Македонија
ВМРО-НП: Тие што гласно се чудат да се прашаат зошто некој манипулирал и ги учел со лажни податоци

ВМРО-Народна партија го поздравува напредокот на двете историски комисии како чин на позитивниот пат на Северна Македонија кон Евро-атланската интеграција. ВМРО-Народна партија сака да потсети на техничкиот дел од договорот дека овие заклучоци што ги гледа сега македонската јавност се договорени пред повеќе од две години, за жал тогаш бугарската страна тоа го оцени како премалку и стави вето, стои во партиското соопштение.
Од ВМРО-НП велат дека „секој што се занимава со висока политика во Македонија претпоставуваме дека треба да го знае тој факт затоа што беше кажуван и од претседателот на државата и од претходниот премиер, како и од претседателот на нашиот дел од комисијата, затоа изненадува чудењето кое сега одредени политички лидери го искажуваат“.
„ВМРО-Народна партија смета дека во заедничкиот договор се изнесени многу добро познати факти за целата светска и балканска византологија и медиевистика, а тие што гласно се чудат треба да се прашаат не за фактите туку за тоа што некој ги манипулирал и ги учел со лажни податоци. Прашањето е дали некој сака да се соочи со фактите или да живее во лаги. И конечно сакаме да ги потсетиме сите загрижени дека во времето на десетгодишната антиквизација на македонската историја и петте личности, св. Кирил и Методиј, св. Климент и Наум и цар Самуил беа комплетно омаловажени и обесмислени во нивното дело и некако воопшто не ги спомнувавме“, соопштуваат од партијата.
Партискиот став е „сите тие кои тогаш молчеа и го поддржуваа тоа искривување на историјата денеска критикуваат. Затоа можеме и да кажеме дека ова е враќање на св. Кирил и Методиј на св. Климент и Наум на цар Самуил во македонската историографија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Африм Гаши ги распиша изборите

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска ги распиша локалните избори, што ќе се одржат на 19 октомври .
Претседателот Гаши го потпиша Решението за распишување на осмите локални согласно член 12 став 4 од Изборниот законик, почитувајќи го рокот од 70 до 90 дена од распишување до одржување на изборите.
Со распишувањето на изборите, почнуваат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија, согласно Изборниот законик и според календарот што треба да го донесе Државната изборна комисија.
Првиот круг за избор на градоначалници и членови на советите на 80 општини и на градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври.
Вториот круг од изборите за градоначалници треба да се одржи на 2 ноември, во единиците на локалната самоуправа во кои изборите нема да завршат во првиот круг.
Македонија
МВР се огласи по случајот со началникот во Демир Хисар: Преземаме соодветни мерки

Во однос на реакциите на јавноста поврзани со постапувањето на полициските службеници за време на претресот, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема соодветни мерки и активности од своја надлежност за што дополнително ќе ја известиме јавноста.
Ова го соопшти Министерството за внатрешни работи во врска со видеото што беше објавено на социјалните мрежи на кое началник бара директорката на средно училиште на носилка на Брзата помош да биде однесена на информативен разговор во полициска станица. Од Обвинителството, пак, соопштија дека имало налог за претрес, но не и за приведување и итен распит.
Од МВР соопштија дека биле извршени претреси во врска со сомнение за кривично дело „Одземање или уништување службен печат или спис“.
„На 08.08.2025, по претходна пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по член 390 од Кривичниот законик – „Одземање или уништување службен печат или спис“ врз основа на наредба од Основен суд Битола, во периодот од 19:25 до 20:20 часот, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Демир Хисар, во присуство на адвокат, извршиле претрес во домот на М.Л. (57) од Демир Хисар. Исто така, со судска наредба, во периодот од 20:45 до 21:30 часот бил извршен претрес и во службените простории во средно училиште кои ги користи М.Л“, соопшти МВР.
Македонија
Пет пожари на отворено во Македонија

До 12:30 часот, на територијата на Македонија имало вкупно пет пожари на отворен простор, од кои два се под контрола, а три се водат како сè уште активни, информира Центарот за управување со кризи.
Активни се три пожари и тоа во Општина Битола – с. Братиндол, гори сува трева во нива, во Општина Прилеп – гори сува трева над касарната и во Општина Валандово – гори сува трева покрај патот Валандово–Дојран.
Под контрола се два пожари, и тоа во Општина Тетово – гори ѓубре кај железничката станицаи во Општина Ранковце – гори ниска трева и ситна шума.