Македонија
Тасевски во Албанија, во фокусот борбата против организираниот криминал и корупцијата
Денеска, делегација од Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи на Македонија, предводена од директорот Сашо Тасевски, во придружба на заменик-директорот на БЈБ, Ариф Асани, помошник-директорот Оливер Лукароски и началникот на Секторот за меѓународна полициска соработка, Рефик Черими, оствари работна посета на полицијата на Република Албанија, каде што имаше средба со генералниот директор, мајор Гладис Нано. На официјалната средба меѓу двете делегации се разговараше за продлабочување на соработката меѓу двете земји во борбата против организираниот криминал, корупцијата, перењето пари и тероризмот и борбата против трговијата со дрога.
Генералниот директор Нано посочи дека меѓусебната соработка на двете министерства е одлична како за оперативни прашања така и за други елементи на заедничката борба против криминалот, така што оваа средба само дополнително ќе ја продлабочи и зајакне. Меѓу другото, како области за натамошна соработка беа посочени борбата против тероризмот и перењето пари како еден важен показател за безбедноста на државите, а воедно генералниот директор Нано посочи дека борбата со трговијата со дрога била и останува главен приоритет за полицијата на Република Албанија. За таа цел, ги концентрираат и дополнително ги зајакнуваат логистички капацитети и човечки ресурси во пристаништето Драч, каде што има најмногу обиди за трговија со наркотици, кои доаѓаат од Латинска Америка. Друг приоритет за полицијата на Албанија, според Нано, е спречување и сузбивање на обидите за одгледување канабис, криминална активност што ги збогатува криминалните групи и поединци давајќи им моќен коруптивен инструмент.
„Оваа клима на соработка е клучен елемент за гарантирање на јавниот ред и безбедност во двете наши земји и исто така нè мотивира да работиме заедно уште повеќе на прашања како што се борбата против организираниот криминал и прекуграничниот криминал, кои се заеднички приоритети“, истакнал тој.
На крајот од средбата двете страни искажале уверување дека и во иднина соработката меѓу двете министерства ќе се интензивира во насока на заеднички оперативни и истражни дејства во делот на меѓународни прашања и борбата против тероризмот, борбата против организираниот криминал и перењето пари.
Делегацијата од Бирото за јавна безбедност го посети и специјалното одделение РЕНЕА, при што во нејзина чест беа презентирани современите методи и техники на работење и нивното специјално оружје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Охриѓани ги разбуди земјотрес
Земјотрес со интензитет од три степени според Европската макросеизмичка скала е почувствуван ноќеска во Охрид и околината. Земјотресот бил со Рихтерова магнитуда од 2,2, а е почувствуван во 03:18 часот.
Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје соопшти дека епицентарот потекнува од епицентралното подрачје Пештани-Охрид-Струга на околу 105 километри југозападно од Скопје.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да одговори на кое име му е станот во Дубаи?
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека, како што велат, вистинското лице на СДСМ излегува на површина, откако по седумгодишното владеење, кое според партијата било обележано со корупција и уништување на државата и економијата, поранешните функционери ги пренасочиле своите бизниси во една од најбогатите држави во светот – Обединетите Арапски Емирати.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека по долг период на јавно укажување и неколку дена по сведоштвото дека поранешниот премиер Зоран Заев гради 42-катница во Дубаи, стигнала и потврда од претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
На новинарско прашање дали заедно со Заев гради висококатница во Дубаи, Филипче одговорил дека тој не градел, што, според ВМРО-ДПМНЕ, претставува индиректна потврда на нивните тврдења и на сведоштвото на Тома Аврамски дека токму Заев е инвеститорот на 42-катната зграда.
„Признанието дека Филипче не гради, не може да се толкува поинаку освен како официјална потврда дека неговиот ментор, Зоран Заев, го проширил својот бизнис и инвестира во градежништвото во Дубаи“, соопштуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Филипче сега треба јавно да одговори како се стекнал со таканаречената златна виза во Дубаи, со оглед дека, како што велат, досега не презентирал докази за најавуваниот работен ангажман во тамошни здравствени установи.
„Ако не градел со Заев, на кој начин се стекнал со златна виза?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, отворајќи и дилема дали станот спомнат во сведоштвото на Аврамски е во сопственост на Филипче или истиот бил префрлен на трето лице.
Партијата нагласува дека одговори ѝ должи и јавноста и Зоран Заев, кој, според нив, треба јавно да соопшти како дошол до милионите со кои инвестира и гради облакодери во Дубаи.
„Апелираме да не се одолговлекува, бидејќи вистината, порано или подоцна, секогаш излегува на виделина“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Една година затвор за обид да прегази полицаец кој сакал да го легитимира
Четириесет и шестгодишен кавадарчанец е осуден на една година затвор затоа што со автомобил удрил во полициски службеник кој сакал да го легитимира.
На 21 декември по полноќ, со возило „фолксваген“ обвинетиот не запрел на даден знак од полициските службеници, а кога на една од крстосниците во градот бил опколен од две полициски возила за да го запрат, сакал да прегази полициски службеник.
Полицаецот излегол од службениот автомобил за да го легитимира и во тој момент осомничениот се залетал кон него со возилото со голема брзина, го удрил во стомакот и левата нога, а потоа удрил и во полициската кола, по што продолжил да вози. Полицаецот од ударот се здобил со неколку телесни повреди.
Осомничениот бил приведен на 25 декември и следниот ден бил изведен пред судија каде го признал делото. Судот во Кавадарци изрече пресуда со која го огласи за виновен и го осуди на казна затвор од една година, а до правосилност на пресудата одлучи обвинетиот да биде обезбеден со мерка притвор поради опасност од бегство и можноста да го повтори делото.

