Македонија
Во подната фонтана од 2,5 милиони евра на Плоштад Македонија, повторно пропадна камион
Камион повторно пропадна во подната фонтана на Плоштад Македонија. Службите од ЈП„Водовод и канализација“, во чија надлежност е одржувањето на фонтаните, најавија известување за инцидентот откако ќе проверат што конкретно се случило. Од Град Скопје, пак, известија дека камионот немал дозвола за влез на Плоштадот.

„Приватен субјект со возило камион без дозвола неовластено влегол на плоштадот Македонија, по што е причинета штета на плочникот. Градот Скопје остро го осудува овој чин, ќе ги преземе сите законски мерки за извршување на инспекциски надзор како и за санкционирање, по што за причинетата штета врз јавните добра на плоштадот ќе се бара надомест на штета. Ваквото однесување од страна на поединци е недозволиво и за истото ќе се спроведат најстроги санкции“, најавија од Град Скопје.

Не е првпат камион да пропадне во подната фонтана. Камион на градските комунални служби пропадна во фонтаната на во јуни 2017 година пред бината која се поставуваше за дочек на ракометарите кои станаа европски прваци.
Лани во март во истата фонтана пропадна камионче на „ЈП „Комунална хигиена“ десетина дена откако беше промовирано како дел од возниот парк на јавното претпријатие, кога промотивно го повози и тогашниот премиер Зоран Заев.
Поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, во чиј мандат беше изградена подната фонтана неколкупати им порача на градоначалниците што го наследија дека таа е заштитена со и означена со топки на плочникот кои укажуваат дека со возила не треба да се чисти оградениот дел.

„Фонтаната е квалитетно направена и ги има сите одобренија. Никаде во светот по линиски фонтани не се движат тешки возила. Околу линиската фонтана имаше поставено гранитни топки кои укажуваа и оневозможуваа да се движат тешки возила. Нив ги ставивме откако пропадна возило на ‘Улици и патишта’. Кога Папата го посети Скопје ги тргнавте и добар дел сега ги нема околу фонтаната. За чистење на фонтаната набавивме две електрични метларки кои поради малата тежина без проблем се движеа и ја чистеа фонтаната. Каде се сега тие метларки, зошто не ги користите? Оваа фонтана неколку години се чистеше и функционираше без проблем, очигледно е дека сега грешката е човечка и организациска“, објасни поранешниот градоначалник Трајановски, минатата година откако во фонтаната пропадна возило за чистење.
Подната фонтана беше пуштена во употреба во 2015 година како дел од проектот „Скопје 2014“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на Гаши со шеикот Махир Муајкали
Претседателот на Собранието, Африм Гаши оствари средба со Имамот на Каба, шеикот д-р Махир Муајкали, кој за првпат е во четири дневна официјална посета на државата.
На средбата беше присутен и Реис ул Улема Шаќир еф. Фетаху, поглавар на Исламска верска заедница (ИВ).
„Во срдечната и конструктивна атмосфера, соговорниците се осврнаа на значењето на неговата посета, како и на важноста од меѓусебното почитување и разбирање. Притоа беше изразена искрена благодарност до државните власти на Кралството Саудиска Арабија за нивната досегашна поддршка и соработка. Во разговорот беше нагласено и значењето на зајакнувањето на врските и вредностите што ги споделуваат двете земји и народи, како и заедничката подготвеност за унапредување на институционалните односи и продлабочување на меѓусебната соработка“, соопшти Собранието.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ утре на 18. Конгрес ќе ја донесе новата „Стратегија за Македонија 2030“
ВМРО-ДПМНЕ утре во Кавадарци ќе го одржи својот 18-ти редовен Конгрес. Од партијата велат дека овој Конгрес претставува ново поглавје во политиката, во која првенствено треба да се обезбеди стабилно, предвидливо и државничко водство.
На Конгресот ќе биде донесена новата Стратегија на партијата: „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“ (правци за дејствување, развој и државно водство), како и пропратни документи на истата.
„За да опстои и да напредува, македонската држава мора да има јасен стратегиски правец: стабилна државност, функционални институции, модерна економија и цврсто заштитен македонски идентитет. Оваа стратегија ја дефинира улогата на ВМРО-ДПМНЕ токму во таа насока: партија што предвидува, а не следи; партија што гради систем, а не мандат; политичка сила што поставува долгорочна архитектура на државата. Со оваа Стратегија ВМРО-ДПМНЕ се дефинира како водечка европска, демократска и вредносно ориентирана политичка сила во Македонија“, велат од партијата.
Македонија
Во завршна фаза комплетното реновирање на КАРИЛ и на четири операциони сали
Министерот за здравство, Азир Алиу, беше во обиколка на Клиника за ТОАРИЛУЦ и информира дека е во завршна фаза комплетното реновирање на КАРИЛ и на четири операциони сали во хируршкиот оперативен блок
„Комплетното реновирање на КАРИЛ е во завршна фаза и во најскоро време очекуваме овој простор да биде пуштен во употреба за пациентите. Се финализира и реновирањето на хируршкиот оперативен блок, каде се опфатени четири операциони сали во прва фаза. Во втора фаза е предвидена и нова операциона сала во рамки на Ургентниот центар, со што оваа Клиника ќе добие уште една сала за помали интервенции“, истакна министерот за здравство, Азир Алиу по денешната обиколка на Клиниката за ТОАРИЛУЦ.
На средбата со директорот на Клиниката, д-р Игор Мерџаноски беа разгледани можностите за набавка на нова најсовремена медицинска опрема наменета за КАРИЛ и за оперативниот блок, во насока на унапредување на условите за третман на пациентите.

