Македонија
Каде и да сме, мора да бидеме горди дека сме родени во Македонија, порача Стојменова, која стана министерка во словенечката влада
Емилија Стојменова Дух, доктор на науки и вонредна професорка на Електротехничкиот факултет во Љубљана, од неодамна е министерка за дигитализација во новата словенечка влада на новиот премиер Роберт Голоб, како прва Македонка. Воедно, таа е и прва министерка во Словенија, која се родила и пораснала во странство.
Во разговор со Агенцијата за иселеништво, Стојменова порача дека без оглед на тоа каде сме, мора да бидеме горди дека сме родени во Македонија и да ги одржуваме врските со нашата држава. Верувајќи дека културата и уметноста се најсилната врска, таа настојува да одржува контакти со нашите културни уметници и фирми и уверува дека така ќе биде и во иднина.
„Во мојата канцеларија ќе најдете уметнички дела од наши сликари. Ако сакате да ме сретнете во Словенија побарајте ме на концерти и претстави на наши уметници“, вели Стојменова.
Родена во Виница, со стипендија се сели во Словенија во нејзината трета година од гимназиското образование. Вели дека сакала да покаже и докаже дека не е важно од каде доаѓаш, туку дека со труд и работа можеш да постигнеш сè што ќе посакаш.
„Не можам да направам споредба помеѓу високото образование во Македонија и Словенија. Од друга страна, во Словенија добиваме одлични експерти од Македонија и тоа од различни сфери, што води до заклучок дека високото образование во Македонија е на високо ниво. Во минатото имав можност да соработувам со колеги од универзитети од Македонија и впечатокот беше секогаш одличен. Можеби најголема разлика е во тоа што студентите во Словенија имаат повеќе можности за стипендии и други поволности, како што се бонови за исхрана и добро средени домови за студенти“, раскажа министерката.
Стојменова Дух е активна во иницијативата за „паметни села“ поддржана од Европската комисија и Европскиот парламент. Таа ја претставува Словенија во мултирегионален проект на Стејт департментот кој избра 50 жени од целиот свет кои се на важни позиции во науката, технологијата и математиката. Вели дека лошата политика на поранешната словенечка влада ја поттикнала да влезе во политиката.
„За жал, во Словенија бевме сведоци на политика, која не ги почитува човековите права, која не ги почитува уставот и останатите правни средства и институции. Словенија, која сите ја познаваме како успешна и напредна држава, едноставно веќе не постоеше и така настана моќна цивилна иницијатива, коа бараше широк активен ангажман, буквално од сите“, рече Стојменова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајна несреќа на патот Кочани – Штип, сообраќајот во прекин
Од 20:30 часот сообраќајот на магистралниот пат А-3 Кочани – Штип (с.Долни Подлог – с.Тркање) е во прекин, поради сообраќајна незгода.
Сообраќајот се пренасочува преку с.Тркање кон екпресен пат Кочани – Штип, соопшти АМСМ.
Македонија
Ѓорѓиевски: Доста беше мрак, време е повторно да покажеме дека Скопје знае да слави
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, со покана до скопјани и гостите на главниот град за како што вели, незаборавен дочек на Новата 2026 година на плоштадот „Македонија“.
По подолг период, Скопје повторно ќе пулсира во знакот на радоста и врвната музичка забава, со богата програма што ги обединува сите генерации и ја враќа празничната магија во срцето на градот, истакнуваат од Град Скопје.
„Скопје, дали сме подготвени за најдобрата забава?
Со голема чест и искрена радост, ве поканувам на плоштадот „Македонија“ на незаборавен дочек на Новата 2026 година, ноќ која повторно ќе го сплоти градот.
Програмата започнува во 19:45 часот со моќниот вокал на Миле Кузмановски, а продолжува со Огнен Здравковски.
Следуваат Дина Јашари, легендарните Куку Леле и неповторливата Тамара Тодевска.
Кулминацијата ја носат милениците на младата публика Пајак, Лара и Два Бона, додека магичниот момент на пречекот на Новата година ќе го одбележи настапот на Каролина Гочева.
Почитувани скопјани, доста беше мрак.
Време е за заедништво и за радост.
Време е повторно да покажеме дека Скопје знае да слави, знае да обединува и знае да биде лидер во културните настани.
Со домашни изведувачи, љубени од публиката, создадовме програма што ги поврзува сите генерации.
Ова е наш подарок за градот убав – за повторно да живее, да пулсира и да сонува.
Ве поканувам сите, драги скопјани, да ни се придружите и заедно да ја пречекаме 2026 година со насмевки, музика и незаборавни мигови.
Сите сте добредојдени да бидете дел од оваа новогодишна приказна, исполнета со позитивна енергија и врвна забава.
Се гледаме“, напиша на социјалните мрежи скопскиот градоначалник.
Македонија
Во прекин сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица), поради сообраќајна несреќа во прекин и сообраќајот кон ГП Ќафасан
Поради протест на грчките земјоделците, од 17:10 часот сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) е во прекин.
Поради сообраќајна незгода сообраќајот кон ГП Ќафасан е во прекин во двата правци, соопшти АМСМ.
На 30.12.2025 (вторник), од 15:00 часот, ќе има измена на режимот на сообраќајот на Коридор 10, на делницата Прилеп–Битола, при што сообраќајот ќе биде пренасочен по регионалниот пат Р1101, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

