Култура
„Фантомско стапало“ на Миневски објавен на руски јазик во Москва
Романот „Фантомско стапало“ од Блаже Миневски излезе на руски јазик во Москва. Преводот од македонски на руски за книгоздателството „Рудомино“ е на Олга Панкина, темелен познавач на двата јазика и голем популаризатор на македонските културни вредности во Русија.
Главниот уредник на реномираниот руски издавач Центар за книга „Рудомино“ Jуриj Фридштеjн, поет и критичар, човек со огромно искуство на полето на книжевноста е воодушевен од романот на Миневски.
Во препораката стои дека се работи за фасцинантна наративна структура која се „исчитува“ на повеќе нивоа, а особено автентичен е раскажувачкиот слој кој е препуштен на предметите, растенијата и птиците, со што приказната раскажана однатре, од срцето на самото постоење, го фиксира животот таков каков што тој не помни, а ние сме го заборавиле. Како што велат во „Рудомино“, станува збор за оригинална иновација која животот го воспоставува, чува и брани од самото срце на постоењето, маестрална проза за постоењето надвор од постоењето, почнувајќи од мајсторските слики па сè до начинот на кој се води приказната.
Романот за реалното отсуство и фиктивното присуство е објавен во тираж од илјада примероци, во специјална едиција, многу квалитетно реализирана, во тврда подврска и современ ликовно-графички дизајн. Автор на дизајнот е Петр Бем а на корицата е аплициран фрагмент од слика на македонскиот академски сликар Владимир Темков.
Ова е прва посебна книга на Блаже Миневски објавена на руски, иако тој веќе им е познат на руските читатели од објавениот извадок од романот „Нишан“ (2012) и од неколкуте раскази претставени во книгата „Македонски раскази“. Центарот за книга „Рудомино“, кој соработува со огромен број книжарници во Русија, ќе ја обезбеди дистрибуцијата на книгата на големото руско јазично подрачје, изјави преведувачката Олга Панкина, подвлекувајќи дека „Фантомско стапало“ е шести македонски роман што го има преведено во последниве осум години во соработка со Серуската државна библиотека за странска литература, коjа располага со над пет милиони книги, но која и понатаму постојано го пополнува својот книжевниот фонд со дела преведени од други јазици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Култната монодрама „Последниот час на Његош“, која го прошета светот, гостува во МНТ на 28 февруари
Монодрамата „Последниот час на Његош“, со актерот Слободан Маруновиќ, првенец на Црногорското народно позориште ќе гостува на сцената во Македонскиот народен театар, на 28 февруари, во 20 часот.
По текст на Слободан Томовиќ и во режија на Благоја Ераковиќ, монодрамата во која ликот на Петар II Петровиќ Његош, маестрално ја игра Маруновиќ, досега е изведена повеќе од 1.500 пати на театарските сцени низ светот.
Ги има добиено најголемите регионални, европски и светски признанија и награди. Изведувана е во Париз, Њујорк, Рим, Виена, Цирих, Лондон, Москва, Кострома, Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Стокхолм, Ташкент, Самарканд, Сеул, Торонто, Бишкек, Костанaј, Монтреал, Халифакс, Чикаго, Детроит, Сан Франциско, Лос Анџелес, Сан Педро, Мелбурн, Сиднеј, Атина, Келн, Штутгарт, Карлсруе, Франкфурт, Бруклин, Њу Џерси, Улан Батор, Чељабинск, Хмељницки, Хановер, Кишињев и други.
Премиерно е изведена на 19 мај 1988 година во Црногорското народно позориште.
Монодрамата „Последниот час на Његош“ претставува јазично и мисловно слоевито драмско дело, посветено на Петар II Петровиќ Његош.
Во суштина, монодрамата е ремек-дело на драматично соочување со смртта, мигови во кои се преиспитува она што му припаѓа на времето, но со насетување на вечноста, со акцент на антрополошките и филозофските прашања.
Монодрамата, која се изведува речиси четири денеции, на театарските сцени во Црна Гора и низ светот е сведоштво за естетските вредности на текстот и за извонредниот дар на Слободан Маруновиќ, првак на Драмата на Црногорското народно позориште. Со актерска умешност го оживува ликот на поетот и владетелот. Неговата уметничка зрелост, емоционалното и интелектуалното влегување во ликот на Његош се клучните адути за долготрајниот живот на монодрамата „Последниот час на Његош“.
Синергијата меѓу добро осмислениот драмски текст на Слободан Томовиќ, инвентивната актерска интерпретација на Слободан Маруновиќ и режиските решенија на Благоја Ераковиќ се доказ дека само на овој начин можат да се создаваат големи остварувања.
„Монодрамата е синтеза на различни историски, културолошки, филозофски и метафизички аспекти и со своето повеќедецениско траење стана култна претстава — симбол со трајна естетска вредност“, извадок од театарската критика на Соња Томовиќ Шундиќ.
Билетите се пуштени во продажба.
Култура
Народниот театар „Војдан Чернодрински“ ќе ја одигра претставата „Црнила“ на сцената на МНТ
На 21 февруари, во 20 часот, во Македонскиот народен театар ќе гостува претставата „Црнила“, во продукција на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, во режија на Дејан Пројковски.
„Црнила“ е психолошко-политичка драма, која ја разоткрива кревкоста на човековата етика во затворен систем на заговори и идеолошка дисциплина. Во фокусот е ерозијата на индивидуалната совест под притисок на колективниот мит. Наместо херојство, пред публиката се разоткрива човечката слабост, но и она што останува од човекот кога идеологијата ќе го проголта.

Вистинските „црнила“ не се историски, туку антрополошки — тие се појавуваат таму каде што човекот ја губи способноста за сопствено мислење и морален избор.

Во претставата играат: Како Неда, Сара Спиркоска, во улогата на Иван, Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа како Милка, Александар Степанулески како Луков, Христов го игра Александар Тодески, ликот на Фезлиев е Димитар Ѓорѓиевски, како Методи, Михајло Миленкоски, Младичот е Илија Волчески, како и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа.
Култура
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ гостува во МНТ
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ ќе гостува на сцената на Македонскиот народен театар, на 20 февруари, во 20 часот. Станува збор за сценска адаптација на истоимениот антологиски роман на Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски.

„Црно семе“ е моќна и емотивна сценска приказна, која отвора едно од најболните поглавја од македонската колективна меморија — судбината и голготата на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна.

Преку личните судбини на ликовите, се отвораат теми за страдањето, истрајноста, идентитетот и достоинството, како и потребата приказните за минатото да останат живи и пренесени на новите генерации.

Драматизацијата е на Јелена Цветановска, сценографијата на Сергеј Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, сценските движења ги потпишува Дамјан Цветановски, а музиката е на Димитар Андоновски.

Во претставата настапуваат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Спировски, Никола Пројчевски, Хари Михајловски, Александар Стефановски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Живко Борисовски, Марија Цветановска, Александар Димитровски, Александар Копања, Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓоргиовски.

„Ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема. Затоа мора да се сеќаваме на имињата и судбините на нашите луѓе“, истакнува режисерот Андреј Цветановски, нагласувајќи ја улогата на театарот како чувар на историската и човековата вистина.

