Македонија
Костадиновска-Стојчевска во Смилево: Ние, Македонците, никогаш и ништо не сме добиле на подарок
Нема Македонец, каде и да е на оваа „дуња“, кому денеска не му доаѓа да заплаче како дете зашто денеска е нашиот празник над сите празници – Илинден, рече во својот емотивен говор министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во Смилево.
– Овде, во Смилево, каде што се и колепката и гробот на нашиот национален херој Дамјан Груев, е донесена конечната одлука за востание во 1903. Ние, Македонците, никогаш и ништо не сме добиле на подарок. Нас повеќе нė радувала слободата отколку што нė плашела смртта. Илинденското востание е задушено во крв и во солзи, но Илинден е нашата победа и нашата скапо платена слобода, додаде таа.
Костадиновска-Стојчевска дополни дека Крушевскиот манифест и Декларацијата на АСНОМ се четива со европски вредности, достојни, и денес, и за проучување и за почитување. Воедно, сите наши Илиндени испратија и јасна порака до целиот свет дека – „Македонско име нема да загине“.
– Под ова Сонце на слободата, велиме – Илинден е нашиот одговор на секое наше негирање, на секое посегнување по нас, на секое изживување со нас. Ние одамна си го врвиме својот пат и си ја гледаме својата работа. Го подигнавме бајракот за СМРТ или СЛОБОДА, без двоумење застанавме под бајракот на антифашизмот. Секогаш сојузници на доброто, секогаш на страната на праведното, рече таа.
Покрај посетата на Смилево Костадиновска-Стојчевска беше дел и од делегацијата на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски заедно со првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во Крушево.
Владината делегација се поклони и оддаде почит положувајќи свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев во споменикот „Македониум“ на Гумење и на споменикот на паднатите борци на Слива, кои се симбол на жртвата на востаниците за одбрана на Крушевската Република.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.
Македонија
Да, и ние и граѓаните веруваме дека чантата е 944 денари, му се извинуваме на Орце Ѓорѓиевски што му ја отворивме најболната тема, велат од СДСМ
Му се извинуваме на Орце Ѓорѓиевски што му ја отворивме најболната тема, каде завршуваат парите на граѓаните од тендерите кои ги добиваат двете омилени фирми на власта, „Пирамид билдинг“ и „Ленди груп“, велат од СДСМ.
Според оваа партија, за два месеци 96 милиони денари или 1,56 милиони евра добиле, како што истакнуваат, „омилените фирми на Орце и на ВМРО-ОКГ од Град Скопје каде тој е градоначалник“.
„20 милиони денари е тендерот за „Пирамид Б“ со склучен договор на 05.12.2026 година.
76 милиони денари е тендерот за „Ленди Груп“ со склучен договор од 28.01.2026 година.
Едни исти фирми, на централно и на локално ниво добиваат тендери и ние да им се извиниме?
Да не треба да му се извинуваме на Орце и за 56 тендери на „Пирамид билдинг“, каде е татко му на шефот на кабинет на Мицкоски, Нелоски?
Или да се извинуваме и 74 тендери на „Ленди груп“ вредни 17.5 милиони евра?
Вие да делите тендери и да се луксузирате на грбот на народот со авиони, часовници, чанти а народот кој не може да врзе крај со крај да ви се извинува?
Извини Орце, да не се малку тендери, да не треба повеќе“.
А што се однесува до чантата, следниот пат, додаваат од опозициската партија, кога ќе објавуваат слика, прво нека ја проучат разликата од таа што неговата сопруга ја носи на промоцијата со онаа којашто ја објави денеска, „очигледна е“.
„Да да, и ние и граѓаните веруваме дека чантата е 944 денари. Веруваме да“.
Македонија
Се заканувал со напад со „калашников“, иснпириран бил од настан од САД: дваесетгодишник од Мала Речица под истрага за тероризам
Јавен обвинител од ОЈО ГОКК донесе наредба за спроведување на истражна постапка против дваесет годишен жител на Мала Речица за сторено кривично дело Тероризам.
Осомничениот на крајот на месец јануари годинава преку социјалната апликација „Discord“ испратил сериозна закана дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје – автоматска пушка АК-47 позната како Калашников, притоа појаснувајќи дека истиот е со нарушено психичко здравје. Инспирација за ваков напад, му бил настан од 14.12.2012 година во САД кога Adam Lanza – 20 годишно момче, во Училиште во САД со автоматка пушка убило 26 лица од кои 20 деца.
По добиени информации од Амбасадата на САД во Скопје дека од страна на ФБИ е поднесено барање за итно откривање на „Discord“ профил што се наоѓа во нашата земја, а од каде што се упатени сериозните закани, МВР во координација со ОЈО ГОКК презедоа дејствија за откривање на сторителот. По идентификација и лоцирање на корисничката адреса на 17.2.2026 година под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и асистенција на САЕ Тигар извршија претрес на дом и други простории во Мала Речица.
При претресот кај осомничениот се пронајдени и одземени секира, пет ножа со различна должина, телескоп, седум Iphone мобилни телефони и компјутер. Исто така, од таткото на осомничениот е одземен пиштол за кој поседува дозвола и повеќе парчиња муниција. Останатото пронајдено оружје – пиштол и автоматска пушка, дедото на осомничениот ги поседувал без дозвола и за него е поднесена кривична пријава до ОЈО Тетово за кривично дело Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје достави предлог за определување на мерка притвор против осомничениот. Предлогот е прифатен и со Решение мерката е определена во траење од 30 дена, соопшти обвинителството.

