Спорт
Младите ракометари го освоија ЕХФ шампионатот во Рига
Македонската кадетска ракометна репрезентација го освои пехарот на ЕХФ шампионатот во Рига откако во финалето ја совлада Швајцарија со 24:22. Тоа беше петта победа на младите ракометари во исто толку натпревари, со што обезбедија пласман на ЕП 2024 година и на СП следната година.
По првото полувреме Македонија обезбеди предност од 13:10, а на голот одличен беше Давид Брестовац.
Швајцарците успеаја да стигнат до израмнување (14:14), а потоа Македонија имаше и два гола негатива (20:22). Но, младите македонски ракометари одиграа најдобро кога беше најпотребно.
Шулески и Димковски постигнаа голови за израмнување, а потоа повторно Димковски и Карасманакис постигнаа „златни“ погодоци за конечен триумф од 24:22.
Димковски беше најефикасен во селекцијата на Македонија со седум гола, еден помалку запиша Петковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Челси на „Вила парк“ се врати од 0:2, ВАР му ја украде победата во 96.минута
Астон Вила и Челси ремизираа 2:2 во 35.коло во Премиер лигата. Вила имаше предност од 2:0, Челси се врати во вториот дел, а целосен пресврт не дозволи ВАР и судијата Крег Полсон.
Астон Вила ги надигра гостите од Лондон во првото полувреме и на паузата замина со предност од два гола. Марк Кукуреља во четвртата минута си постигна авто-гол, а Роџерс во 42. зголеми на 2:0.
Челзи не делуваше добро на теренот се до 62.минута кога Нони Мадуеке успеа да го намали резултатот.
Гостите израмнија во 81. минута, кога Конор Галагер, кој асистираше за првиот гол, брилијантно го погоди во подалечниот агол на Робин Олсен, кој влезе во игра на местото на Емилијан Мартинез.
До крајот на мечот Оли Воткинс имаше добра шанса пред голот на Петровиќ, но не беше прецизен.
Аксел Дисаси ја погоди мрежата на Олсон во 96.минута, но голот беше поништен по интервенцијата на ВАР, поради наводниот фаул на Беноа Бадијашил, кој асистираше за голот.
Вила остана на четвртото место на табелата со 67 бодови, седум повеќе од Тотенхем кој има дури три натпревари помалку.
Челзи е на деветтата позиција со 48 бодови, со само теоретски шанси да се вклучи во борбата за шестото место кое носи пласман во Конференциската лига.
Спорт
Јасикевичиус го сака Димитријевиќ во Фенербахче
Актуелниот МВП во ВТБ лигата, македонскиот репрезентативец, Ненад Димитријевиќ, од наредната сезона веројатно ќе игра во Евролигата.
Кошаркарот на Уникс, со просек од 19 поени по меч, 6,6 асистенции, 3,3 скока и 1,3 украдени топки го обележа регуларниот дел од сезоната во ВТБ лигата.
Според информациите на турските медиуми, Димитријевиќ е на мета Фенербахче. Тренерот Шарунас Јасикевичиус изразил желба да го види Димитријевиќ во својот тим. .
Фенербахче ќе направи реконструкција на плејмејкерската позиција, извесно е дека тимот ќе го напуштат Гркот Ник Калатес и Израелецот Јам Мадар.
Спорт
МЗТ загуби од Спартак Суботица
Фото/ Петр Стојановски/ АБА2
Кошаркарите на МЗТ го загубија првиот полуфинален натпревар во АБА 2 лигата. Вечерва во Скопје, МЗТ доживеа пораз од Спартак 73:78 (15:23, 16:12, 24:17, 18:26).
Лошата игра во првиот дел во кој му дозволија на гостинот апсолутна доминација во скокот го однесе МЗТ во пораз. Спартак, најдобриот тим во регуларниот дел од сезоната, преку скокот ја контролираше играта. Одличната секвенца на Војдан Стојановски во финишот на полувремето го доближи МЗТ на само четири поени негатива.
Американецот Гилион одлично го започна вториот дел, со седум поени во низа го врати МЗТ во водство. Се одлепи МЗТ на пет поени (55:50) во финишот на третиот период и тука застана.
Спартак предводен од Гордиќ стекна предност од 10 поени, предност која МЗТ успеа да ја преполови.
Војдан Стојановски со 20 поени, по три скока и асистенции и шест украдени топки го предводеше МЗТ. Двоцифрени беа и Делалиќ со 13, Танасковиќ со 12 и Гилион со 11 поени. Кај Спартак се истакна Гордиќ со 16 поени и шест асистенции.
Реваншот се игра за една недела во Суботица.