Спорт
Почнува новата сезона во Премиерлигата: Манчестер Сити го брани тронот, Ливерпул сака „одмазда“
На 15 август, пред точно 30 години, Брајан Дин од Шефилд Јунајтед го постигна првиот гол во историјата на Премиерлигата – новиот формат на елитната дивизија на Англија. Во следните 30 сезони, 4.488 фудбалери од 120 различни земји учествуваа во 11.646 натпревари во Премиерлигата.
50 различни клубови вкусија фудбал во англиската елита, а седум од нив ја освоија титулата во тој период. Квалитетот, динамиката и конкуренцијата во првенството го направија најпопуларен шампионат на глобално ниво. Натпреварите во Премиерлигата достигнуваат до 800 милиони домаќинства во 188 земји.
Вечерва почнува новата сезона во Премиерлигата, а честа да ја отворат ја имаат лондонските клубови Кристал Палас и Арсенал.
Со какви позиции и амбиции влегуваат клубовите во ова прво коло со кое започнува долгата битка за трофејот во Премиерлигата? Очекувањата на сите аналитичари се уште еднаш големата битка за првото место да се води меѓу добро познатите ривали Манчестер Сити и Ливерпул. Минатата сезона „граѓаните“ ја освоија титулата со само бод пред „црвените“, а интригата беше зачувана буквално до последното коло.
Тимот на Гвардиола на крајот издржа да ја освои титулата по четврти пат во последните пет сезони. Тимот сега е насочен кон кревање на трофејот третпат по ред. Досега ова му успеа само на Манчестер Јунајтед (црвените ѓаволи го постигнаа двапати – помеѓу 1999 и 2001 година и помеѓу 2007 и 2009 година). Сити се раздели со некои големи имиња ова лето како Рахим Стерлинг, Габриел Жесус, Олександр Зинченко и Фернандињо.
Сепак, „граѓаните“ и се засилија со многу квалитетни фудбалери – Ерлинг Халанд, Калвин Филипс и Хулијан Алварез. Како резервен голман беше донесен и Стефан Ортега. Останува да видиме дали ова ќе му донесе уште поголема предност на Манчестер Сити или на тимот ќе му треба повеќе време да се прилагоди на промените кои се неизбежни со присуството на фигура како Халанд.
Ливерпул минатата сезона се бореше за вкупно четири трофеи, освојувајќи два од нив – Лига купот и ФА Купот. Тие претрпеа разочарувања во Премиерлигата и во Лигата на шампионите, но тимот на Јирген Клоп досега постојано покажуваше дека тие разочарувања се способни да ги трансформираат во огромна мотивација за понатамошни успеси. Ливерпул веќе го зададе првиот удар против својот голем ривал, откако пред една недела го надигра и го победи Сити во пресметката за „Комјунити Шилд“. Сепак, ќе успеат ли „црвените“ да триумфираат на крајот од сезоната?
И Јирген Клоп сериозно го засили својот тим. Ливерпул се раздели со Садио Мане, како и со Дивок Ориги, Такуми Минамино и Неко Вилијамс, но на „Енфилд“ пристигна Дарвин Нуњез, кој веќе конкурира да биде значајна фигура, како и талентираните Фабио Карваљо и Калвин Ремзи.
Минатата сезона Челси имаше амбиција да се бори со Манчестер Сити и Ливерпул за врвот. Таа цел набрзо им побегна на лондончани, а сопственичките проблеми во клубот предизвикаа голема загриженост кај играчите и навивачите. Челси сепак успеа да го задржи третото место, а клубот сега има нов сопственик во Тод Боели, кој има амбиција да ги повтори успесите на Роман Абрамович. Проблемот е што сите овие процеси многу ја забавија селекцијата во клубот. Сепак, Челси досега направи два значајни трансфери, а ги доведе Рахим Стерлинг и Калиду Кулибали. Беше доведен и младиот Карни Чуквуемека. Сепак, Кристенсен, Рудигер и Ромелу Лукаку си заминаа и оставија голема дупка која ќе треба да се пополни до крајот на летниот преоден рок.
Сериозни амбиции за новата сезона имаат и големите ривали од северен Лондон, Тотенхем и Арсенал, кои минатата сезона водеа жестока битка за четвртото место. Со квалификациите на тимот за Лигата на шампионите, Антонио Конте направи прилично добар „шопинг“. Ришарлисон, Ив Бисума, Иван Перишиќ, Џед Спенс и Фрејзер Форстер беа купени, додека Клемент Ленгле е доведен на позајмица.
Микел Артета исто така ќе има многу поспособен состав со кој ќе се обиде да го врати Арсенал во Лигата на шампионите. Досега „топчиите“ ги доведоа Габриел Жесус, Олександр Зинченко, Фабио Виеира, Маркињос и Мет Тарнер.
