Македонија
(Видео) Пендаровски положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчински“
Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, денеска го посети манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија и положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ.
По церемонијата, претседателот Пендаровски изрази благодарност до српскиот претседател, Александар Вучиќ и српскиот патријарх, г. Порфириј, што по пауза од 18 години овозможија одбележување на државниот празник во манастирот.
„ Ова е местото кадешто е формирана современата македонска држава. Од различни причини не можевме да дојдеме тука и на ова место тука да го прославиме тој празник, па правевме некакви алтернативни, паралелни прослави во близина, но не и овде, кадешто е навистина одржано историското заседание на АСНОМ. Јас се надевам дека ова е почеток на една добра традиција, во која 2 Август, ова е нашиот втор Илинден, ќе го прославуваме тука, и од тука натаму, како велат старите, со сите нишани ќе доаѓаме да одадеме почит на оние кои ја формирале македонската држава во 1944 година“, изјави претседателот Пендаровски.
Претседателот Пендаровски го разгледа манастирскиот комплекс и се поклони пред моштите на Св. Прохор Пчински.
Во државнo-црковна делегација беа министерката за одбрана, Славјанка Петровска, пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, Мирослав Јовановиќ и Лидија Тасевска, Кумановско-осоговскиот митрополит г. Григориј и Епископот Стобиски г. Јаков, како претставници на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, како и претставници од Сојузот на борците на НОБ.
Од српска страна, на чествувањето присуствуваа министерот за надворешни работи на Република Србија, Никола Селаковиќ и Епископот врањски г. Пахомије, како претставник на Српската Православна Црква.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мисајловски во посета на припадниците на македонската Армија во операцијата ЕУФОР – Алтеа
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во Сараево ги посети припадниците на македонскиот контингент во операцијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина, ЕУФОР Алтеа, при што се информираше за нивниот ангажман и придонес кон безбедноста и стабилноста на земјата.
На средбата со командантот на ЕУФОР, генерал-мајор, Флорин-Мариан Барбу, министерот го истакна значењето на оваа операција за безбедноста на регионот, укажувајќи дека нашата држава речиси две декади континуирано придонесува кон напорите на Европската Унија за одржување на безбедна и стабилна Босна и Херцеговина.
Во Сараево, министерот се сретна и со припадниците на македонскиот контингент интегриран во рамки на единица од Турција, како и со македонскиот претставник во командата на ЕУФОР. На средбата, Мисајловски им честиташе за високото ниво на професионализам, ангажман и подготвеност, истакнувајќи дека токму нивната работа е најдобар пример за партнерство и доверба меѓу земјите кои придонесуваат во оваа операција.
„Горд сум на секој наш припадник кој учествува во операцијата Алтеа. Вашиот придонес не е само во функција на мирот и стабилноста во БиХ – тој е силна порака за нашата заложба како држава, за нашата посветеност на европските безбедносни политики и за нашата улога како кредибилен партнер во меѓународните мисии“, истакна Мисајловски.
Тој најави дека нашата држава ќе продолжи активно да придонесува кон зацврстување на безбедноста на регионот, преку учеството во операцијата на ЕУ во Босна и Херцеговина и НАТО – мисијата на Косово.
На тој начин, додаде Мисајловски, ја одржуваме долгорочната стабилност во регионот и безбедноста на сите наши граѓани.
Припадниците на македонската Армија во операцијата ЕУФОР – Алтеа учествуваат од 2006 година. Во моментов во рамки на операцијата учествуваат 33 армиски припадници.
Во базата „Бутмир“ во Сараево, Мисајловски положи свежо цвеќе на спомен обележјето на припадниците на македонската Армија кои загинаа во хеликоптерската несреќа кај Катлановско Блаце, а кои беа дел од оваа мисија.
Македонија
Дожд до сабота, од недела пониски утрински температури
Времето утре ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни во источните делови (над 35 l/m²). На планините врнежите ќе бидат од снег, а на некои од повисоките места од дожд и снег. Ќе дува умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, облачно со повремени врнежи од дожд. Во повисоките делови од котлината врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 5 степени.
Во сабота на планините и на повисоките места ќе провејува слаб снег. Од недела времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. По одделни котлини ќе има појава на магла и таму температурата ќе остане пониска.
Македонија
Општина Кисела Вода: Бесплатни логопедски услуги достапни и во Драчево
Општина Кисела Вода соопшти дека ги проширува бесплатните логопедски, дефектолошки и психолошки услуги и за децата од Драчево и од околните населби Пинтија, Усје и Стаклара, како одговор на зголемениот интерес и реалните потреби на семејствата.
Денес, во Домот на културата во Драчево, каде што ќе бидат сместени новите простории на ГАСПАР Центарот, беше промовирано проширувањето на оваа услуга. Настанот се одржа во присуство на родители, деца, дефектолози, наставници од училиштата и градинките, како и стручни лица вклучени во процесот.
„Со оглед на тоа што веќе една и пол година, ГАСПАР Центарот успешно реализира вакви часови во Припор, а интересот и бројот на корисници постојано расте, Општина Кисела Вода одлучи да ја направи услугата подостапна и за овој дел на општината, уште еднаш потврдувајќи ја својата лидерска улога како прва општина во државата што овозможи ваков тип бесплатна поддршка за децата.
-Со ова, ја прошируваме услугата која веќе 1.5 година успешно се реализира во Припор, а од денес, таа станува подостапна и за овој дел на општината. Нашата цел е јасна- треба и мора да има навремена поддршка, полесен пристап и услуга поблиску до семејствата.
Општина Кисела Вода беше и останува првата општина во државата која воведе ваков тип бесплатни логопедски, дефектолошки и психолошки услуги за деца. Со денешното проширување, ја потврдуваме нашата лидерска улога и покажуваме континуитет во политиките кои се насочени кон реалните потреби на граѓаните. Сакам јасно да нагласам дека овие услуги се целосно бесплатни за децата од семејства во социјален ризик, како и за децата кои имаат наод и проценка од стручна комисија (МКФ). Дополнително, обезбедена е и бесплатна психолошка поддршка за овие семејства, затоа што поддршката мора да биде сеопфатна и долгорочна.
Особено важен сегмент од оваа соработка е и тоа што, согласно договореното, ГАСПАР врши обуки за вработените во градинките и училиштата во општината, со цел унапредување на нивните знаења и вештини за работа со деца кои имаат ваков тип потешкотии. Тоа значи подобар систем, поголем квалитет и сигурност за родителите- истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

