Европа
Финскиот претседател: Европа ќе се соочи со економски колапс поради конфликтот во Украина

Европа ќе се соочи со економски пад поради конфликтот во Украина, изјави денеска финскиот претседател Саули Ниинисто.
Во интервју за финскиот дневен весник „Maseudun Tulevaisus“, тој рече дека луѓето во Финска и другите земји од ЕУ ќе мора да се помират со фактот дека економијата нема да расте од година во година, пренесе ТАСС.
Според Нинисто, тоа може да има негативно влијание врз единството на Европа, бидејќи развојот нагло запира и се зголемува бројот на предизвици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Кремљ се закани: Ќе одговориме на конфронтирачката реторика на ЕУ

Кремљ се закани дека ќе одговори на конфронтирачката реторика од Брисел.
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков на дневна прес-конференција рече: „Европската Унија сега активно разговара за нејзината милитаризација, особено за развојот на одбранбениот сектор. Ние внимателно го следиме овој процес бидејќи ЕУ ја претставува Русија како главен непријател. Оваа милитаризација е главно насочена против Руската Федерација. Ова може да биде сериозна причина за загриженост и може да нè принуди да преземеме соодветни мерки за да ја обезбедиме нашата сопствена безбедност. Се разбира, оваа конфронтирачка реторика и дискусиите во Брисел и европските престолнини се во целосна спротивност со напорите за изнаоѓање мирно решение во Украина“.
Песков исто така рече дека Русија е во контакт со САД за подготовките за преговорите за Украина, но дека нема нови детали и дека Москва сè уште не назначила главен преговарач за разговори со САД.
Европа
Штрајк на германските аеродроми, синдикатите бараат за 350 евра поголема плата

Германскиот синдикат на вработените во услужниот сектор Верди повика на еднодневен штрајк в понеделник на сите поголеми германски аеродроми, вклучувајќи ги и клучните воздушни центри како Франкфурт и Минхен.
Синдикатот повика на штрајк во аеродромите како Франкфурт, Берлин, Минхен, Келн/Бон, Дизелдорф и Хамбург. Штрајкот треба да започне на полноќ во недела и да трае 24 часа, а има за цел да го зголеми притисокот врз работодавачот во тековните преговори за колективните договори кои се водат од почетокот на годинава.
Поголемиот дел од персоналот на аеродромите се уште е вработен преку колективни договори склучени со градовите и општините, кои дејствуваат како работодавачи во преговорите со синдикатите и делумно се косопственици на аеродромите.
Во последните неколку недели веќе имаше штрајкови на аеродромите, но и други сектори кои спаѓаат во јавните услуги како што се јавниот транспорт, детските градинки или собирањето отпад. „Принудени сме на овој чекор бидејќи работодавачот сè уште нема презентирано прифатлива понуда за вработените во јавните служби“, соопштија од синдикатот Верди.
Најголемиот синдикат во Германија бара зголемување на платите за осум отсто или најмалку 350 евра за вработените во јавните служби. Најголемата германска авиокомпанија Луфтханза и Здружението на германски аеродроми АДВ силно го критикуваа штрајкот.
Европа
ЕУ планира да ја преземе улогата на „Старлинк“ во Украина

Францускиот сателитски оператор „Еутелсат“ потврди дека е во напредни преговори со Европската унија за зголемување на достапноста на сателитски интернет во Украина, потенцијално заменувајќи го „Старлинк“ на Илон Маск.
Оваа иницијатива беше покрената по намалувањето на американското финансирање за „Старлинк“ и политичкиот притисок од администрацијата на актуелниот американски претседател Доналд Трамп врз Украина, што предизвика загриженост кај украинските воени команданти за иднината на клучните комуникациски услуги.
Директорката на „Еутелсат“, Ева Бернеке, изјави за „Блумберг“ дека компанијата размислува да распореди околу 40.000 комуникациски терминали, приближно колку што Украина моментално користи преку „Старлинк“. Мрежата на „Еутелсат“ моментално вклучува 630 сателити во ниска орбита на Земјата и уште 35 во геостационарна орбита, а според „Ројтерс“ од 4 март 2025 година, на корисниците во Европа им обезбедува широкопојасен интернет брзини до 150 мегабити во секунда.
Вредноста на акциите на „Еутелсат“ се зголеми повеќе од трипати во последните неколку дена, зголемувајќи ја нејзината пазарна капитализација за повеќе од милијарда евра. Инвеститорите реагираат на стратешката промена кон европската автономија во сателитските комуникации. Ваквиот развој на настаните доаѓа во време кога односите меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и Трамп станаа напнати, доведувајќи ја во прашање иднината на Старлинк во Украина.
„Старлинк“, управуван од „Спејс Икс“ на Илон Маск, е од клучно значење за украинската војска од руската инвазија во 2022 година, овозможувајќи комуникација во реално време и контрола на бојното поле преку илјадници терминали. Но, во Украина расте загриженоста за можното нарушување на услугата, особено откако „Спејс Икс“ ја прошири соработката со американскиот Пентагон на побезбедна верзија на „Старлинк“ наречена „Старшилд“. Дополнителни сомнежи се поттикнати од политичките тензии меѓу САД и Украина околу стратешките суровини, пишува „Вашингтон пост“.
По спојувањето со британскиот „Уан Веб“ во 2023 година, „Еутелсат“ стана единствениот глобален конкурент на „Старлинк“ со сопствена мрежа на сателити во ниската орбита на Земјата. Сепак, терминалите на „Уан Веб“ се поскапи од оние на „Старлинк“ – нивната цена достигнува 10.000 долари – и тие се помалку достапни, според „Ројтерс“. Сепак, „Еутелсат“ веќе ги поддржува владините и институционалните комуникации во Украина и гледа можност за проширување, особено со поддршката на Франција и Велика Британија, кои заедно поседуваат речиси 25 отсто од капиталот на компанијата.
Европската комисија и лидерите на Франција и Обединетото Кралство ја истакнаа важноста од зајакнување на одбранбените способности на Европа, вклучувајќи го и развојот на сателитски системи како што се IRIS² и GOVSATCOM. Станува збор за проекти кои долгорочно би можеле да бидат алтернатива на постоечките услуги, но ќе бидат потребни уште неколку години за да станат целосно оперативни.