Македонија
(Видео) Арсовски: Пендаровски за само неколку денови смени став за референдум

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, го обвини претседателот Стево Пендаровски дека веќе сериозно го има совладал синдромот на ретерирање којшто го наследил од Зоран Заев.
Тој рече дека Пендаровски јавно се откажал од македонските национални интереси и интересите на граѓаните, и ја одбрал антимакедонската политика.
„И по којзнае којпат покажа и докажа дека не е на страната на граѓаните, туку е на страната на тесно партиските политички, антидржавни интереси на СДСМ, Димитар Ковачевски и Зоран Заев, како основоположник на сите овие неуспеси на Република Македонија. Наместо заштитник на државните и националните интереси како што сакаат граѓаните да изгледа и да биде, и да работи нивниот претседател на државата, претседател на Република Македонија како што треба да изгледа, Стево Пендаровски стана соучесник на Ковачевски и негов послушник.
По само неколку денови Стево Пендаровски ретерираше од сопствените ставови. Ретерирајќи од референдум, за којшто и самиот Пендаровски се изјасни дека треба да има референдум со чесна формулација, кој треба го поддржат сите политички партии, Стево Пендаровски покажа дека или нема политички капацитет да има сопствен став на којшто ќе опстои цело време или, пак, Ковачевски и Зоран Заев сериозно го имаат притиснато и му имаат покажано дека тој е само нивни пиoн кого го манипулираат и управуваат како сакаат од Владата.
Стево Пендаровски, како што можевте и самите да видите и да слушнете, во само неколку дена успеа да го излаже целиот народ, најпрвин за да ги придобие симпатиите на граѓаните и на јавноста, се изјасни дека треба да има референдум во насока како што ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски предложија, за потоа политички кажано, Владата да му свитка рака и да му каже дека не треба референдум и сето тоа било манипулација. Со што Стево Пендаровски ги пренесе повторно ставовите на Владата, ретерирајќи од она што го кажа само неколку денови претходно“ рече Арсовски.
Според него, драстично менување на ставови и биполарно политичко однесување во само неколку денови, може да се карактеризира како политичка незрелост за заземање став за крупни и важни политички прашања.
„Оттука мораме да потенцираме дека референдумот по ова прашање не е желба на Пендаровски дали да се случи или не, туку морална обврска на еден сериозен претседател на држава кој треба да оди по линија со граѓаните. Случајот со Пендаровски, очигледно е дека му е свиткана раката од страна на Владата и морал потоа да се изјасни и да каже онака како што му кажале од Владата и да го смени ставот.
Сè уште има шанса да се поправи. Секако, ако тој самиот е самостоен политичар и институција, а не човек со кој управува Владата и Ковачевски. Сепак, интересот на граѓаните и на државата е поважен од сè, вклучително и од ретерирањето на Пендаровски. Кога еднаш го сменил ставот, може уште еднаш само и само во интерес на граѓаните и на Република Македонија“, порача Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Свадба во струмичкиот затвор – осуденик го кажа судбоносното „да“

Во струмичкиот затвор денес се одржа невообичаен, но длабоко хуман чин – законска регистрација на брак на осудено лице кое моментално ја издржува затворската казна.
Настанот се реализира под покровителство на директорот на установата, Зоран Ристов, и заменик-директорката, Наташа Лазарова Донева, како дел од заложбите за почитување на човековите права и обезбедување правна сигурност за сите, без исклучок, соопшти Управата за извршување санкции.
Со оваа регистрација, лицето се стекна со правен идентитет – важен предуслов за пристап до здравствена, образовна и социјална заштита, но и чекор напред кон успешна ресоцијализација.
Од Управата додаваат дека ваквиот чин е резултат на добра координација меѓу затворската управа, стручните служби и релевантните институции, и покажува дека и во пенитенцијарниот систем постои волја за хуманост, инклузивност и правичност.
Македонија
Нов ЕХО апарат на гинекологија во Чаир за побрза и попрецизна дијагностика

Специјалната болница за гинекологија „Мајка Треза“ во Чаир доби нов ЕХО апарат, со кој значително се подобрува дијагностиката кај бремените жени и пациентките со гинеколошки проблеми.
Апаратот, вреден над 3,5 милиони денари, е обезбеден со поддршка од АД МЕПСО, која донираше над 2,7 милиони денари, како и со сопствени средства на болницата во износ од 800 илјади денари.
„Со новата апаратура ја зајакнуваме грижата за здравјето на жените, токму таму каде што е најпотребно. Зад секој апарат стои грижата за секоја жена, за секоја бремена мајка, за секој нов живот“, изјави министерот Азир Алиу за време на денешната посета на установата, придружуван од директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи.
Оваа инвестиција претставува чекор кон унапредување на квалитетот на здравствените услуги и грижата за женското здравје.
Македонија
Со метален предмет го убил брата си, па го закопал во дворот од заедничката куќа: расчистено убиство во Кавадарци

Денеска (06.08.2025), ОВР Кавадарци до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против С.И.(43) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение дека сторил кривичнo делo „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик.
Тој се сомничи дека на 27.07.2025 во семејниот дом во Кавадарци со метален предмет нанел повреди на неговиот брат И.И.(42) од Кавадарци, од кои тој починал, по што телото го закопал во помошен објект во дворот од заедничката куќа.
Имено, вчера (05.08.2025), нивната сестра В.О.(44) во 11:00 часот во ОВР Кавадарци го пријавила за исчезнат нејзиниот брат И.И.. Додека, во 13:00 часот пријавила дека во помошниот објект во дворот од куќата на нејзините браќа, каде што отишла со сопругот, забележале дека има ископ покриен со ровка земја, по што се посомневале дека е можно нејзиниот исчезнат брат да е закопан внатре.
Веднаш по пријавата, на местото излегле јавен обвинител, полициски службеници и претставници од Институт за судска медицина Скопје, а од погребално претпријатие откопана е дупката и било пронајдено телото на И.И..
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција и вештачење. Истиот ден во 14:40 часот, по извршени оперативни проверки и добиени сознанија и во координација со јавен обвинител, полициски службеници го лишиле од слобода С.И., по што го спровеле во јавното обвинителство, каде во службен разговор го признал делото.