Македонија
АХВ демантира дека има отровни детски сокови во Македонија
Агенцијата за храна и ветеринарство најостро ги демантира наводите изнесени на едн порталот со наслов “Внимавајте: Отровни детски сокови во Македонија- граѓаните реагираат”.
Инспекциските служби во понеделникот извршија контрола кај компанијата Соко Горица дооел,за која во написот неосновано се тврди дека е производител на небезбедни сокчиња за деца.
Од страна на инспекциските служби, со контролата констатирано е дека станува збор за оператор со храна кој е регистриран во Агенцијата за храна и ветеринарство и кој го има имплементирано HACCP и другите системи за безбеднoст на храната и работи согласно барањата пропишани во законските и подзаконските акти кои ја регулираат оваа материја и кои се целосно усогласени со европската легислатива.
Освен денешната контрола, кај овој оператор со храна, од страна на инспекциските служби направени се неколку контроли во текот на минатата година, при што не се констатирани недоследности во работењето.
Во посочените производи, кои спаѓаат во категоријата нискоенергетски освежителни безалкохолни пијалоци кои ги произведува оваа компанија, се употребуваат исклучиво дозволени адитиви.
Потврда за безбедноста на овие производи, кои оваа компанија ги извезува и во соседните земји, се направените лабораториски испитувања кои согласно HACCP планот ги врши компанијата производител. Од страна на инспекциските служби, за потврда, земени се и мостри за дополнително лабораториско испитување.
АХВ упати апел до медиумите непотребно да не се создава паника и да не се руши довербата на потрошувачите кон домашните оператори со храна, а секоја недоследност граѓаните да ја пријават во одговорната институција. /крај/мф/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

