Култура
Aвторска вечер на Лазар Нелковски, ќе биде прикажан неговиот прв документарен филм „Скопје – Градот на трудот
Во Кинотеката на Македонија, летно кино „Мирно лето“, сабота, 6 август, во 19:45 часот ќе биде одржана авторска вечер на Лазар Нелковски, во рамките на која премиерно ќе биде прикажан неговиот прв документарен филм „Скопје – Градот на трудот“, ќе бидат прикажани филмските вежби кои ги изработи во рамките на филмската училница на Кинотеката на РСМ, како и краткиот игран филм DREAM во режија на Ленид Загрос, во кој игра главна улога, кој исто така за прв пат ќе биде прикажан пред публика.
По завршување на филмските проекции Нелковски концертно ќе го презентира својот прв музички албум BORDER.
Филмот „Скопје – Градот на трудот“ е свеж поглед на младите кон градот Скопје, неговата историја и архитектура, тоа е бакнеж на новата генерација кон својот роден град.
Филмот DREAM е љубовна драма во којашто е обработена тема за анонимен фотограф заљубен во девојка којашто е во врска со неговиот ривал.
Прв филм, прва улога, прва проекција, прв самостоен концерт, прв чекор!
Од „0“ до „1“ е повеќе отколку од „1“ до бесконечност!!!
Лазар Нелковски е роден во 2005 година, од рана возраст изучува музика а потоа драма, театар и филм. Завршува нижо музичко училиште, отсек пијано, а дополнително учи класична, рок-гитара и тапани. Потоа интензивно започнува да се занимава со театар, посeтувајќи неколку драмски студија, учествува во два меѓународни театарски проекти, шест години учествува на националниот фестивал Giffoni Makedonija, а оваа година беше претставник на нашата земја на меѓународниот филмски фестивал Giffoni во Италија. Во 2020 и 2021 година ја посетуваше филмската училница на Кинотеката на РСМ. Тој е и активен ракометар и има настапувано за младинските категории на ракометниот клуб „Бутел“ и за првиот тим на ракометниот клуб „Македонија Ѓорче Петров“. Во 2021 година го основаше фестивалот „Нови простори“ и раководи со неговата организација и реализација, во рамките на МЦКР. Првите две години од средното образование ги заврши во средното училиште „Орце Николов“ во Скопје, а своето образование ќе го продолжи на колеџот UWC во Исак, Јапонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.

