Македонија
Арсовска: Инвестираме во реконструкција на водоводната мрежа за поквалитетно водоснабдување во Горно Лисиче

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, заедно со градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, и директорот на ЈП Водовод и канализација, Златко Перински, денеска извршија увид на почеток на градежните активности за реконструкција на водоводната мрежа на улицата „Ѓорѓи Капчев“ во населеното место Горно Лисиче во општина Аеродром.
„Со реконструкцијата на оваа водоводна мрежа овозможуваме поквалитетно водоснабдување за жителите во Горно Лисиче. На овој потег изведуваме нова соодветна водоводна мрежа, по што ќе се напушти од употреба постоечката која е со незадоволителен профил. Вкупната заедничка инвестиција за реализација на овој проект во општина Аеродром изнесува над 9 милиони денари“ – истакна Арсовска.
„Водоводната мрежа на дел од улицата Ѓорѓи Капчев 1 и нејзините 4 крака се реконструира во вкупна должина од околу 580 метри, со што ќе се овозможи реконструкција на приклучувањето на објектите на таа нова мрежа. Реконструираната водоводна мрежа ќе се поврзе на веќе постоечката водоводна мрежа со профил Ф-150мм на улицата Ѓорѓи Капчев“ – истакна Перински.
„Општина Аеродром заедно со Јавното претпријатие на Град Скопје, Водовод и канализација како заеднички инвеститори започнуваат со реализација на овој проект со цел подобро водоснабдување за жителите од населбата Горно Лисиче. Општина Аеродром го слуша гласот на граѓаните и ги подобрува услугите со инвестиции во инфраструктура“ – изјави Муцунски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Гази Баба и Кисела Вода денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од село Инџиково од улиците: 3, 7, 14, дел од ул. 10 и дел од ул. Маџари. (Општина Гази Баба)
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од дел од ул. Студеничанска и дел од ул. Драчевска. (Општина Кисела Вода)
· од 09:30 до 13:30 часот, корисниците од ул. Добре Ивановски, и дел од ул. 22 во нас. Инџиково. (Општина Гази Баба)
Македонија
Денеска максималната температура до 38 степени, од утре потопло

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток до средината на наредната седмица кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надмине 40°C. Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.