Култура
„Охридско лето“ денеска слави 62 години успешно постоење
„Четврти август, денот кога почна ‘Охридско лето’, денот кога ѝ се поклонуваме на оперската дива Ана Липша Тофовиќ, го славиме со огромна возбуда, но и одговорност пред сè поради значењето и големината на оваа наша најголема музичко-сценска манифестација. Низ годините, тука, на фестивалската сцена настапиле најзвучните имиња од светот на музиката и театарот. Звуците на класичната музика во прекрасната Света Софија, грандиозните дела на неповторливиот Антички театар и квалитетните и атрактивни театарски претстави, се само доказ дека во древниот Охрид повеќе од половина век се негува музичката и театарска совршеност“.
Ова денеска го изјави директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, на прес-конференција посветена на концертот на Фламенко балетот „ЛУКСУРИА“, едно од најспектакуларните фламенко продукции во светот со што ќе се одбележи 62. роденден на „Охридско лето“.
Таа додаде дека над 1000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари годинава, на 62. фестивалско издание ја вознесуваат убавината на уметноста и создаваат магија во која уживаат бројни љубители на уметноста.
Најавувајќи го вечерашниот роденденски концерт на Античкиот театар на Фламенко балетот „Луксуриа“ од Шпанија, амбасадорот на Кралството Шпанија во земјава, Хозе Луис Лозано Гарсија, по повод роденденот на „Охридско лето“ потсети дека овој фестивал е најпрестижниот меѓународен фестивал во Република Северна Македонија на кој откако е основан во 1961 година досега продефилираа реномирани уметници од целиот свет.
Како што најавија на денешната роденденска прес-конференција селекторките на музичката и на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, Бисера Чадловска и Сања Арсовска, досегашните концерти и театарски претстави на 62. издание донесоа многу возбуда кај публиката токму заради нивниот квалитет.
„Досега имавме многу успешни концерти со прекрасни уметници кои гостуваа од целиот свет како и од нашата држава. Се радуваме на нивните успеси и на преполната сала каде што се одржуваат нашите концерти. По вечерашниот настап на Фламенко балетот ‘Луксурија’ нè очекуваат исто така успешни концерти. Се радувам кога се случувааат вакви успешни фестивалски денови и сметам дека овој фестивал е многу значаен за нашата држава како една културна традиција која ќе продолжи со ист ваков успех и интензитет“, истакна Чадловска.
Селекторката на драмската програма, Сања Арсовска честитајќи му го роденденот на „Охридско лето“, подвлече дека фестивалот е пристаниште за најквалитетните театарски креации.
„Благодарение на ‘Охридско лето’, Охрид изминативе 20-тина дена беше пристаниште на најдоброто од дома, на најквалитетните театарски претстави, на микс на драмски стилови и сценски јазици, наративи со коишто покажавме дека театарската уметност дише значајно, силно и здраво. До крајот на ова фестивалско издание ни остануваат уште четири театарски претстави коишто ќе се закотват на нашето театарско пристаниште. Би сакала да му го честитам 62. роденден на ‘Охридско лето’ и да посакам да продолжи да сјае најсветло помеѓу меѓународните фестивали од ваков тип“, додаде Арсовска.
Честа да го одбележи роденденот на „Охридско лето“ ја има Фламенко балетот „Луксуриа“ од Барселона, Шпанија, кој ќе настапи вечерва на Античкиот театар од 21 часот.
Хаиме Транкосо од менаџментот на Фламенко агенцијата се заблагодари за организацијата на вечерашниот настап, на директорката Наташа Поповиќ и на амбасадата на Кралството Шпанија.
„Привилегија е да се настапува на 62-годишнината на фестивалот, а исто така за нас е важно што овој перформанс го подготвувавме уште пред пандемијата и дојде време кога ќе го прикажеме на сцена“, рече Транкосо.
Главните танчери вечерва ќе бидат Давид Гутјерез и Паула Рејес.
„Првите импресии се волшебни. Воодушевени сме од Охрид, но и од климата бидејќи Шпанија во моментов се соочува со топлотен бран. Голема благодарност до организацијата на фестивалот и до Амбасадата на Кралството Шпанија за да се реализира проектот. Ги поканувам луѓето во Охрид да дојдат и да уживаат во вечерашната претстава која меѓународно е многу добро прифатена. Она што ќе можат да видат вечер е изведба на класично фламенко со модерни примеси“, најави Гутјерез.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.
Култура
Локомотива на Canal 2026 во Витри-сир-Сен (Париз)
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата (Северна Македонија) ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse.
Настанот обединува 10 француски танцови институции и 6 институции од Балканот (Грција, Словенија, Бугарија, Северна Македонија) и го претставува работењето на 32 уметнички тима преку извадоци/перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти.
Canal 2026 се одвива во Витри-сир-Сен на три локации—La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar, како и на cnd.fr, со онлајн издание што започнува од март 2026.
Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на Локомотива и ќе ги претстави кореографките/танчерки од Северна Македонија поврзани со организацијата: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Дополнително, Биљана Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија, во петок, 30 јануари (11:00–12:30, во MAC VAL) на тема: „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“
Уметнички презентации од Северна Македонија
Викторија Илиоска ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг што го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на кратења во културата и екстрактивни економии, работата ја поставува публиката како активен материјал на ситуацијата, а не како набљудувач—каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како заеднички ресурси. Делото прашува: За што треба да се тренираме како колективно тело за иднината што доаѓа?
Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја истражува врската помеѓу колективната меморија и личната танцова меморија, и прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото. Како дел од истражувањето, таа ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски.
Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд, CN D (Centre national de la danse) и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт, Министерството за култура и Министерството за Европа и надворешни работи.

