Регион
Ќе требаат нови операции за децата повредени во автобуската несреќа во Бугарија

Двете повредени деца, кои вчера од Стара Загора беа пренесени во болницата „Пирогов“ во Софија, сè уште се во тешка состојба, но нивните животи не се загрозени.
Оваа информација за бугарските медиуми ја потврдил директорот на оваа здравствена установа, Валентин Димитров.
Децата сè уште се во тешка состојба, моментално се на одделението за интензивна нега и екипите на „Пирогова“ ги спроведуваат сите протоколи неопходни за одржување на нивната состојба, изјавил за новинарите извршниот директор на болницата Валентин Димитров, пренесува „БТА“.
„Нема директна опасност по животот на децата, но нивната состојба не е лесна. Имаме организација, сите тимови, детска трауматологија, неврохирургија, кардиологија, се подготвени да бидат достапни доколку има потреба. Сите структури од Пирогово се достапни, така што имаме целосна соработка со Министерството за здравство и со целата држава. Во моментов не ни треба ништо конкретно“, рекол Димитров и посочил дека единствено што е потребно во моментов е време.
Двете деца кои беа тешко повредени во Бугарија, во сообраќајна несреќа на автопатот Тракија во саботата вечерта, вчера се пренесени од болницата во Стара Загора во болницата во Софија.
По долга операција, едно дете вчера помирно ја поминало ноќта, а утрово лекарите ќе му направат уште две операции кои се неопходни за подобрување на неговата состојба.
Димитров не прецизирал точно кои операции ќе бидат направени, бидејќи, како што навел, прво треба медицински да ја проценат состојбата на децата од страна на детските трауматолошки екипи.
Осум деца и четворица возрасни се повредени во сообраќајна несреќа во Бугарија, кога автобус од Србија, кој превезувал деца и возрасни на фолклорниот ансамбл Ју-Лира од Батајница, се превртел на автопатот Тракија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Татко и син нападнале лекари во итната помош: драма во БиХ

Денеска во Итната помош Зеница се случил инцидент кога татко и син физички го нападнале медицинскиот персонал.
Сè започнало кога во установата се обратил пациент од Зеница, жалејќи се на здравствени проблеми.
Тој бил сместен во просториите каде му била укажана лекарска помош, а во меѓувреме се појавил неговиот татко Е.К. (роден 1967 г.) кој се обидел да влезе во просториите.
Од Министерството за внатрешни работи на Зеничко-добојскиот кантон велат дека по пристигнувањето, персоналот го предупредил дека мора да чека поради тековните медицински процедури, пренесуваат тамошните медиуми.
Но, по вербален судир со медицинскиот персонал, Е.К физички ги нападнал и лекарот и тројца техничари. Набрзо му се придружил и синот кој бил пациент во оваа установа.
Ситуацијата потоа се смирила, додека вработените повикале полиција.
По пристигнувањето, полицајците ги привеле таткото и синот, додека лекарот и тројца техничари се здобиле со полесни повреди.
За настанот бил известен дежурниот обвинител, а таткото и синот се приведени поради сомнение за сторено кривично дело насилничко однесување и загрозување на сигурноста. За утре е најавена криминалистичка обработка на случајот, пренесува „Српска инфо“.
Регион
(Видео) Снежна пролет и во Грција: бура во Солун, снег го покри и Халкидик, сцените нереални

Од синоќа трае студената инвазија во Грција, која во бело обви неколку области од северниот дел на земјата. Од раните утрински часови врнежи од снег се забележани во планинските и на полупланинските делови на централна Грција. Во поголем дел од земјата се очекуваат врнежи, на североисток спорадично невреме, а попладне се очекува слабеење на овие појави.
Карактеристични се фотографиите од Солун, кој осамна со снежна бура во повеќе области, пишува „Прототема“.
Покрај тоа, падот на температурата денеска ќе биде позабележителен во централните и во северните делови од земјата. Од вторник, 8 април, ќе биде зафатен остатокот од Грција, а во повеќе области во северниот дел на земјата ќе има мразови, главно во утринските и во вечерните часови, до петок, 11 април.
В понеделник нешто пред 2 часот во Солун почна да врне снег.
Како што може да се види на фејсбук-профилот на Forecast Weather Greece, во интервали има многу обилни врнежи од снег и на Полигирос на Халкидик.
Силно невреме со град вчера го зафати северниот дел на Халкидик, а особено е интензивно во областа Палеохори и Мегали Панагија.
Регион
Ѓуро Мацут предложен за мандатар на новата влада на Србија

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, соопшти дека за мандатар на новата влада е предложен проф. д-р Ѓуро Мацут.
Вучиќ рече дека новата влада ќе биде избрана до Велики петок и дека ѝ претстојат тешки задачи – дека земјата се спротивставува на сите притисоци во однос на регионалната политика, дека земјата го решава даночното прашање со САД, дека го забрзува европскиот пат, дека во исто време ги зачувува своите традиционални пријатели на истокот и го враќа нивото на инвестиции, и странски и домашни.
Да потсетиме, премиерот Милош Вучевиќ поднесе оставка од таа функција на крајот на јануари, бидејќи сметаше дека е објективно одговорен за нападот врз студентите во Нови Сад.
Српскиот парламент на 19 март ја констатираше оставката на Вучевиќ, со што беше урната актуелната влада на Србија.
Рокот за избор на нова влада е 18 април.