Спорт
Марко Асенсио бара излез од Реал Мадрид
Шпанскиот репрезентативец Марко Асенсио ќе го напушти Реал Мадрид до крајот на летниот преоден рок, тврдат медиумите на Пиринеите. Тој сфати дека и оваа сезона нема да добива голема минутажа во тимот на Карло Анчелоти, со оглед дека не настапи на првите два натпревари, а нема добар однос ниту со клупското раководство.
На „кралевите“ не им се допаднало што Асенсио го ангажирал Жорге Мендеш за нов менаџер. Тој најчесто преговара кога фудбалерите сакаат да си заминат од клубот или пак се незадоволни од условите.
Асенсио сака да има голема минутажа за да се наметна кај селекторот Луис Енрике за настап во фудбалската репрезентација на Шпанија на Светското првенство. Тоа очигледно не може да го добие во Реал Мадрид.
Неговиот договор истекува следното лето, па „кралевите“ би сакале да го продадат до крајот на преодниот рок за да заработат отштета од неговото заминување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
ШК Алкалоид по третпат до европската вицешампионска титула!
Во последното седмо коло од Европскиот клупски куп, кој се играше на грчкиот остров Родос, шахистите на Алкалоид забележаа убедлива победа од 4,5 : 1,5 над најсилниот претставник на Израел, Ришон ле Цион, кој е седми носител на турнирот според почетниот рејтинг, со што ја освоија втората позиција на табелата, односно вицешампионската тутула!
Овој турнир е најсилен во клупската конкуренција на Стариот континент, поради што често се споредува со Лигата на шампионите, а ШК Алкалоид триумфираше на него во 2016 година, додека, пак, во 2017, 2024 и во 2025 година го освои второто место. Импресивен резултат за клубот кој бележи 49 години постоење и шаховски раст, континуирано поддржуван од компанијата „Алкалоид“. – Нималку лесна победа во последното коло против тим кој може да се нарече елитен, па по три часа игра резултатската неизвесност беше присутна.

На првите четири табли не гледавме шанса за победа, но нештата се свртеа откако на петтата табла Александар Инѓиќ (2.618) со бели фигури успеа да го надигра Евгени Занан (2.504). Постепено и на шестата табла Абиманју Пураник го скрши отпорот на ИМ Ор Бронштајн (2.460), па на тој начин започна да се наѕира победата која беше вредна медал. Тимот покажа карактер по вчерашниот минимален пораз од ривалите за тронот, со што беше демонстриран борбен и победнички дух против тврдокорниот противник – коментираше ВМ Влатко Богдановски, кој е капитен на интернационалниот состав на ШК Алкалоид.
Израелскиот тим беше предводен од легендарниот Борис Гељфанд (2.636), поранешен учесник во меч за светски првак, кој успеа со голем жар да ја одржи послабата позиција во сицилијанска одбрана на првата табла против Арјун Еригаиси (2.773). Ји Веи (2.754) имаше црни фигури против уште еден елитен израелски велемајстор, Максим Родштајн (2.647), кој годинава на поединечното Европско првенство го делеше првото место. Членот на ШК Алкалоид солидно се бранеше, а кога противникот ја мина црвената линија обидувајќи се да игра на победа, со целосен пресврт успеа да донесе цел поен за висок резултат.

И на третата табла Јангји Ју (2.720) не успеа да создаде конкретна предност бидејќи Ницан Штајнберг (2.554) одигра на врвно ниво. Најдолго траеше дуелот на Читамбарам Аравинд (2.711) на четвртата табла, кој играше 70 потези, и неговиот противник Јахли Соколовски (2.539), кој ги преживеа сите напади. Ји Веи и Абиманју Пураник дополнително освоија и сребрени медали како најуспешни играчи на втората и на шестата табла, додека, пак, Читамбарам Аравинд ја присвои бронзата на четвртата табла.
Романскиот претставник СуперЧес, предводен од светскиот првак Гукеш, иако четврти носител, на крајот како единствен непоразен тим и со само една загубена партија (и тоа во последното 7. коло) за првпат го освојува пехарот во Европскиот клупски куп со максимални 14 бодови. ШК Алкалоид на второто место има 12 бодови, колку и чешкиот Нови Бор, кој играше само со македонскиот шампион меѓу ривалите од првата петорка и го загуби тој дуел, но, сепак, на крајот стигна до шест победи и до бронзен медал. Идната година предвидено е домаќин на Европскиот клупски куп во шах да биде Црна Гора.

(ПР)
Спорт
(Видео) Јокиќ забележа трип-дабл и направи непотребни тензии на теренот
Кошаркарите на Денвер Нагетс ја забележаа својата прва победа во сезоната, славеа во „Бол арена“ во дуелот со Феникс Санс со 133:111.
Никола Јокиќ го забележа 170-от трипл-дабл во кариерата. За 32 минути на паркетот центарот на тимот од Колорадо го заврши натпреварот со 14 поени (5/5 за два, 0/3 за три), 14 скока и 15 асистенции.
Четири соиграчи беа поефикасни од него. Кам Џонсон го заврши натпреварот со 15, Арон Гордон со 17, Кристијан Браун со 20 и Џамал Мареј со 23 поени со шест асистенции и пет скока.
На спротивната страна се истакнаа Девин Букер со 31 поен и седум асистенции, Грејсон Ален со 17 и Дилон Брукс со 15 поени.
Инаку, во втората четвртина, Јокиќ, „режираше“ ситуација која можеше да се претвори во општ хаос.
Српската суперѕвезда силно го удри својот ривал Ос Игодар, што предизвика жестока реакција од играчите на Феникс.
Тензиите нагло се зголемија, а се чинеше дека ситуацијата може да ескалира во физички конфликт.
Сепак, тензиите брзо беа смирени. Јокиќ ја призна својата грешка, додека Ерон Гордон навремено се постави меѓу воинствените кошаркари и на тој начин спречи ескалација на целата ситуација.
Резултати:
Орландо Меџик – Чикаго Булс 98:110
Атланта Хокс – Оклахома Сити Тандер 100:117
Филаделфија Севентисиксерс – Шарлот Хорнетс 125:121
Мемфис Гризлис – Индијана Пејсерс 128:103
Спорт
Алекс Маркез победи во Малезија, Бањаја не ја заврши трката
Возачот на Гресини, Алекс Маркез, славеше на Големата награда на Малезија, 20-та трка во сезоната во шампионатот Мото ГП.
Шпанецот, кој еден ден претходно ја обезбеди титулата вицешампион и со тоа испиша историја заедно со својот постар брат Марк, на патеката „Сепанг“ ја забележа третата победа во сезоната и во кариерата.
Најблиску до помладиот Маркез беше Педро Акоста од КТМ рејсинг, кој заостануваше околу две и пол секунди, додека возачот на Хонда, Џоан Мир, беше на третото скалило на подиумот.
Возачот на ВР46 Франко Морбидели го освои четвртото, а Фабиот Квартараро од Јамаха петтото место.
Франческо Бањаја кој стартуваше од пол-позицијата, не ја заврши трката. Се откажа на три круга до крајот во моментот кога се бореше за второто место.
Од пред две недели е познато дека постариот Маркез ја заврши сезоната и ќе ја заврши со 545 поени во генералниот пласман, по него следува Алекс со 413, додека Бецеки е трет со 291, три повеќе од Бањаја.
Следната трка е Големата награда на Португалија во Портимао од 7 до 9 ноември.
Foto/ EPA

