Култура
Шекспировата „Кротењето на опаката“ со украинските актери ја отвора интернационалната драмска програма на „Охридско лето“
Театарската претстава „Кротењето на опаката“ од Вилијам Шекспир, во режија на Викторија Шевченко, а во изведба на Киевски академски регионален музички и драмски театар „П.К. Саксагански“ од Украина ќе биде прикажана вечерва како дел од драмската програма на годинешното 62. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Две и полчасовната претстава ќе се одигра во предворјето на црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Дел од актерската екипа денеска на прес-конференција обелодени дека „Кротењето на опаката“ е всушност современо читање на Шекспир, кое, како што рекоа, никого нема да остави рамнодушен.
-Среќен сум заради улогата во претставата и што можам да ја отелотворам на сцената. Самата претстава е несекојдневна, специфична. Режисерката има сменето буквално сè, има специфичен пристап кон шминка, костими… и имаше храброст да промени дел од текстовите на Шекспир. Шекспир малку го скусивме, малку го препишавме и додадовме нешто наше, но сметам дека на сите гледачи ќе им се допадне. Современото читање на Шекспир нема да остави никого на страна, рече актерот Владислав Красиков, кој вечерва ќе ја игра улогата на Петручио.
Целото дејство во претставата се одвива околу младата Украинка Маргарита Овчарова, која ја толкува улогата на Кетрин, млада и богата девојка за која се водат напори да биде скротена.
-Вечерва ќе прикажеме современа интерпретација на Шекспир што ќе биде мошне интересно за публиката. Самиот процес на реализација на оваа театарска претстава беше многу интересен, рече Овчарова.
Виталиј Томњук, раководител на одделот за култура, националности и религија на градскиот совет на градот Буча потенцира дека денешната трагедија во Украина не само што го спречува нормалното функционирање на културниот сектор, го уништува културното наследство, туку, како што кажа, ги одзема и животите на многу цивили меѓу кои и професионалните уметници.
-Секој го брани својот фронт, воен, волонтерски. Секој има свое оружје. А за нас тоа оружје е културно и уметничко. Украинските музички групи, пејачи, театарски колективи ширум светот одржуваат хуманитарни концерти за поддршка на вооружените сили на Украина и на жртвите од војната. Во оваа војна веќе не може да се поставува прашање дали има место за културата. Бидејќи оваа војна е токму борба за нашата украинска култура, рече Томњук.
Како што најави селекторката на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ Сања Арсовска, со театарската претстава „Кратењето на опаката“ почнува интернационалната драмска програма на фестивалот.
-Интернационалниот дел од драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ започнува вечерва во предворјето на црквата „Света Софија“ со театарската претстава „Кратењето на опаката“. Големо е задоволството во вакви тешки и неподносливи услови за живот во Украина што имаме гости од оваа земја. Благодарност до украинската амбасада во Република Северна Македонија којашто ни помогна да стапиме во контакт и да го реализираме ова нивно гостување. Се радувам што вечерва украинските актерите наместо со звуците на аларм за тревога, на проектили и истрели, ќе играат и ќе се чувствуваат безбедно токму на сцената на фестивалот, истакна селекторката Арсовска.
Директорката на фестивалот „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, на денешната прес-конференција подвлече дека годинешното 62. фестивалско издание е на половина од својата реализација.
-Точно сме на половина од реализацијата на годинешново 62. фестивалско издание и можам слободно да кажам дека фестивалските вечери изминативе 20 дена изминуваат со квалитетна програма и полни гледалишта. За повеќето настани се бара и карта повеќе што за нас е доказ дека „Охридско лето“ и годинава понуди квалитет и содржини привлечни и атрактивни за пошироката публика. Остануваат уште 20 фестивалски вечери во кои ќе понудиме квалитетна програма и вечери за паметење. Оттука со право можам да најавам дека „Охридско лето“, како фестивал кој е поддржан од Министерството за култура, а под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, и со ова 62. издание ќе ги оправда очекувањата на љубителите на уметноста, очекувањата на спонзорите, помагателите и пријателите, рече директорката Поповиќ.
