Македонија
Османи: Две години динамична дипломатија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес, во просториите на Министерството за надворешни работи, одржа прес конференција во форма на отчет пред медиумите и јавноста за активностите во првите две години од неговиот мандат (2020-2022).
Во своето обраќање пред медиумите, Министер Османи потсети на петте приоритети кои јавно ги постави како своја мандатна мисија на првата прес конференција која ја одржа како шеф на дипломатијата и инфоримира за напредокот на сите поединечно. Станува збор за добрососедските односи, евроинтеграциите, учеството во регионалната стабилност како стабилен партнер на Соединетите Американски Држави и Европската Унија, засилување на економската дипломатија и про активност во мултилатералната дипломатија.
Министер Османи истакна дека Република Северна Македонија во овој период успеа да постигне позитивна промена во делот на надворешната политика, отпочнувајќи ги преговорите за членство во Европската Унија и отпочнување на стратешки дијалог со Соединетите Американски Држави. Воедно, потенцира дека земјата направи големи промени во регионални рамки наметнувајќи се како регионален лидер од аспект на промовирање добрососедска политика преку изнаоѓање решенија на долгогодишните отворени билатерални прашања, како и преку новостекнати регионални позиции и промовирање стабилност во регионот.
“Иако Протоколот се донесе низ голема политичка тензија и напнатост, неговото потпишување го сметам за најважниот и најголемиот успех во изминативе две години- и за мене, и за дипломатијата и за државата!“, рече Министер Османи.
Како најважен автентичен придонес во создавањето на регионалните политики на земјата го истакна Преспа форумот за дијалог, кој се наметна како најважна регионална конференција, потенцирајќи: “Република Северна Македонија ја ставивме на мапата на земји кои во светот на дипломатијата се препознаваат како земји кои активно придонесуваат во зајакнувањето на меѓународните односи”.
Министерот ја спомна и иницијативата Б6, која претставува неформална група за брза комуникација меѓу министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан; стратешкиот дијалог со САД што претставува нова пресвртна точка на нашето стратешко партнерство; продуктивната улога во рамките на НАТО алијанската, каде во целост го имаме оправдано нашето партнерство со сојузниците; и како еден од најголемите резултати во овие две години, дипломатскиот успех да обезбедиме поддршка за нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 година и во тој контекст овогодинешното претседавање со Медитеранската конференција која преставува платформа за партнерство меѓу ОБСЕ и земјите од Медитеранот, т.е. земјите од Северна Африка и Блискиот исток.
Во рамки на економската дипломатија, ги спомна упатувањето на четирите економски советници во бизнис таргетирани дипломатско конзуларни претставништва: Анкара, Абу Даби, Варшава и Минхен, како и учеството во организација на најголемата светска манифестација Дубаи Експо 2020, која беше Донација од Абу Даби, и учеството на Осака Експо 2025, што Министерот исто така успеа да го обезбеди како донација од домаќинот при посетата во Јапонија.
Министер Османи за оваа прилика подготви и извештај во кој се собрани уште многу детали од работата во изминатите две години: од отворање на новата амбасада во Братислава до проектите за дијаспората, како што е М-каратата, и многу важниот проект за нашите граѓани во странство, употребата на мобилните станици за издавање патни исправи. “Има секако многу проекти, многу политики, многу реформи, и јас сум навистина задоволен и од сработеното и од постигнатите резултати. Ова е само половина од мандатот, продолжуваме со исто тепмо и во следните две години“ заврши Министерот Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Дали Коцевски тактизираше со оставката за да купи време и да се заташкаат над 40 предмети за висока корупција за функционери од СДС и ДУИ“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Љупчо Коцевски тактизираше дури и со сопствената оставка и одлучи да ги пресретне непријатните дискусии и вистината за неговото работење како јавен обвинител. Со оставката Коцевски ги призна проблемите во обвинителството кое беше компромитирано и под негово водство беше институција со изгубен легитимитет“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Коцевски го водеше обвинителството речиси две години и не направи ниту една реформа. Напротив обвинителството во време на Коцевски делуваше во заштита на криминалите на СДС и ДУИ и нивните функционери.
Тактизирањето на Коцевски и задоцнетата оставка е показател за длабоките проблеми, корупцијата и обидот да се зачува статус квото на обвинителството.
