Свет
Американскиот теоретичар на заговор мора да плати отштета од 45,2 милиони долари
Американскиот теоретичар на заговор Алекс Џонс мора да им плати отштета од 45,2 милиони долари на родителите на 6-годишното момче убиено во масакрот во основното училиште во Сенди Хук во 2012 година, надополнето на веќе доделените 4,1 милиони долари – за лажно тврдење дека пукањето е измама, пресуди поротата во Тексас.
Нил Хеслин и Скарлет Луис, разделените родители на убиениот 6-годишен Џеси Луис, сведочеа дека следбениците на Џонс со години ги малтретирале и им испраќале смртни закани со лажно верување дека родителите лажеле за смртта на нивниот син во декември 2012 година, во пукање во кое беа убиени 20 деца и шест членови на персоналот во основното училиште Сенди Хук во Њутаун, Конектикат, САД.
Дванаесет поротници одлучија за казнена отштета еден ден откако доделија надомест на штета по двонеделното судење за клевета со кое претседаваше судијката Маја Гера Гембл во државниот суд во главниот град на Тексас, Остин, каде Џонс е домаќин на радио емисијата и веб-страницата Infowars.
Џонс, истакната фигура во американските десничарски кругови и поддржувач на поранешниот претседател Доналд Трамп, го нарече масакрот во Сенди Хук измама од американската влада, организирана од актерите на кризата за да послужи како изговор за одземање на оружјето на Американците.
Родителите барале 145,9 милиони долари за казнена отштета и 150 милиони долари за надомест на штета. Надоместокот се доделува како компензација за страдањето и загубата на тужителот, додека казнената штета се доделува со цел да се казни обвинетиот за сторените кривични дела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

