Македонија
ДСЗИ ќе побара министерот Сали да формира комисија за утврдување евентуална лекарска грешка по смртта на 25-годишното момче од Берово
За починатото 25-годишно момче по вадење заб, Здравствениот инспекторат бара комисија да формира и министерот Сали
Во штипската Болница во тек е вонредниот инспекциски надзор по смртта на 25-годишното момче од Берово кое почина по вадење заб.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат извести дека ќе иницира формирање комисија за стручен надзор до министерот за здравство Беким Сали, која, исто како и Лекарската комора, може да утврди лекарска грешка.
„На 26.8.2022 год од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршен е вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ КБ Штип по допрен глас за настанат смртен исход кај пациент Ј.Д од Берово по извршена хируршка интервенција на заб. Инспекцискиот надзор во клиничката болница е сè уште во тек. Дополнително ќе се извршат и вонредни инспекциски надзори во сите здравствени установи каде пациентот побарал лекарска помош и тоа: матичен лекар, матичен стоматолог, Итна медицинска помош Берово и ЈЗУ ТОАРИЛУЦ-ОЕ за анестезија, реанимација и интензивно лекување – Скопје при што ќе биде обезбедена медицинската документација поврзана со лекувањето на пациентот“, известија од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Од таму најавија дека по целосно завршување на надзорот ќе изготват комплетна информација за констатираната фактичка состојба и за тоа дополнително ќе ја извести јавноста.
Врз основа на оваа документација лекарската комора и комисијата за стручен надзор, доколку ја формира министерот Сали, може да утврдат дали имало лекарска грешка во лекувањето на починатото момче.
Блиски на починатото момче преку социјалните мрежи кажаа дека момчето починало по интервенција на заб во штипската Болница, каде што дренот на забот му по поставиле несоодветно и го пуштиле на домашно лекување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска се обрати на свечена академија по повод 105 години од основањето на Филозофскиот факултет во Скопје
105 години Филозофски факултет значат повеќе од еден век умствен и духовен раст, традиција, научна извонредност и општествено созревање. Тоа е наследство што мора да го чуваме и да го негуваме. Верувам дека оваа институција и понатаму ќе биде водилка на општествената и на хуманистичката мисла, бранител на критичноста и чувар на академската слобода, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на свечената академија со која високообразовната установа го одбележа големиот јубилеј.
„Факултетот не придонесува во развојот на државата само преку образованието и науката, туку и преку својата силна стратешка улога во креирањето на националните политики. Тука се раѓале концепти и научни согледувања што го обликувале образовниот систем, културните политики, социјалните институции и многу од современите професионални практики во државата. И во овој период, Филозофскиот факултет е активно вклучен во изработката на клучни национални стратегии“, рече Јаневска изразувајќи благодарност до сите поранешни и активни професори, истражувачи и вработени на факултетот за нивната посветеност, научен придонес и визија за општеството.

Министерката потенцираше дека иако по однос на неколку теми за време на нејзиниот мандат, ставовите на МОН и факултетот се разликувале, токму таквите јавни дискусии доведуваат до креирање на најдобрите решенија за обезбедување на поквалитетно национално образование. Очекува, како што рече, Филозофскиот факултет да остане меѓу најсилните партнери на државата кои отвораат пат кон нови образовни подвизи.
Јаневска изрази уверување дека буџетот за образование ќе продолжи да се зголемува, а со тоа ќе се зголемува и поддршката за развој на високото образование и науката.
„Држава која вложува во високото образование вложува во сопствената иднина – ја јакне својата конкурентност, го унапредува демократскиот капацитет и го поттикнува општествениот развој. Продолжуваме да креираме политики што обезбедуваат автономија, дигитализирани процеси, подобра научна инфраструктура и поддршка за младите истражувачи“, рече министерката.

Освен Јаневска, на свечената академија се обратија и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова и деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакрески кои се согласија дека академскиот простор мора да остане место каде знаењето се претвора во визија, а визијата во општествена вредност.
Македонија
Делови од Илинден, Аеродром, Чучер Сандево и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од ул. 27 во село Белимбегово, општина Илинден;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од бул. Видое Смилевски Бато бр. 8А, општина Аеродром;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците кои се напојуваат од изводот кој започнува од Рибилимус и продолжува во правец на Горно и Долно Оризари, општина Чучер Сандево;
– во периодот од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од село Бардовци лоцирани кај Машинац зградите, општина Карпош.
Македонија
Магла во утринските часови, сончево со умерена облачност преку ден
Во утринските часови наместа ќе има појава на магла, а во текот на денот сончево со умерена облачност и претежно тивко. Во северозападните делови повремено ќе има зголемена облачност со услови за слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде умерено до значително облачно и претежно тивко.
Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува периодот стабилно и претежно тивко време. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини ќе има појава на магла

