Македонија
Дел од Домот за доенчиња и мали деца во Битола ќе се преадаптира во градинка
Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, денес потпишаа два значајни договори, преку кои е дефиниран начинот на реализација и финансирање на активностите за адаптација на дел од објектот на Домот за доенчиња и мали деца во Битола во детска градинка, која ќе биде во состав на ЈОУДГ „Мајски цвет“.
„Преку овие два договори, практично, ќе обезбедиме подобра иднина за нашите сограѓани, овозможувајќи им згрижување на нивните деца во објект наменет за детска градинка. Општина Битола ќе финансира 30% од предвидената сума за градежните работи и адаптацијата на објектот, односно околу 4 милиони денари, средства кои се веќе обезбедени од Буџетот и планирани во Годишниот план за јавни набавки, а исто така, општината обезбеди средства за изработка на Проектот за адаптација.
![]()
Општина Битола со години има долга листа на чекање на деца за прием во детските градинки. Како локална самоуправа, максимално се залагаме да се изнајдат законски решенија, со кои ќе биде надминат овој горлив проблем за родителите, особено за оние кои одат на работа и немаат каде да ги остават своите најмили. Потпишувањето на денешните договори е токму во таа насока, да се обезбеди капацитет од нови 80 места за деца од претшколска возраст.
Присуството на министерката исто така во искористивме за да разговараме и за преостанатите две детски градинки кои се започнати во Битола, а треба да се завршат со поддршка од Министерството за труд и социјална политика, а кои се уште не се реализираат со потребната динамика“ – рече градоначалникот Тони Коњановски.
Ваквата инвестиција и е потребна на Битола, истакна министерката Тренчевска и посочи дека ги охрабрува и другите општини да доставуваат проекти за изградба, доградба и адаптација на простори со цел нивно наменување во детски градинки.
„Заедно со општината ќе делуваме во рамките на стратешките определби преку поддршка на активности од јавен интерес за унапредување, промоција и поддршка на политиките за развој на детската заштита. Целта е да придонесеме кон зголемување на опфатот на деца во детските градинки . Како министерство се залагаме за што поголема соработка со општините и унапредувањето на животот на граѓаните да доаѓа токму преку заложбите на локалните самоуправи“, рече Тренчевска.
Предвидениот рок за изведба на градежно-занаетчиските работи на градинката изнесува 10 месеци, сметајќи од денот определен за вовед во работа на изведувачот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.