Тука е и Манчестер Јунајтед, со нов менаџер Ерик тен Хаг, и со летната „драма“ околу (не)останувањето на Кристијано Роналдо. Прашање е дали и колку новиот шеф ќе може брзо да ги трансформира „црвените ѓаволи“. Кристијан Ериксен можеби ќе помогне многу во организацијата во средниот ред.
Почнува Премиерлигата, темпото е жестоко и теренот ќе покаже кој е најдобар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Почина Никола Пјетранѓели, легенда на италијанскиот тенис
Никола Пјетранџели, поранешен италијански тенисер, почина на 93-годишна возраст.
Двоен шампион во сингл на Ролан Гарос (1959, 1960), тој беше првиот Италијанец што освоил Гренд слем титула, а во текот на својата кариера крена 48 трофеи.
Беше селектор на тимот на Италија во Дејвис купот што ја освои „Салатара“ во 1976 година, по што ќе поминат речиси четири децении пред „Азурите“ со Јаник Синер да го повторат тој успех.
Тој е рекордер на тоа натпреварување со дури 164 натпревари, како и победи во сингл (78) и двојки (42). Неодамна изјави дека на неговиот наследник Синер ќе му бидат потребни неколку животи за да го сруши неговиот рекорд за најмногу настапи во Дејвис купот.
„На Синер ќе му требаат три или четири животи за да ги сруши сите мои рекорди. Особено затоа што имам еден што е ненадминат – 164 натпревари во Дејвис купот. Сакам да кажам дека тој е на вистинскиот пат, има само 23 години. Секако, со исклучок на бројот на одиграни натпревари. Тој не може да го достигне тоа“, рече Пјетранџели.
Тој е единствениот Италијанец кој беше вклучен во Куќата на славните на тенисот во 1986 година.
Од 2006 година, стадионот во комплексот Форо Италико го носи неговото име.
Спорт
Федерер: Тоа финале не требаше да го загубам
Роџер Федерер има изгубено 11 финалиња на Гренд слем турнирите, жали само за едно. Во интервју за швајцарскаиот весник „Tages-Anzeiger“, откри дека тоа не е финалето против Новак Ѓоковиќ во 2019 година, кога пропушти две меч топки. Инаку по тоа финале во 2019 година, Федерер никогаш повеќе не избори пласман во Гренд слем финале.
На прашањето кој меч би сакал повторно да го игра, сопственикот на 20-те најголеми пехари, одговори:
„Финалето на Отвореното првенство на САД во 2009 година против Хуан Мартин дел Потро. Требаше да го добијам тој меч, но на загревањето болката во грбот ми се врати и пропуштив многу можности. Требаше да го добијам тој натпревар“.
Делпо победи со 3:6, 7:6 (7:5), 4:6, 7:6 (7:4), 6:2, но тој неуспех имаше многу посериозни последици за кариерата на Федерер отколку што тој претпоставуваше тогаш.
„Овој пораз ја заврши мојата серија на Отвореното првенство на САД“ – објасни Швајцарецот, кој освои пет последователни титули во Њујорк пред тој натпревар, а ниедна потоа. Тој одигра само уште едно финале Флашинг Медоус подоцна во својата кариера. Го загуби од Ѓоковиќ во 2015 година.
Спорт
(Видео) Дончиќ е во врвна форма – Лејкерси славеа против Њу Орлеанс
Словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ ги предводеше Лос Анџелес Лејкерс до нивната седма последователна победа во НБА лигата.
Лејкерс ги победија Њу Орлеанс Пеликанс со 133:121, брилијантниот Словенец постигна 34 поени (20 во првата четвртина). На својот настап додаде 12 скока и седум асистенции.
За Лејкерс, ова беше 13-та победа во последните 15 натпревари. Дончиќ доби поддршка од Остин Ривс со 33 поени и осум асистенции и Деандре Ајтон со 22 поени и 12 скока. Леброн Џејмс синоќа паузираше поради болка во левото стапало. Џејмс играше само четири натпревари за Лејкерс оваа сезона поради закрепнување од повреда.
Во отсуство на Леброн, Дончиќ ја игра најдобрата сезона во кариерата. Тој е лидер во НБА лигата со просек од 35 поени по натпревар. Тој е и четвртиот асистент во лигата со 9,2 асистенции по натпревар. Синоќешниот натпревар против Пеликанс беше негов шести последователен натпревар во кој постигна 30 или повеќе поени.
„Езерџиите“ е на второто место во Западната конференција со сооднос победи-порази од 15:4.
Резултати:
Јута – Хјустон 101:129
/Бејли 19 – Шенгун 27/
Кливленд – Бостон 115:117
/Мобли 27 – Причард 42/
Филаделфија – Атланта 134:142 (115:115)
/Макси 44 – Џонсон 41/
Њујорк – Торонто 116:94
/Таунс 22 – Квикли 19/
Портланд – Окалхома 115:123
/Обадија 31 – Гилџес Александер 26/
Минесота – Сан Антонио 125:112
/Едвардс 32 – Фокс 25/

