Македонија
Ковачевски: Нова водоводна мрежа за Аџиевци, проект вреден близу 400.000 евра
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска ја продолжува посетата на реканскиот крај во општина Маврово и Ростуше, со средба со жителите од населеното место, Аџиевци.
Аџиевци, после подолг период конечно добива нова водоводна мрежа, проект вреден блиску 400 000 евра, што е втора најголема инвестиција во Маврово и Ростуше, информираат од партијата.
„Изграден е нов локален пат со кој се поврзуваат населените места Присојница и Аџиевци во вредност од над три милиони денари. Со ова значително се олесни комуникацијата меѓу овие две населени места. Аџиевци е пример дека во тесна соработка помеѓу општината и жителите, може да се создаде поубаво и побезбедно место за живеење. Со материјали обезбедени од општината и работна акција на месното население, во Аџиевци е изграден потпорен ѕид на локалната улица, со што се обезбеди поголема сигурност при движењето на жителите“ велат од СДСМ.
“Во наредниот период, со Медат Куртовски како градоначалник, планирана е изградба на обиколен пат, уредување на спортски терен, реконструкција на училишната зграда и чистење и уредување на диви депонии. Нема посилен аргумент од исполнителноста на Медат Куртовски. Медат докажа дека работи за секое едно населено место во Маврово и Ростуше, дека не ги дели граѓаните на ваши и наши, и токму затоа на 20 август ќе ја добие поддршката од жителите на Аџиевци и цело Маврово и Ростуше” – порача Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: „Тефтерчињата“ во судството од времето на Никола Груевски се вратија
„Го сменија јавниот обвинител за да постават обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник од ДПМНЕ назначија за член на Судскиот совет, поставија партиски човек во Советот за јавни обвинители. ‘Тефтерчињата’ во судството од времето на Никола Груевски се вратија“, велат од СДСМ.
„Сите знаат, следува целосно погребување на правдата. Со неуставна Резолуција во Собранието ДПМНЕ-ЗНАМ ја гушат демократијата, слободата на говор и се обидува да ја замолчи опозицијата да не зборува за договорот мигранти за пари.
Дури и Катица Јанева ја пуштија од затвор. Три години порано ја пуштија надвор од затвор за 3 месеци да тера кампања. Copy-paste сценарија како методите на Никола Груевски и Вучиќ. Режим 2.0.
Затоа е потребен широк фронт за правда на сите слободоумни граѓани, опозициски партии, прогресивни сили, здруженија. Заедно ќе ја одбраниме демократијата, заедно ќе ја одбраниме Македонија!“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Гаши се сретна со амбасадорката на Монголија: 30 години дипломатски и пријателски односи
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, заедно со Пратеничката група за соработка со Парламентот на Монголија, оствари средба со нерезидентната амбасадорка на Монголија, Сајана Лкхагвасурин.
Претседателот Гаши изрази задоволство од средбата во време кога се навршуваат 30 години дипломатски односи меѓу двете земји и надеж дека овој јубилеј ќе отвори едно ново поглавје на заедничка соработка. Иако нашата земја е кандидат за членство во ЕУ, сепак е отворена за соработка со сите држави во светот.
Исто така, Гаши искажа почит кон Монголија од историски аспект – преку Џингис-хан и од современ аспект – како силен мост меѓу Истокот и Западот.

Како претседател на законодавниот дом, ќе се заложи за продлабочување на односите на парламентарно, но и државно ниво. Преку заемни посети и размена на искуства, да се изградат мостови на соработка.
Амбасадорката изрази задоволство од одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи и најави низа свечени настани во таа чест. Таа информира за формирањето на парламентарна група за соработка со Македонското собрание, која е во тек во Монголскиот парламент, што ќе доведе до зајакнати парламентарните релации. Во насока на приближување на народите, беше посочено и што поскоро воведување на безвизен режим, како бенефит за двете земји.

Претседателката на Пратеничката група за соработка, Мерита Колчи-Коџаџику, ја искористи можноста да се заблагодари и на почесниот конзул на Монголија во нашата земја, Литов Намдагжанчивин, за неговиот труд и посветеност на зближување на двете земји. Во годината што претстои, најави интензивирана соработка, посебно на културно и туристичко поле. Во овој контекст се надоврзаа и пратениците Тони Јаревски и Драган Недељковиќ, кои упатија заложби за зголемена културна размена и преточување на иницијативите во конкретен документ за соработка.
Македонија
МОН: Младите во Македонија ја менуваат перцепцијата за тутунот, неговата употреба се намалува, но се зголемува на електронските цигари
„Во образовниот систем во Македонија одамна е поставен механизам за превенција од употреба на психоактивни супстанци, но тој мора да се менува и надополнува, затоа што се менуваат и трендовите во однесувањето на младите – се намалува употребата на тутунот, но се зголемува употребата на електронските цигари и на тоа мора да се делува“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешната прес конференција во Институтот за јавно здравје каде беше презентиран последниот извештај на Европскиот проект за истражување во училиштата за употреба на психоактивни супстанци, од 2024 година. Во документот има препораки што ќе помогнат при креирање на идните политики за зголемување на свеста кај младите за штетноста на психоактивните супстанци.
„Јас ќе споделам дека теми кои се поврзани со грижата за сопственото здравје се застапени во сите одделенија во редовните предмети, особено во природните науки. Но, за да ја подигнеме здравствената писменост, од оваа учебна година со поддршка на Светската здравствена организација воведовме и нов изборен предмет „Учам за моето здравје“ во VII одделение“, рече Јаневска.
Министерката информираше и дека на почетокот на годинава направени се законски измени со кои основните и средните училишта имаат обврска покрај програми за заштита од насилство, спречување на дискриминација, поголема толерантност и слично, задолжително да спроведуваат и програми за превенција од злоупотреба на алкохол, тутун и други психоактивни супстанци.

„Заедно со Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал, во октомври и ноември годинава спроведовме обуки за наставници и стручни соработници во 50 основни училишта во Скопје, Струмица, Штип, Прилеп, Кочани и Гостивар, кои ќе ја реализираат превентивната програма „Вештини за адолесценција“. Станува збор за структурирана програма која е базирана на докази и ја спроведуваат над 100 земји во светот, а има за цел да ги подготвува младите да не подлегнуваат на врснички притисок, односно да прават здрави избори и да не користат штетни психоактивни супстанци“, информираше министерката.
Наша задача е, рече Јаневска, како нови институционални раководства да продолжиме да работиме во интерес на новите генерации и заштитата на нивното здравје.
„Тоа и го правиме и затоа јавно алармираме за одредени состојби, ги обединуваме напорите и бараме вклучување на сите релевантни чинители кои можат да помогнат во креирање и спроведување на најдобрите превентивни политики“, потенцираше министерката.
Европскиот проект за истражување во училиштата за алкохол и други дроги (ЕСПАД) е најстарата истражувачка иницијатива во Европа посветена на следење на трендовите на употреба на супстанции кај адолесцентите, основана во 1995 година од денешната Агенција за дроги на Европската унија (ЕУДА). Последното истражување во Македонија беше спроведено во 2024 година во 96 средни училишта и 182 паралелки. Опфатени беа 2831 ученик, од кои 1397 или 49,3% момчиња и 1434, односно 50,7% девојчиња.

