Македонија
(Видео) Арсовски: Дали Бухова и Министерството за здравство дозволиле очната болница на „Промедика“ да врши дејност оперативни зафати без потребни лиценци?
Според нашите информации, очната болница на „Промедика“, која е во склоп на медикал центар поликлиника „Промедика“ и се наоѓа во строгиот центар на градот Скопје коде што не може ниту еден инспектор или кој било вработен во министерството да ја промаши, функционира и врши дејност оперативни зафати, без потребни лиценци коишто мора да ги има согласно Законот. Свесно или не, поликлиниката медикал центар „Промедика“ го прекршува Законот за здравствена заштита, каде што здравствена дејност во Република Македонија може да вршат и приватни установи кои работат врз основа на добиена лиценца (член 13 став 3) и коишто може да вршат услуги од областа на секундарното здравство како специјални болници (член 36), што укажува на следното дека приватни болници се основаат врз основа на утврдени критериуми, по чиешто исполнување и констатирана проверка за нивната исполнетост од страна на луѓето, односно фирмата којашто сака да отвори приватна установа, за потоа да добие дозвола од страна на Министерството за здравство за вршење на одредената дејност со точно наведена листа на здравствени услуги. Значи се исполнуваат критериуми, се врши од страна на министерството и инспекторатот проверка дали се исполнети условите и веднаш потоа се издава лиценца. Оттука, контролата врз работата на тие приватни установи болници треба да ја врши Државниот санитарен и здравствен инспекторат како орган во состав на министерството за здравство, изјави на денешната прес-конференција Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека според информациите коишто ги имаат, инспекторите од Здравствениот инспекторат уште пред неколку години донеле одлука за затворање на оваа очна болница којашто работи во склоп на поликлиниката „Промедика“, која работи под неколку имиња или правни потсубјекти, коишто може да се видат и по рекламите дали по социјалните мрежи и медиумите. Но, корумпираноста на институциите и кадрите со коишто раководи СДСМ го спречува затворањето на болницата и овозможува нелегално и диво работење и оперирање во оваа иста болница.
Оттука произлегуваат неколку прашања и тоа поучени по примерот на претходниот случај којшто излезе во јавност со друга приватна болница, сега власта треба да одговори на следните прашања:
Дали директорката на Здравствениот инспекторат Ирина Бухова и претходно министерството ја штитат оваа болница од затворање и прекинување на нејзиното нелегално работење и практично нелегално вршење на дејност и оперативни зафати?
Дали оваа очна болница во склоп на „Промедика“ работи нелегално без добиените потребни лиценци, односно без потребните лиценци кои што ги нема добиено бидејќи не ги исполнува сите услови?
Ако работи нелегално, кој би сносил одговорност доколку се случи пропуст или несреќен случај при некој од оперативните зафати?
Многу важно прашање, дали и како наплаќа оваа очна болница на „Промедика“, односно поликлиниката „Промедика“ за услугите во очната болница, за оперативните зафати, од едноставна причина што доколку нема лиценца за вршење оперативни зафати, не е даночен обврзник и практично дали од тука потекнува и произлегува најтешкото економско кривично дело, затајување данок и перење пари? Бидејќи тие луѓе коишто ги користат услугите можеби не знаејќи дека оваа болница работи нелегално и диво, плаќаат за тие услуги. И како болницата ги пријавува тие пари коишто се платени за услугите за коишто не поседуваат лиценца?
Арсовски истакна дека ова е криминал од огромни размери, каде што здравството уште еднаш, за жал, потврди дека е руинирано и нефункционално. СДСМ и власта воведоа практика на криминал и сериозна тешка корупција и повеќе никому не му е гајле за законите. Ова не е прв случај на сериозен криминал, на сериозен скандал и на сериозна корупција во Министерството за здравство. Вакви случаи дали со помал или со каков било интензитет гледаме наназад со години откако СДСМ раководи со институциите. Практично оваа власт на СДСМ доведе да не знаат граѓаните каде сè се лечат.
