Регион
„Стандард“: Полицијата преговара со Ненад Калуѓеровиќ да се предаде
Според неофицијални информации, наводно се водат преговори меѓу Ненад Калуѓеровиќ и полицијата за да се предаде, бидејќи тој го напуштил местото на настанот откако го застрелал Вук Бориловиќ, напаѓачот од Цетиње, кој уби повеќе лица, меѓу кои и две малолетни деца, пишува црногорски „Стандард“.
За време на реконструкцијата на целиот настан крвавата пресметка траела од околу 45 минути до еден час, додека Бориловиќ убивал едно по едно лице со ловечка карабина.
Според очевидци, на полицијата и требало долго време да почне акција. Во размената на оган полицијата наводно успеала да го рани Бориловиќ, но тој го возвратил нападот, а тешко ранил и еден од полицајците.
Калуѓеровиќ, кој инаку е оженет и бил кум на една од жртвите, убиениот Милан Митровиќ, успеал да се приближи од другата страна каде теренот бил понепристапен и да го погоди веќе ранетиот пукајќи во него, пишува „Стандард“.
Во Кривичниот законик на Црна Гора, во член 10 од тој закон, е наведено дека дејствието извршено во самоодбрана не е кривично дело и дека одбраната е неопходна доколку од сторителот се бара да одбие истовремен или неизбежен незаконски напад од неговиот имот или имотот на друг.
Во овој член се додава дека сторителот кој ги надминал границите на потребната одбрана може да биде поблаго казнет, а доколку прекршокот го сторил поради силна иритација или страв предизвикан од нападот, може да биде ослободен од казната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Храната за бебиња „аптамил АР1“ повлечена од пазарот во Хрватска
Поради зголеменото присуство на бактеријата Bacillus cereus, хрватскиот Државен инспекторат го повлече од пазарот „аптамил АР1“, формула за бебиња, произведена од Nutricia Export BV од Холандија, соопшти Хрватската агенција за земјоделство и храна (HAPIH).
Ова е исклучиво за производот од 400 g (храна за посебни медицински потреби) со рок на траење до 17.5.2026 година и ЛОТ: 111444865. Дистрибутер на производот на хрватскиот пазар е AWT International d.o.o.
Производот не е во согласност со регулативата на Европскиот парламент и на Советот за утврдување на општите принципи и барања на законодавството за храна, основање на Европскиот орган за безбедност на храната и утврдување процедури во прашањата за безбедност на храната и водичот за микробиолошки критериуми за храна, објави 2Индекс.хр“.
Регион
Сараево меѓу најзагадените градови во светот утрово
Сараево утрово се најде на врвот на листата на градови со најголемо загадување на воздухот во светот врз основа на податоците собрани и систематизирани од швајцарската веб-страница IQAir.
Според податоците, квалитетот на воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина беше во таканаречената кафеава категорија, што е највисокото можно ниво на предупредување или ознака за воздух опасен за здравјето на луѓето. Индексот на квалитет на воздухот беше 355, а сè над 300 се смета за опасно за здравјето.
Следниот град со најголемо загадување на воздухот во светот беше Лахор во Пакистан со индекс од 271, што спаѓа во категоријата многу нездрав воздух.
Концентрацијата на фини честички прашина во воздухот ПM 2,5, кои продираат длабоко во белите дробови и може трајно да го оштетат здравјето во Сараево, беше 53 пати поголема од годишната референтна вредност дозволена од стандардите на Светската здравствена организација (СЗО).
Сараево е на листата на најзагадени градови во светот од синоќа. Ваквата ситуација е честа појава во зимските месеци, особено во периодите кога има температурна инверзија, па добиената магла го покрива сараевскиот басен, а честичките штетни супстанции се акумулираат под него.
За најголеми загадувачи на воздухот во Сараево се сметаат многуте согорувачки постројки, кои користат цврсти горива, како и густиот градски сообраќај, кој вклучува голем број стари возила. Локалните власти со децении не успеваат да го решат овој проблем, според медиумите во регионот.
Фото: депозитфотос
Регион
Американец загина во Словенија: се искачувал на Триглав
Американски државјанин загина во Словенија, најверојатно откако паднал од планинарска патека на Алпите, соопшти словенечката полиција.
Семејството на 33-годишникот изјави дека тој тргнал на планинарење во понеделник наутро до Триглав, највисокиот врв во Словенија, а потоа исчезнал, објави словенечката новинска агенција СТА.
Неговото тело е пронајдено вчера околу 1 часот наутро на дното од планинарска патека. Полицијата соопшти дека првичните наоди укажуваат дека паднал по стрмна падина.
Идентитетот на починатиот не е објавен.
Словенија е популарна дестинација за планинари и алпинисти поради бројните патеки во Јулиските Алпи.

