Економија
Започна исплатата на правата од социјална и детска заштита

Министерството за труд и социјална политика информира дека денеска почна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец јули 2022 година.
Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 4 август 2022 година.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците кои не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа:
04.08.2022– А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ
05.08.2022– М, Н, Њ, О;П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска: Гасна интерконекција со Србија и борба со енергетската сиромаштија – приоритет во соработката со Светска банка

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес оствари работна средба со вишиот специјалист за енергетика при Светска банка, Редон Беголи.
На средбата се разговараше за тековната и идната соработка помеѓу Македонија и Светска банка во областа на енергетиката, со акцент на проекти кои ќе придонесат за зголемување на енергетската безбедност, ефикасност и одржливост.
Во октомври, на Годишното собрание на Светска банка во Вашингтон, државите ќе имаат можност да поднесуваат предлог-проекти за кои се бара финансиска и стратешка поддршка. Македонија ќе аплицира со неколку проекти, но како најзначаен се издвојува проектот за изградба на гасна интерконекција со Република Србија – инфраструктура од големо значење за регионалното поврзување и стабилноста на снабдувањето со енергенси.
Од Министерството посочуваат дека овој проект ќе овозможи диверзификација на изворите и правците на снабдување со природен гас, што е од суштинско значење за економската конкурентност и енергетската независност на земјата.
„Дополнително, Светска банка ќе биде непроценлив партнер и во финализирањето на методологијата за утврдување на енергетската сиромаштија, како и во подготовката на нови програми и политики за унапредување на енергетската ефикасност. Со овие активности ќе се создаде основа за поефикасно насочување на мерките кон најранливите категории граѓани и обезбедување праведна енергетска транзиција“, велат од Министерството.
Министерката Божиновска нагласи дека Владата останува посветена на спроведувањето на реформите во енергетскиот сектор и на зајакнувањето на партнерствата со меѓународните институции. „Со заеднички проекти и координирана поддршка, ќе ја унапредиме енергетската инфраструктура и ќе обезбедиме долгорочна сигурност и стабилност на енергетскиот систем во корист на граѓаните и економијата“, изјави министерката.
Економија
Николоски-Казидакис: истакната одлучноста на двете влади за изградба на брзата пруга на Коридорот 10

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска во Атина оствари работна средба со вицепремиерот на Владата на Грција, Костис Казидакис.
Ова е прва средба на двајцата вицепремиери со која се истакна важноста и промоција на економската соработка и регионалните инфраструктурни проекти.
На средбата беа потврдени заложбите на двете земји за подобра регионална соработка во делот на инфраструктурата, транспортот и услугите.
Беа презентирани стратешките приоритети на Владата во инфраструктурата и се потенцира важноста од поефикасно регионално поврзување како предуслов за забрзан економски развој на регионот.
Се истакна силната одлучност на двете Влади за изградба на брзата пруга на коридорот 10, регионален проект кој ќе овозможи развој на трговијата, зголемување на размената меѓу двете држави и брза врска на пристаништата во Грција со пазарите во Централна Европа.
На средбата се презентираа условите за инвестирање во земјата како и можноста за поголема економска и трговска соработка меѓу бизнис заедницата на двете земји.
Соговорниците заклучија дека соработката и реализацијата на проектите од регионално значење ќе продолжи во следниот период во насока на зголемување на ефикасноста на транспорот и меѓуграничната соработка.
Економија
Дурмиши со раководството на ЦАМЛ: Заеднички чекори за одржлив развој со фокус на работни места

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска оствари работна средба со главниот извршен директор на „Централ Азија Металс“ (ЦАМЛ), Гавин Ферар. На средбата присуствуваше и директорот за одржливост на Рудник САСА, Ивица Талевски.
Разговорите беа насочени кон досегашниот развој на рударскиот комплекс „САСА“, кој е една од најзначајните компании во рударската индустрија во државата, како и кон плановите за понатамошни инвестиции и примена на меѓународни стандарди во одржливото работење.
ЦАМЛ е во процес на завршување на повеќегодишна програма за капитални инвестиции во САСА, во вкупна вредност од приближно 47 милиони американски долари. Оваа програма има за цел воведување нови рударски методи и усогласување на складирањето на минералниот отпад со најдобрите меѓународни практики.
Менаџментот на компанијата го информираше Дурмиши за досегашните резултати од работењето и потенцијалот за понатамошен раст, вклучително и во делот на заштита на животната средина и подобрување на условите за работа на вработените. Притоа беше истакнато дека создавање на поволни услови за натамошен одржлив развој на рудникот и неговиот придонес за локалниот економски развој во Македонска Каменица остануваат врвен приоритет на компанијата.
Министерот ја нагласи поддршката од Владата за сите инвеститори кои покажуваат долгорочна визија и одговорност кон локалната заедница.
„Со успешни инвестиции како оваа, ја зајакнуваме економијата, обезбедуваме услови за стабилни работни места и испраќаме јасна порака дека Северна Македонија е сигурна и атрактивна дестинација за инвестирање. За нас како министерство и Влада секое работно место значи подобар стандард за граѓаните“, рече министерот.
На средбата, соговорниците се согласија дека клучно е продолжувањето на соработката во насока на развој на рударската индустрија со почитување на највисоки стандарди за здравје и безбедност на работниците, како и заштита на животната средина.