За овој скандал, веднаш треба оставки од луѓето коишто го штитат криминалот и треба одговорност! Никој не смее да биде над законите и никој не смее да прави што сака без разлика дали е стручен или не. Најважно е дека треба било која приватна здравствена установа да исполнува услови, а понатака институциите треба да си ја завршат својата работа. Овој случај нема да го оставиме така и потребна е одговорност, изјави Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Облачно со повремени врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во југоисточните делови од земјата (над 20л/м2). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, во текот на денот врнежите ќе преминат во снег во повисоките, како и во некои од пониските места. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 3 до 8 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Во понеделник наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините од снег се очекуваат во четврток и петок. Дневната температура од вторник ќе биде во пораст.
Македонија
ДОМ: Дислокација на цементарницата Усје преку јавно-приватно партнерство
Зелената партија ДОМ предлага воведување на моделот „Зелен урбан трансфер“ како стратешко решение за дислокација на цементарницата, без никакви трошоци за државниот буџет, се наведува во соопштението на партијата.
Според ДОМ, досегашните тврдења дека дислокацијата на цементарницата е „невозможна мисија“ се резултат на застарени економски пристапи. Партијата посочува дека во светот веќе со години се применуваат модели со кои тешките индустриски зони се трансформираат во нови, еколошки урбани четврти, без директно оптоварување на државните финансии.
Клучот на предложениот модел е принципот „вредност на земјиштето наместо државен буџет“. Наместо државата да ја финансира дислокацијата, се предлага пренамена на земјиштето на Усје од индустриска зона (Г) во станбено-деловна зона (А и Б). Со ваквата одлука, вредноста на парцелата значително се зголемува, а инвеститорот, односно сопственикот, добива можност да развие модерен „Smart City“ комплекс. Приходите од продажбата на недвижностите, според ДОМ, би се користеле за изградба на нова, целосно еколошка фабрика на соодветна, подалечна локација.
Бидејќи процесот на дислокација може да трае од пет до седум години, од ДОМ бараат Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање веднаш да воведат преоден режим во А-интегрираната дозвола, со најстроги еколошки стандарди. Меѓу барањата се итна инсталација на филтри од последна генерација за целосна елиминација на цврстите честички PM10 и PM2.5, како и системи за десулфуризација и денитрификација за намалување на емисиите на сулфур диоксид и азотни оксиди.
Партијата предлага и задолжително воведување на системи за вбризгување активен јаглен и вреќасти филтри, со цел целосна неутрализација на диоксините и фураните, нагласувајќи дека на тој начин ќе се спречи испуштање канцерогени материи во воздухот за време на транзицискиот период. Дополнително, ДОМ бара 24-часовен јавен дигитален мониторинг, при што податоците од оџаците би се емитувале во живо на веб-страницата на Министерството и на јавни екрани во општина Кисела Вода.
Во соопштението се осврнуваат и на решавањето на еколошкиот товар од ОХИС и Пеленица, при што се предлага чистењето на линданот да се финансира преку меѓународни развојни грантови и концесиски модели. Според ДОМ, приватен партнер би можел да добие право на стопанисување со исчистениот простор, во замена за целосна ремедијација на почвата.
Од партијата порачуваат дека Скопје заслужува чист воздух, а индустријата треба да се развива надвор од градското јадро. Со моделот „Зелен урбан трансфер“, како што наведуваат, сопственикот на „Усје“ добива нов капитал, а граѓаните – подобри услови за живот. Истовремено, преку новиот Генерален урбанистички план, градот би го насочил своето стратешко ширење кон нова, еколошки уредена четврт, додека би се намалил притисокот од прекумерна урбанизација и бетонизација во веќе преоптоварените централни и западни делови на Скопје.
Македонија
Тошковски денеска на Пониква ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители кои традиционално во овој период престојуваат во зимското одморалиште на МВР на Пониква.
-Имав чест на заеднички ручек да поминеме време заедно, во искрена и топла атмосфера, да поразговараме на повеќе теми. Жртвата што ја дале нивните најблиски е најголемата можна жртва, затоа што тие ги загубиле своите татковци, сопрузи, синови во одбрана на татковината, посочува Тошковски во објавата на својот Фејсбук профил.

Министерот нагласува дека жртвата на загинатите бранители не смее и нема да биде заборавена.
-Таа за нас претставува аманет и трајна обврска, секогаш да бидеме покрај нив, да им даваме поддршка, да ги почитуваме и да одговараме на нивните потреби во рамките на надлежностите што ги имаме, вели Тошковски.

