Македонија
Николоски: Им оддаваме почит на хероите од Карпалак, кои ги дадоа животите за Македонија
„Тука сме денес да им оддадеме почит на хероите што бранејќи ја Македонија, т.е. независноста, целовитоста, унитарноста на Македонија во 2001 година, ги дадоа своите животи на Карпалак. Нивниот спомен е вечен, тоа е спомен што ќе остане векови пред нас, генерации да се сеќаваат како се бранеше и се одбрани Република Македонија, но во исто време тоа е и завет за иднината, за следните генерации да го продолжат нивното дело да се гради Македонија како просперитетна, суверена, самостојна, економски стабилна држава, да се гради Македонија како напредна држава. Така што денес сме тука да им оддадеме почит и да кажеме слава им на овие херои“, порача денеска во Прилеп потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Тој зборуваше и за една тема, што смета дека е многу актуелна во Прилеп.
„За жал, градот се претвори како град од Дивиот Запад, град во кој царува мафијата, која е во спрега со они со кои треба да го спроведуваат законот, мафијата што не само што не е сузбиена од полицијата туку е во соработка со неа. Поминуваат недели од некои случаи, дури и месеци, без да се откријат сторителите на запалените возила тука во Прилеп, пред сè, тука мислам на пратеникот Петар Ристески, кој денес е до мене, исто така и на директорот на Јавното претпријатие, исто така на вработена во Општината и многубројни други случаи за кои чаршијата во Прилеп гласно заборува, ама ете надлежните органи никако да ги откријат“, порача Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Брисел
На покана на Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО.
Министерскиот состанок претставува уште една можност министрите да разменат ставови во однос на донесените одлуки од Самитот на НАТО во Хаг, кои се важни за иднината на Алијансата, како и да разменат мислења за напредокот во зајакнувањето на индивидуалните способности и капацитети за овозможување ефективна колективна одбрана и безбедност.
Во фокусот на дискусиите се очекува да бидат разменети информации за заедничките напори за продолжување на континуираната поддршка за Украина, како и размена на ставови за одговор на актуелните безбедносни предизвици и закани, вклучително и дестабилизирачките активности на малигните актери и стратешките конкуренти, кои имаат за цел да ја нарушат воспоставената безбедносна архитектура и меѓународниот правен поредок, извести Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
На маргините на министерскиот состанок, предвидено е министерот Муцунски да оствари и повеќе билатерални средби, меѓу кои и со шефот на американската делегација, заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, како и да учествува на тематски состанок посветен на Коридорот 8.
Македонија
Делови од Гази Баба и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 11.30 часот, дел од улица Коце Металец и Филип Филиповиќ (од улица Рударска до Трафиките за храна пред паркингот), без струја ќе останат и зградите на два Баќа градители и зградата на Ул.Коце Металец Бр2 (општина Гази Баба)
– во период од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците на ул.Струшка (општина Карпош).
Македонија
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи ќе има во западните и јужните делови. На повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд и слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност до крајот на неделата, следува период на претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во западните и јужните делови. На некои од повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Минималните температури ќе бидат насекаде позитивни.

