Македонија
(Видео) Стојаноска: Како и со Ковид-19, така и со мајмунските сипаници власта се однесува неодговорно
Во Македонија, со власта на СДСМ и ДУИ, се случува тотален распад на системот. Земјава, од сите земји во регионот, па и пошироко, најлошо ја помина пандемијата на Ковид-19. Бевме меѓу земјите со најголем број починати на еден милион жители, последни почнавме со вакцинација, две години доцниме зад сите други. И како да не ги научивме лекциите, па сега продолжува власта со својата неодговорност и неспособност, вели Дафина Стојаноска, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во услови кога цела Европа стравува од нова епидемија, овој пат епидемија на мајмунски сипаници, нашите власти се повторно неорганизирани. Кога во јавноста излезе информација дека едно лице во Македонија е суспектно на оваа болест, следуваше уште една потврда за неспособноста и неажурноста на надлежните институции. Ова лице не само што не било тестирано за да се утврди дали е или не е заболено туку му било дозволено да си оди дома и слободно да се шета меѓу граѓаните. Односно, ова значи дека нема никаков здравствен третман и протокол од страна на институциите. Тоа е недозволиво бидејќи на ваков начин се загрозуваат општото здравје и животите на граѓаните, кои се изложуваат на една заразна болест“, истакна Стојаноска.
Дополни дека министерот за здравство, Сали, тврдел дека институциите се подготвени, но на дело, како што рече таа, ја гледаме нивната неспособност.
„Дали министерот Сали и другите надлежни ќе понесат одговорност доколку заразата се прошири? Дали институциите ќе бидат виновни доколку се утврди дека суспектното лице е навистина заразено и притоа му било дозволено слободно да се шета, без да се почитуваат протоколите за заштита од заразни болести? Зошто не се превенира ако знаеме дека потоа е многу потешко да се заштити општото здравје на граѓаните? Зошто не се донесат конкретни протоколи и според нив не се справуваат со предизвиците? Очигледно е дека власта на СДСМ и ДУИ страда од хронична незрелост. Тие, како и во пандемијата, така и сега, дозволуваат работите да излезат од контрола, па после ќе ги обвинуваат граѓаните“, нагласи Стојаноска.
Оценува дека неодговорноста на СДСМ и на ДУИ е епска. Неодговорноста, според пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, мора да се казни и да се промени што побргу на избори затоа што загрозува животи и здравје на граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