Коцевски е првиот на кого парламентот му изгласа недоверба, но тој не пропушти да тактизира за да извлече барем ден плус во заштита на функционерите на СДС и ДУИ.
Со оставката на Коцевски се става крај на темниот период во обвинителството како партиски механизам за заштита на СДС и ДУИ. Оставката на Коцевски не е персонално туку системско решение и е јасна порака дека никој не е недопирлив.
Дали тактизирањето со оставката на Коцевски се купуваше време за неговите наредбодавци?
Дали е точно дека група обвинители на чело со Коцевски заташкуваат над 40 предмети за висока корупција на функционери од СДС и ДУИ?
Оставката на Коцевски е победа за правната држава, крај на партизацијата и почетокот на европеизацијата.
Ова не е крај туку почеток на неселективна и навремена правда.
ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира за независно, професионално и департизирано обвинителство.
ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира на реформи во правосудството за навремена и неселективна правда каде ќе се почитуваат законите и владеење на правото.
ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира на градење на институциите и враќање на довербата на граѓаните во правосудството“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Темата мигранти е измислена од СДС за дневна политика, затоа и побегнаа од Собрание кога требаше да се дискутира за Резолуцијата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Вистина излегува на виделина и СДС веќе не може да го скрие лицемерието, нивните лаги и манипулации. Наводната загриженост за мигрантите се виде дека им е тема за дневна политика, за ширење страв и паника кај населението“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа се потврди и вчера во македонското Собрание, кога пратениците од СДС ја напуштија седницата кога требаше да се дискутира за Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција, поднесена од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Откако од СДС неколку недели устата не затворија за наводните мигранти, ширејќи паника дека само што не дошле во државата, за што сакаа да поднесат и резолуција во Парламентот, кога дојде ред народните избраници да дебатираат за непостоечката и од нив креирана лажна тема мигранти, пратениците на Филипче, како нечестивиот од темјан, заминаа од Собранието.
Тоа покажува само едно. Дека СДС едно зборува, а друго прави и кога доаѓа ред суштински да се дискутира и да се преземе одговорност, СДС го прави тоа што најдобро го знае. Бега далеку од очите на јавноста и вештачки одржува лажни и непостоечки теми, за да ги спаси политичките кариери на неколкумината останати во партија, како Филипче и Зоран Заев во позадина.
Настрана бегањето на СДС, Резолуцијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија кои токму СДС се обидува да ги наметне во јавноста, а се поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови.
Со овој документ јасно се отфрлуваат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики поврзани за кампови за мигранти донесени од поранешната влада на СДС предводена од Заев, на која дел беше и Венко Филипче.
Оваа резолуција го покажа вистинското и лицемерно лице на СДС и трајно ќе ја затвори, од нив измислената тема за наводни мигранти во Македонија“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Мицкоски и министрите побегнаа од пратеничките прашања“, велат од СДСМ
„Граѓаните во живо го видоа предавството на Македонија во Собранието. Премиерот Мицкоски и министрите побегнаа од пратеничките прашања, побегнаа од вистината, побегнаа од дебата за Резолуцијата на СДСМ со која се затвора прашањето за мигранти во Македонија“, велат од СДСМ.
„Премиерот Мицкоски еден ден порано отиде за Брисел? Зошто, за да побегне од пратеничките прашања. Откако избега премиерот, побегнаа и неговите министри.
Затоа, во знак на протест, пратениците на СДСМ ја напуштија седницата. ДПМНЕ свесно побегна од дискусија во највисокиот законодавен дом, меѓу избраните претставници на народот – пратениците, на кои граѓаните им дале мандат да одлучуваат за најважните национални прашања.
Резолуцијата на СДСМ не беше поднесена, ДПМНЕ не дозволи ниту дебата, ниту разговор, секако ниту гласање.
СДСМ нема да учествува во најголемото национално предавство – мигранти за пари.
Нека си ја потпишат таа предавничка политика сами, заедно со колаборантите од ЗНАМ и нека си ја гласаат во Собранието.
Знаат што ги чека откако ќе потпишат, затоа што потпишувата предавство на Македонија.
Сега веќе на сите им е јасно, планот е избори а потоа мигранти во Македонија, за пари.
СДСМ заедно со граѓаните ќе ги искористи сите демократски механизми и ќе се спротистави на ова ова национално и државно предавство.
Ова нема да им помине. Борбата за Македонија продолжува!“, соопшти СДСМ.

