Македонија
Пецаков: Пливачите се револтирани бидејќи три години со ред не им е исплаќан награден фонд

Пливачите се револтирани бидејќи три години со ред не им е исплаќан награден фонд, обзнани градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков. Тој посочи дека им испратиле покани, а тие прашале дали ќе им биде исплатена награда. Пецаков кажа дека е разговарано со спонзори и со Агенцијата за млади и спорт, со цел, да се обезбедат пари. Според него, случувањата во пливачката федерација покажуваат дека таа е несериозна и додаде: „Тоа се смешки живи, за тоа што се случувало години наназад“.
„Начинот на раководење со маратонот го гледаме и со посетеноста и како од година во година се уништува. Како локална самоуправа мора да ги разгледаме сите опции. За оваа година ќе направиме се што е во наша моќ, за да успееме да го организираме Охридскиот маратон. Ја повикуваме и државата. Веќе разговаравме со Агенцијата за млади и спорт. Да видиме како и тие ќе учествуваат во оваа приказна. Општина Охрид мора да ги преземе одговорностите како главен организатор. Ние ќе го поканиме да биде покровител претседателот на Македонија, но главната организација ќе гледаме да го преземеме ние, со охридските клубови“, кажа Пецаков.
Пецаков е дециден дека нема да дозволи да нема награден фонд за пливачите.
„Како градоначалник не можам да сфатам како се доведуваме да останеме без маратон односно да поминеме со штуро соопштение од страна на претседателот на Македонија. Што правеле до сега? За да поканите пливачи на маратонот треба месец дена, а сега се ставаме во една временско крајна зона, кога не знаеме колку позитивни одговори ќе добиеме. Испратени се поканите. Добиваме одговори, а најбитно прашање е дали ќе има награден фонд, а зошто, затоа што две или три години не им е исплатен тој награден фонд“, додаде Пецаков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.
Македонија
Задутре времен застој на ГП „Делчево“ заради градежни работи

Регионалниот центар за гранични работи „Исток“ ја информира јавноста дека задутре ГП и ГН „Делчево“, односно од бугарска страна ГКПП „Станке Лисичково“ целосно ќе бидат затворени за секаков сообраќај во периодот од 08:00 до 14:00 часот.
Причина за тоа, според официјалното известување добиено од бугарските гранични полициски служби, се градежните работи на патната делница кај ГКПП „Станке Лисичково“. По завршувањето на работите сообраќајот и функционирањето на граничните премини ќе продолжи непречено да се одвива.
Македонија
Апел за поддршка: Помогнете на ранливите граѓани да аплицираат за субвенција за струја

Инженери на Република Македонија упатија апел до јавноста за помош на ранливите категории граѓани во процесот на аплицирање за финансиска поддршка од Министерството за енергетика. Станува збор за јавен оглас за субвенција од 1.000 денари месечно на сметката за електрична енергија, кој важи 12 месеци.
Апелот е насочен кон инженери, техничари, информатичари и сите граѓани што се снаоѓаат со институционални постапки, да им помогнат на лица со интелектуална или телесна попреченост, целосна слепост или глувост, лица во социјален ризик и сиромаштија, кои се соочуваат со бариери при собирање на документи, пополнување формулари и поднесување на пријави.
Постапката за аплицирање вклучува преземање формулари од www.energy.gov.mk, фотокопирање документи, обезбедување на нотарска изјава и испраќање на пријавата по пошта во затворен плик. Рокот за пријавување е 30 дена од денот на објавата на јавниот оглас.
Според Државниот завод за статистика, над 38.000 домаќинства примаат гарантирана минимална помош, но само околу 4.000 домаќинства ја користат оваа субвенција. Останатите над 90 отсто не аплицираат, најчесто поради технички пречки, а не поради неисполнување на условите.