Култура
Кинематограферката Елем Лотман на „Браќа Манаки“: Реалноста навистина не е доволна, затоа треба да се создава
жТретиот мастер клас во рамките на 43. ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола го одржа Елен Лотман (Elen Lotman), кинематограферка од Естонија. Таа има реализирано повеќе од 20 играни, документарни и кратки наслови, снимени речиси низ целиот свет, од Јапонија, Тибет, Тајланд и Индија, до Никарагва, Костарика, Финска и Рускиот Артктик.
Добитничка е на низа признанија и учествувала во натпреварувачките програми на престижни фестивали низ светот, како IDFA, Tampere Film Festival, Black Nights Film Festival, Moscow International Film Festival… Со долгометражниот документарец „Драга мајко“ (Dear Mother; 2020 година) освои награда на Филмскиот фестивал во Торонто, а со долгометражниот игран „Збогум СССР“ (Good Bye Soviet Union; 2021) ја освои наградата на публиката на Black Nights Film Festival во Талин, Естонија.
Лотман активно се занимава со едукација и е професорка на Baltic Film, Media and Arts School на Универзитетот во Талин. По неколкугодишното учество во Управниот одбор на ИМАГО сега е копретседателка на оваа Европска федерација на кинематограферите.
Презентацијата на Елен Лотман беше насловено „Што е реалноста?“, и како што забележа таа, совршено се вклопува во годинешното издание на ИФФК „Браќа Манаки“, чие мото е „Реалноста не е доволна“.
Лотман го започна инспиративното и мошне едукативно предавање за кинематографијата видена низ „очите“ на неврологијата со забелешката дека сите филмски школи во светот имаат различни правила, но напомена дека ниту таа, ниту останатите, не би можеле да ги запомнат ако не ги разберат.
Цитирајќи го славниот сликар Пабло Пикасо – „Научете ги правилата за да можете да ги прекршувате!“ – Лотман ги поведе присутните, кои ја исполнија Малата сала на Центарот за култура во Битола, низ предавањето илустрирано со низа примери, пластично презентирани, за реалноста и нејзината перцепција. Нејзината докторска дисертација одбранета минатата година е насловена „Применета хевристика во играната кинематографија“ („Experiential Heuristics in Fiction Film Cinematography”). За илустрација, под хевристика се подразбира секој пристап кон решавањето проблеми со практични методи или разни кратенки за да се дојде до решенија, кои можеби не се оптимални, но се достаточни ако постои ограничен временски рок.
Лотман говореше за физичките и својства на светлината како широк електромагнетски спектар, кој меѓу останатото, ги покрива радиобрановите и инфрацрвените зраци. Но, човековата перцепција на светлината и предметите ги „раѓаат“ сликите во нашиот мозок.
-Сликите не постојат! Сликите не се складирани во нашиот мозок, туку тоа се електромагнетни бранови претворени во електрохемиски сигнали. Сликите во нашиот мозок не се слики, туку
сигнали, посочува Лотман, поентирајќи дека човекот го учи тој процес од бебешки стадиум. Бебињата не ги гледаат сликите, нагласува Лотман, туку „прогледуваат“ со растењето и учењето како да ги гледаат сликите.
Посочувајќи ја тезата на Маргарет Ливингстон дека гледањето не е трансформација на слики, туку информациски процес, Лотман низ низа примери илустрирани со видео-инсерти и графички прикази на разни студии за невролошките процеси кои ја создаваат човековата перцепција на реалноста. Една од нив, на пример, покажува дека дури 75 отсто од испитаниците, со мало скршнување на нивното внимание, нема да ја приметат промена на случајната, непозната личност со која разговарале во тој момент.
Лотман презентираше и примери за феномените на „слепата точка“ и постојаноста на бојата и големината на предметите во човековата перцепција на сликите.
-Мозокот е машина за предвидувања, поентираше Елен Лотман во нејзиното предавање, и тие предвидувања се слични на временските прогнози и(ли) предвидувања на историски/политички процеси…
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Романтичниот балет „Жизел“ на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари
Еден од балетските бисери на класичниот репертоар – „Жизел“ од Адолф Адам ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари со почеток во 19.30 часот.
Диригент е Едуард Амбарцумјан (Ерменија), кореографијата е по Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа и Леонид Лавровски, во адаптација на Ирена Пасариќ (Хрватска). Костимограф е Александар Ношпал, сценографијата е на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а дизајнот на светло е на Милчо Александров.

Во насловната улога – Жизел настапува примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Алберт – Балаж Лочеи, како Мирта настапува Илијана Данилов, а во улогата на Хиларион – Бобан Ковачевски, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Едно од најпознатите дела од класичниот балетски репертоар, „Жизел“ ја раскажува приказната за љубовта, измамата и прошката, која во вториот чин се одвива во светот на вилите. Лиричната музика и препознатливата кореографија го прават балетот постојано присутен на светската и домашната сцена.

Премиерно изведен во Париз во 1841 година, балетот „Жизел“ се смета за врв на романтичниот балет, особено по прочуениот „бел чин“ – еден од најпрепознатливите симболи на класичната балетска естетика.
Култура
Промоција на романот од Ирена Јурчева „Ќе помине и моќта“ во МКЦ
Вечерва, со почеток од 19 ч., во фоајето на Младински културен центар (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ирена Јурчева – „Ќе помине и моќта“.
Покрај авторката, на промоцијата ќе зборуваат Виолета Танчева-Златева и Александар Маџаровски-Читачот.
Романот „Ќе помине и моќта“ излезе од печат кон крајот на 2025 г., во издание на „Паблишер“, и претставува досега најамбициозно и најобемно дело на Јурчева. На повеќе од 350 страници, авторката гради слоевита и длабока приказна за наглото созревање среде светот што се распаѓа, за необичната моќ што го одбележува животот, и самата осудена да помине.
Ирена Јурчева ѝ е веќе добро позната на книжевната јавност како поетеса, прозаистка и преведувачка. Позната е по поетските книги „Таинства“ и „Огнот наш нестишен“, збирките раскази „Разнишан свет“ и „Белата е најстрашната боја“, за која ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Освен тоа, преведувачка е на значајни дела од светската класика, меѓу кои се издвојуваат „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин и „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
Книгата ќе биде достапна за продажба и на самата промоција.
Култура
Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај „Сусурига 2026“
На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2026“, која како автентичен обичај ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.
Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.
Манифестација „Сусурига“ го негува наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.

