се очекува висок водостој на река Вардар, река Црна и на река Треска. На останатите помали реки се очекува постепена стагнација и намалување на водостојот во вечерните часови.
Времето до крајот на денот ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот и во текот на ноќта на планините во северозападните делови врнежите од дожд ќе преминуваа во врнежи од снег. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Управа за хидрометеоролошки работи, претходно околу 14:00 часот информира дека на хидролошката станица на река Вардар во Балин Дол е регистрирано намалување на водостојот на реката, но тој сеуште останува висок и постои опасност од излевање на реката во гостиварскиот регион, додека во наредните часови водниот бран ќе се движи низводно кон Полошката Котлина и Скопје, каде што се можни локални излевања и заезерувања во Полошката Котлина.
И во Скопје ce очекува висок водостој на реката Вардар, при што е зголемен и водостојот на реката Лепенец.
Поради зголемениот водостој на реките Кадина и Маркова, како и поради водите што не пристигнат од Горен Вардар, од УХМР информираат дека можни се локални заезерувања низводно од Скопје, на потегот околу селата Зелениково, Орешани и Таор.
Водостојот на реката Треска е во пораст и можни се излевања кај селата Пласница и Лисичани. Водостојот на реката Зајашка останува висок, со тенденција за благо намалуване во наредните часови.
Во сливот на реката Црна можни се заезерувања во Демирхисарскиот регион и Пелагониската Котлина.
Македонија
УХМР: Претпазливо движење покрај реките и суводолиците низ земјава
Според податоците од хидролошките станици низ земјава, останува висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот со можност за заезерувања и локални излевања во Полошката Котлина, а регистриран е прилично висок водостој и на река Кумановска и река Треска, во чии сливови се можни локални излевања, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Од УХМР, исти така, предупредуваат на претпазливо движење покрај реките и сууводолиците низ земјава.
-Регистриран е прилично висок водостој на река Кумановска и во нејзиниот слив се можни локални излевања на реките и суводолиците. Исто така, на река Треска останува исклучително висок водостојот и во нејзиниот слив се можни локални излевања, а надојдената вода е можно да претставува опасност и по столбовите на дел од Мостовските конструкции – информираат од УХМР.
На останатите водотеци на западот од земјата остануваат високи водостоите но се со тенденција на намалување. На истокот засега има помали зголемувања на водостоите на реките, иако беа забележани локални и изолирани појави на интензивни поројни врнежи во поедини делови.
-До крајот на денот се очекува да остане висок водостојот на река Вардар во горниот дел, а во текот на вечерта и за време на ноќта да има зголемување на водостојот низводно од Скопје (Јурумлери, Орешани, Зелениково, Таор) како и во Велес. Исто така и на река Треска се очекува да остане исклучително висок водостојот до крајот на денот и вечерта – информираат од УХМР.
Македонија
(Видео) Големи поплави во Кичево, ЦУК на терен
Според вонредните информации од Центарот за управување со кризи за состојбата до 17:00 часот со обилните врнежи, во Скопскиот Регион, во Општина Сарај поради поплавите во селата Буковиќ и Семениште, преземени се координирани активности за надминување на состојбата.
„Интервенираа екипи на Општина Сарај, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, ЈП Водовод и канализација – Скопје и Дирекцијата за заштита и спасување. Активностите се насочени кон расчистување на зафатените подрачја, одводнување на поплавените површини и создавање услови за постепено нормализирање на состојбата“, соопштуваат од ЦУК.
Во Кумановскиот Регион, во Општина Липково, реката Слупчанка излезе од своето корито во село Опае, при што е зафатен дел од селото, а најголем дел од поплавените површини се земјоделско земјиште. Излевање е регистрирано и во атарот на село Оризаре, каде што се зафатени земјоделски површини.
Во Гостиварскиот Регион, по обилните врнежи од дожд се евидентирани повеќе случаи на поплавувања во општините Гостивар, Врапчиште и Маврово и Ростуше.
„Во Гостивар и околните населени места пријавени се повеќе поплавени куќи, подрумски простории и стопански објекти, како и излевање на водотеци и затрупани канали. Во село Беловиште интервенирано е по пријава за заглавени лица во поплавен објект, при што лицата се безбедно извлечени. Во село Форино е пријавено излевање на реката Вардар од коритото, со поплавени земјоделски површини и потенцијален ризик за куќите во близина на мостот кон село Тумчевиште. Во координација со надлежните институции ангажирана е механизација за отстранување на пречките од речното корито“, информираат од ЦУК.
Во Општина Кичево, по излевање на Зајашка река, поплавени се куќи и дворови на повеќе улици. По 12:00 часот се пријавени дополнително околу 30 поплавени семејни куќи. Извршена е евакуација на стари и изнемоштени лица, како и на деца од поплавените објекти.
Лицата на кои им е потребно привремено сместување ќе бидат згрижени во спортската сала во Иванидол. На терен интервенираат екипи на ЈКП „Комуналец“ – Кичево и Територијалната противпожарна единица, кои постапуваат согласно приоритетите и пријавите од граѓаните.
Свикан е Кризен штаб кој ја следи состојбата и ги координира активностите за заштита и помош. Од Општината апелираат на смиреност, трпение и внимателност, нагласувајќи дека ќе бидат искористени сите расположливи ресурси за справување со последиците од невремето.

