Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Обвинителниот акт за модуларната во Тетово не ги опфаќа вистинските виновнци

Најавениот обвинителен акт за трагедијата со модуларната болница е нецелосен и не ги опфаќа вистинските виновници, туку лица што се далеку подолу на прирамидата на одговорноста, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Како што наведуваат од партијата, тоа само покажува дека и случајот со модуларната болница, исто како и со трагедијата со „Дурмо турс“ и „Беса травел,“ се водат без да се најде вистинскиот системски причинител поради што десетици животи беа предвреме згаснати.
„Обвинителниот акт не ги дава одговорите која е улогата на Министерството за здравство во изградбата на овие објекти, како од надлежните инспекции добиле дозвола да работат, која е одговоноста за материјалите од кои беше изграден објектот и редица други фактори што доведоа до трагедијата.
Семејствата на настраданите во ваков случај, со вакво судство и обвинителство нема да ги добијат вистинските одговори, како и поради што настрадаа нивните најблиски. Нивната болка нема утеха, но уште поболно е што во Македонија се создава систем на неказнивост, во која, наместо по коњот, се удира по самарот. Затоа, за жал, системот на неказнивост создава нови и нови трагедии. Тоа мора да престане. Вистинските виновници мора да одговараат и во случајот со тетовската модуларна болница и во секој друг случај затоа што само така може да се изгради владеење на правото и правна држава“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Скопјани со денови се трујат, горењето на Дрисла е сериозна опасност за уште поголема катастрофа, велат од СДСМ

„Пожарот во Дрисла се уште не е изгаснат, власта со денови не може да се справи додека скопјани се трујат. Ова е крајно неодговорно кон граѓаните, кон најважното-здравјето и претставува сериозна закана за уште поголема катастрофа, поради тоа што постои опасност пожарот да дојде до метанот кој се наоѓа под слоевите земја и да настане и експлозија“, велат од СДСМ.
„Страшно е ова што се случува, скопјани се трујат од отровен чад и канцерогени честички поради горење на депониите Дрисла и Вардариште.
Виновници за труењето на скопјани се Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ кои 4 години не мрднаа со прст, не ги исолнија ветувањата и не го решија проблемот. Депониите се симбол на нивната неспособност и криминално владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ и нивните градоначалници пред 4 години ветуваа „затворање на Вардариште, намалување на стакленички гасови, покривање и озеленување“.
Тимчо Муцунски ветуваше „дислокација на претоварната депонија Вардариште“. Мицкоски и Арсовска ветуваа „зелена зона Вардариште“ со спортско-рекреативни терени на канцерогеното земјиште. ВМРО-ДПМНЕ ветуваше „фабрика за селекција на отпад“ во Дрисла.
Ништо од ова не е реализирано. Скопје и натаму е задушено, Вардариште и Дрисла горат, а воздухот повторно е отров за граѓаните.
Мицкоски ги слуша гласовите на мајките кои ги затвораат прозорците за да ги заштитат децата од чадот, гледа како скопјани се гушат во облаци канцерогени честички, гледа телевизиски прилози со чадови од Дрисла и Вардариште, и пак не презема ништо.
Иако е претседател на ЗЕЛС, ниту Орце Ѓорѓиевски не направи ништо. Наместо решенија, се крие од граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ и нивната неспособна власт ја претворија метрополата во еколошка бомба.
Скопјани паметат, скопјани знаат и ќе ги казнат ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на локалните избори“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Се уште има чадење од Дрисла, но во помал обем, дивата депонија Вардариште е целосно изгасната, вели Ангелов

Чадењето од депонијата Дрисла е се уште присутно, но во многу помал обем и не е причина за маглата, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Тој извести дека во текот на вчерашниот ден е затрупан дел од просторот на депонијата Дрисла од кој имаше чадење.
„Денес затрупувањето продолжува со засилено темпо бидејки вчера беа извршени неколку логистички зафати кои овозможуваат полесен и побрз пристап до критичната точка“, кажа Ангелов.
Директорот на ДЗС информираше дека дивата депонија „Вардариште“ е целосно изгасната и од неа нема никакво чадење.
Ангелов најави прес-конференција за денеска, на која ќе излезе со дополнителни информации за сите досега преземени активности, вклучително и оние кои се преземаат во текот на денешниот ден.
Македонија
„ЕВН е должна по автоматизам да врши корекција на паушалните сметки“, велат од ИНРМ

„Секое домаќинство има право на автоматска исправка на фактурите еднаш на три месеци – алармирани се институциите да го натераат ЕВН да го практикува законот“, велат од ИНРМ.
„Инженери на Република Македонија (ИНРМ) алармираат дека досегашната пракса на ЕВН Хоум за издавање на паушални фактури и префрлање на целата разлика во еден месец е спротивна на Законот за енергетика и предизвикува неправедни, зголемени сметки за граѓаните.
Во месеците јуни и јули на поголем број на домаќинствата им се испорачуваа пониски сметки врз основа на проценета потрошувачка, а во август, по извршеното отчитување и порамнување, целата разлика беше префрлена во еден трисетдневен пресметковен период. На тој начин, потрошувачката во висока тарифа се пресмета во повисоките тарифни блокови, што резултираше со значително поголеми износи на фактурите.
Поради тоа e поднесена претставка до Регулаторната комисија за енергетика, Министерството за енергетика и ЕВН, како и барање за инспекциски надзор до надлежните инспекторати, со цел институциите да преземат мерки во рамките на своите надлежности. ИНРМ инсистира на доследна примена на член 185 став (2) од Законот за енергетика, кој обврзува снабдувачот по автоматизам да издава коригирани фактури еднаш на три месеци, кога сметките се изготвени врз основа на проценета потрошувачка.
Во моментов, граѓаните можат да добијат исправка на ваквите фактури само ако индивидуално поднесат приговор, што е спротивно на законот. На овој начин потрошувачите се ставаат во нерамноправна положба и трпат финансиска штета. Ако оваа пракса продолжи, во грејната сезона домаќинствата ќе се соочат со значителни и неоправдани трошоци.
ИНРМ ја информира јавноста дека додека не се воспостави автоматска корекција на фактурите во согласност со законот, граѓаните имаат право да поднесат приговор до ЕВН на [email protected] и да побараат издавање на коригирана фактура. За полесно утврдување на евентуалната штета, може да се искористи едноставниот калкулатор преку кој секое домаќинство може да провери дали е оштетено со паушалното фактурирање за период од три месеци.
Законите ги штитат правата на потрошувачите, само е потребна нивна доследна примена“, се додава во соопштението на ИНРМ.