Економија
Влада: Обезбедени 2.6 милијарди денари за исплаќање на заостанатите обврски кон земјоделците

На предлог на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, Владата на денешната седница ја усвои Предлог – Програмата за изменување на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2022 година.
Со неа се зголемуваат средствата на 2,6 милијарди денари, по ребалансот на буџетот, со кои се врши исплата на сите заостанати обврски кон земјоделците, а започнува и авансната исплата на субвенциите во висина од 30% од вкупната вредност, која од оваа година за прв пат ќе се изврши за овоштарите додека од следната 2023 година авансна исплата на субвенциите ќе се врши за сите директни плаќања кон земјоделците.
Усвоена е и измената на програмата за финансиска поддршка на Руралниот развој за 2022 година која се врши поради зголемен интерес за мерката 115 Поддршка на активен женски член во земјоделско домаќинство, со цел реализирање на сите поднесени апликации по оваа мерка. Поради зголемен интерес за мерката 121.9 набавка на силоси се врши зголемување на финансиските средства со цел да се овозможи реализација на сите 24 поднесени апликации доставени по оваа мерка.
Со измената на Програмата се создава основ за авансна исплата од 40% на грантот за поддршка на млад земјоделец од 20.000 евра со новиот јавен повик од 2022 година, врз основа на донесената измена на законот за земјоделство и рурален развој (Службен Весник на РСМ бр. 123/22). Во програмата за Рурален развој се зголемуваат и средствата кај мерката 211 со 100 милиони денари, за реализација и поддршка на меѓународни саеми и саемски манифестации на кои учествува Република Северна Македонија со национални штандови за промоција на македонските земјоделски производи, вино и преработка од земјоделски производи и тоа учество на саемот „Агра“ во Горна Радгоња во Република Словенија, саемот „Open Balkan Wine & Fair“ кој е дел од иницијативата Отворен Балкан и саемот „Тера Мадре“ во Торино каде заедно со економско-социјалниот партнер Слоу Фуд Македонија ќе бидат презентирани македонските традиционални производи.
Владата на денешната седница ја усвои и измената на Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2022 година. Со ова се врши промена на рокот за подмерките 1.18 за оризова арпа предадена во регистрирани капацитети за откуп и преработка и подмерката 1.19 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи. Со измената рокот за аплицирање по овие две мерки е до продолжен до 31 август 2022 година.
Владата исто така ја усвои измената на програмата за финансиска поддршка во органското земјоделско производство за 2022 година со што се врши продолжување на рокот до 15 август 2022 година за поднесување на барања за директни плаќања во органското земјоделско производство за 2022 година, со цел сите земјоделци во органското производство да можат навремено да го остварат правото на субвенции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.