Театарската претстава „Кротењето на опаката“ ќе се одигра на „Охридско лето“ со поддршка на Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија како содржина во рамки на традиционалната Украинска вечер на фестивалот.
Киевски академски регионален музички и драмски театар „П.К. Саксагански“ од Украина е најголемиот и најстар театар во регионот на Киев основан уште во далечната 1934 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина македонскиот актер Лазе Манасков
На 67-годишна возраст денеска почина македонскиот актер Лазе Манасков.
-Со длабоко жалење ве известуваме дека нашиот актер и долгогодишен колега Лазе Манасков почина денеска. Вечерашната изведба на претставата „Куршуми над Бродвеј” ќе биде изведена во негова чест! Нека му е вечна слава!, наведуваат од Драмски театар.
Манасков е роден во 1958 година. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година се вработил како актер во Драмски театар – Скопје и работи сѐ до неговото пензионирање во 2022 година.
Ќе остане познат по своите улоги во „Исцелител“, „Сенки“, „Трст виа Скопје“, „Еурека“, „Солунски патрдии“, Македонски народни приказни, „Преспав“, „Пусто турско“.
Култура
Новогодишен концерт на Зарина Првасевда, „Кадифено“, во Македонската филхармонија
На 20 декември со почеток во 19 и 30 часот во Македонската филхармонија концерт ќе одржи македонската вокална интерпретаторка и музичарка Зарина Првасевда.
На денешната прес-конференција беа споделени детали за концертот „Кадифено“, кој претставува уникатно музичко патување што ги спојува традицијата, современиот звук и светската музичка виртуозност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт за мене е многу личен процес и еден вид враќање кон корените, но и нивно преосмислување. Материјалот што ќе го изведам произлегува од македонската и ориенталната музичка традиција, но е создаван низ слобода, импровизација и современ звучен јазик. Сакав публиката да го почувствува овој концерт како интимен простор – како заедничко доживување во кое музиката не е само изведба, туку разговор, емоција и трансцедентност“, изјави Евгенија Здравевска, позната под својот уметнички псевдоним Зарина Првасевда.
Гостите од Турција, Џенк Еродоган, светски познатиот виртуоз на фретлес гитара и Греми награден уметник како и перкусионистот и мултиинструменталист Ахмет Алан, беа оправдано отсутни поради доцнење на нивниот лет за Скопје од повеќе од два часа, предизвикано од густата магла над Скопје, изјавија организаторите.
Џенк Ердоган е Греми награден композитор и еден од највлијателните фретлес-гитаристи во светот. Како дипломец со First Class Honours и предавач на Berklee College of Music, тој е врвно интернационално име. Добитник е на Yeşilçam награда за Најдобар саундтрак, настапувал со светски музичари како светски познатиот индиски перкусионист Трилок Гурту и американскиот џез фјужн тапанар Дејв Врекл како и турнеи низ Европа и САД.
Ахмет Алан е турски перкусионист кој свири традиционални инструменти како бендир. Гордо го комбинира богатството на турската фолклорна музика со современи ритми, давајќи му свеж, жив звук на традиционалниот перкутерски израз. Неговите настапи често се мешавина од енергија, игра и ритам — што ги прави привлечни и за публиката што ја обожава класичната етно-музика, и за оние кои бараат модерни звучни искуства. Со тоа, Алан е мост помеѓу минатото и сегашноста во светот на турската перкусиона музика.
„Кадифено“ е концерт кој ќе понуди искрена емоција, длабока музичка нарација и редок спој на домашна и меѓународна уметничка енергија – вистинско предновогодишно културно доживување.
Билетите за концертот се достапни на веб страната другастрана.мк.
фото/Кристијан Арсовски
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.

