Македонија
(Видео) Костовски: Мицкоски и Апасиев доживеаја пораз на изборите и добија жешка шлаканица од граѓаните

На вонредените локални избори антиевропската коалиција на Мицкоски и Апасиев доживеа пораз, им се случи дебакл. Двојна победа на СДСМ и коалицијата во две општини каде што имаше избор за градоначалник и драстичен пад на гласовите на ВМРО-ДПМНЕ е резултатот на овие избори. Пораката на граѓаните е жешка шлаканица за Мицкоски и Апасиев. Не сакаат граѓаните блокади, деструкции и лаги.
Сакаат напредок, поголеми плати, европски вредности и сигурна иднина. На првото изборно соочување Ковачевски го победи Мицкоски. Затоа и го нема Мицкоски да се јави 5 дена, макар и на својот фејсбук-профил, изјави на денешната прес-конференција Мартин Костовски, пратеник на СДСМ.
Тој додаде дека поразот на Мицкоски во Маврово Ростуше е директен и уште поголем бидејќи загуби кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, кој е член на Извршниот комитет на партијата. Тој член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ загуби од кандидатот на СДСМ и Коалицијата со разлика од 1.300 гласови. Кандидатот му бил дел од Извршниот комитет ама Мицкоски не го претставува ниту него ниту другите членови на ИК на веб-страницата на ВМРО-ДПМНЕ.
Костовски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ во општина Тетово, која има над 80.000 гласачи, освои помалку гласови од СДСМ и коалицијата во Центар Жупа. Ученикот Апасиев го надмина падот на професорот Мицкоски, во Тетово не освои ниту еден, повторувам ниту еден советник. Двојната победа на СДСМ и коалицијата предводена од Ковачевски покажа дека Мицкоски и Апсиев немаат поддршка од граѓаните.
Сите анкети што ги нарачуваа и лажно ги пласираше ВМРО-ДПМНЕ се потврди сега дека се лажни и погрешни, изјави Костовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Објавени добитниците на државната награда „23 Октомври“ за 2025 година

Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“, на својата последна седница донесе одлука за доделување на државната награда „23 Октомври“ за 2025 година.
Наградата се доделува за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоцијата на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Северна Македонија.
Добитници на наградата во областа на културата и уметноста за 2025 година се: актерот Гоце Тодоровски, писателот за деца и возрасни Александар Кујунџиски, поетот, романсиер, драмски писател и новинар
Братислав Ташковски и писателот акад. Божин Павловски.
Свеченото врачување на наградите ќе се одржи на 23 октомври 2025 година (четврток), во 12:00 часот, во Собранието на Република Северна Македонија.
Македонија
По 61 година учениците во Црешево ќе добијат спортска сала, Јаневска и Стефковски извршија увид во градежните активности

„Иднината на државата се создава во училиштата и затоа од исклучителна важност е сите деца да имаат пристојни услови за едукација, а нивните наставници да бидат мотивирани и да имаат можности добро да ја извршуваат својата благородна мисија. Како Влада се посветивме на инфраструктурата во образованието и во изминатите 16 месеци вложивме 67 милиони евра – 32 преку Министерството за образование и наука и 35 преку повикот на Владата за распределба на средства кон општините за образовни проекти“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која денес заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски извршија увид во изградбата на спортската сала во рамки на ОУ „Наум Охридски“ во Црешево.
„Инвестицијата во спортската сала е токму резултат на добрата соработка помеѓу Владата и општината. Објектот ќе овозможи квалитетна реализација на наставата по физичко образование, но и ќе поттикне поголема физичка активност и спортување на децата по завршувањето на часовите“, рече Јаневска потенцирајќи дека квалитетната спортска инфраструктура придонесува за градење здрави генерации со вистински вредности – со натпреварувачки дух, упорност, тимска работа, емпатија и меѓусебна почит.
Министерката нагласи дека инвестициите во образованието ќе продолжат. Со зголемен буџет за овој ресор, во текот на мандатот Владата ќе изгради уште 30 училишни спортски сали, а ќе се реконструираат 15 постоечки во различни општини.
Градоначалникот Стефковски рече дека по 61 година учениците од Црешево, Виниче и Смилковци кои своето основно образование го поминуваат во ова училиште ќе добијат училишна сала согласно сите европски стандарди. Изрази задоволство од поддршката која ја добива од Владата за модернизација на инфраструктурата во општината, информирајќи дека средствата за овој објект во висина од 34 милиони денари се обезбедени преку владиниот повик за распределба на средства по општини за инфраструктурни проекти. Спортската сала се очекува да биде завршена во втората половина на 2026 година.
Македонија
Граѓаните да се пријавуваат на vakcinacija.mk за вакцинирање против сезонски грип

Во тек е дистрибуција на вакцините против сезонски грип низ јавните здравствени установи, граѓаните може да се пријавуваат на апликацијата vakcinacija.mk. Министерството годинава набави 80.000 дози четиривалентна вакцина од реномираниот производител „Абот“ од Холандија.
Министерството за здравство информира дека е во тек дистрибуција на вакцините против сезонски грип низ јавните здравствени установи, по што во текот на неделава граѓаните што се пријавиле за бесплатна вакцинација ќе бидат известени со СМС порака за терминот за вакцинација.
Вакцинацијата против сезонски грип ќе се спроведува на 35 вакцинални пункта низ државата, од кои пет во Скопје.
„Потсетуваме дека е во тек пријавувањето за бесплатна вакцинација против сезонски грип на ризичните групи население, кои може да се пријават со пополнување на апликацијата vakcinacija.mk на следниот линк: https://vakcinacija.mk/mk/registration-flu или преку својот матичен лекар. Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните категории население: повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лицата сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи“, информира Министерството.
Од таму велат дека вакцинацијата претставува најефикасна превентивна мерка за заштита на здравјето.