Црна хроника
Најден машки труп на Бистра, можно е да е еден од изгубените татко и син
Основното јавно обвинителство – Гостивар нареди обдукција на тело во распаѓање пронајдено на падините на Бистра, пронајден во месноста викана Кош во непристапниот терен кој води од Лазарополе кон Гари.
Обдукцијата ќе се врши на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија во Скопје.Првичните сознанија упатуваат дека починатото лице е еден од двајцата исчезнати – татко и син по кои се трагаше во изминатиот период на падините на Бистра. Сепак, обдукцијата треба да го утврди точниот идентитет на жртвата и причините за смртта, соопштија од обвинителството.Инаку, во потрагата која траше две недели, по исчезнувањето на 78-годишниот Љубомир Мицевски и неговиот 50-годишен син Сашо, се вклучија и армиските сили. Се трагаше од земја и од воздух, а трагаа роднините и пријателите, полицајци од повеќе сектори на МВР, како и обучени полициски кучиња, по шумите и долините на Бистра за да најдат каква и да е трага која ќе може да им навести дека таткото и синот минале по некоја патека.Таткото и синот биле облечени во воено-маскирни панталони. На соселаните кои ги сретнале во селската продавница од каде тоа утро купиле јадење им рекле дека одат да берат печурки. По неколку часа, по мобилен телефон неколкупати контактирале со соселаните. Им рекле дека се загубиле и дека не знаат каде се. Во краткиот опис за локацијата каде се наоѓаат, рекле дека околу нив има многу папрати. Претпоставувајќи дека се во месноста Ѓурепи, неколку селани од Лазарополе започнале потрага. Но, до вечерта не ги нашле. Следниот ден во потрагата се вклучиле и полициски специјалци. Љубомир Мицевски е поранешен офицер на ЈНА. Родум е од Велес, но безмалку цел живот го минал работно во Скопје. Неговиот син Сашо работи во МВР. Куќата во Лазарополе ја имале од поодамна.Последен контакт пред да им се испразни батеријата од мобилниот бил околу 22 часот. Од тогаш никој не знае каде се./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Маж и жена, државјани на Македонија загинаа на автопатот Белград – Ниш
Двајца државјани на Македонија, маж и жена од албанско потекло, загинаа рано утринава во тешка сообраќајна несреќа што се случи на автопатот Белград – Ниш, кај клучката Умчари, пишува српски „Курир“.
Несреќата се случила кога патничко возило „сеат“, со германски регистарски таблички, излетало од патот. Според неофицијални информации, возачот изгубил контрола над возилото, удрил во заштитната ограда и сообраќаен знак, по што автомобилот завршил надвор од коловозот.
Надлежните органи продолжуваат со истрагата за целосно утврдување на околностите под кои се случила несреќата.
Црна хроника
Велешанец приведен со 1,62 промили алкохол, нападнал и полицаец
Полициски службеници од СВР Велес ноќеска во 02.10 часот го лишиле од слобода 49-годишниот М.Н. од Велес откако при контрола на ул. „Благој Ѓорев“ утврдиле дека вози со 1,62 промили алкохол во крвта. Откако бил приведен нападнал полициски службеник.
Како што денеска информираат од СВР Велес, при сообраќајна контрола било сопрено патничко возило „рено“ со скопски регистарски ознаки, што го управувал М.Н. и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,62 промили алкохол во крвта. Тој бил приведен во полициска станица, каде физички нападнал полициски службеник. Известен бил јавен обвинител и по документирање на настаните, против него ќе бидат поднесени пријави по член 297-а и 383 од Кривичниот законик за „безобѕирно управување со моторно возило“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“, најавија од СВР Велес.
Црна хроника
Почина малолетник, со мопед удрил во бетонски столб
Малолетник починал откако со мопед удрил во бетонски столб во неготинско Тимјаник, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Велес.
– Денеска во ОВР Неготино е пријавено дека во 00:50 часот, во село Тимјаник, неготинско, мопед „лонгија“ со неготински регистарски ознаки, управуван од 17-годишник од село Тимјаник, удрил во бетонски столб. Од здобиените повреди, на местото на настанот починал возачот, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Неготино. Увид извршиле јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Неготино, соопштија од СВР Велес.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот малолетник било дадено на обдукција.

