Култура
Македонскиот народен театар ја отвора новата театарска сезона 2022/2023

Македонскиот народен театар во септември официјално ја отвора и новата театарска сезона, исто онака како што и ја заврши старата, со меѓународни гостувања и патувања надвор од границите на државата.
Овој пат во изборот на селектираните претстави се двете најнаградувани претстави од изминатата сезона, „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен и „Нема да биде крај на светот“ од Аднан Лугониќ, и двете во режија на Нина Николиќ.
Првото гостување со претставата „Народен непријател“ ќе се случи на отворена сцена на 1 септември во 20:00 часот, со отворање на Амбиенталниот театарски фестивал „НОВ ТВРДИНА ТЕАТАР“, во уникатниот амбиент пред Вила „Станковиќ“ – Фрушка Гора.
Фестивалот оваа година се одржува од 1 до 7 септември, под слоганот: „Чудата се случуваат, но треба да ги препознаеме“, а во програмата се опфатени изведби на различни театарски ракописи во кои смело се отвораат некои прашања и започнуваат нови дискусии за нашето време и нашата конфузија.
Покрај МНТ, учествуваат и најголемите театарски куќи од регионот: Народно позориште – Белград, Народно позориште – Ниш, Народно позориште – Сараево, Српско народно позориште – Нови Сад и други.
Претставата во ноември ќе гостува и во Италија.
По гостувањето во Србија, следи изведба на театарската претстава „Нема да биде крај на светот” на 30. Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ на 12 септември во Струмица.
Кон крајот на септември, на малата сцена во МНТ, се очекува и премиерната изведба на безмилосната комедија „Лагата“, работена по текст на современиот и мошне актуелен француски писател, драматург, театарски режисер, сценарист и филмски режисер, Флоријан Зелер, а во режија на Бесфорт Идризи. Во претставата во која се одигрува лавиринт на лагите, измамите и непријатните вистини што се случуваат во бракот, играат: Јордан Симонов, Габриела Петрушевска, Оливер Митковски и Драгана Левенска. Сценограф е Крсте Џидров-Џиби, костимите ги дизајнира Роза Трајческа-Ристовска, а авторската музика во оваа театарска претстава ја потпишува Игор Василев-Новоградска.
Во тек се и подготовките за претставата „Сите сме птици“, по текстот на либанско-канадскиот автор, Важди Муавад, а во режија на Слободан Унковски, кој ја поставува оваа моќна современа драма што спојува повеќе јазици и различни светови на искуства, воедно го истражува и идентитетот за тоа кои сме – или мислиме дека сме.
Во претставата играат: Емил Рубен, Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Николина Кујача, Дамјан Цветановски, Тина Трпкоска, Петре Арсовски, Сара Климоска и други. Текстот од француски на македонски јазик го преведе Калиопа Петрушевска.
Репертоарската програма следи со тековно информирање и објавување на нови проекти/претстави, настани, како и гостувања надвор и на сцената во МНТ.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Претставата „Едмонд“ денес премиерно во Битолски театар

Претставата „Едмонд“ според текстот на Дејвид Мемет, а во режија на Оливер Мицевски, денес премиерно ќе биде одиграна на големата сцена на Битолскиот народен театар. Се работи за петта по ред премиера за оваа година. Директорот Васко Мавровски вели дека во периодот септември 2024 / јуни 2025, е постигнат е апсолутен рекорд на премиерно изведени претстави, 12, а следи и премиерата на “Рибарски караници” која ќе се одигра на 25.07.
„Во овој период одиграни се 129 претстави, или на секои 2.5 дена се изведувала по една претстава. Во салите на НТБ, не посетиле 25.141 гледач, или во просек сме имале по 194 гледачи по претстава“, рече директорот Мавровски.
„ Јас сум радосен што работам овде, бидејќи не сум работел во земјава од 2011, и е убаво да се работи на својот јазик. Ние имавме многу убави осум недели работа и веруваме дека завршивме одлична работа. Беше задоволство да се работи со талентираниот ансамбл на Народен Театар Битола, предводен од Огнен Дранговски, еден од најдобрите актери во Македонија и Балканот. Верувам дека ЕДМОНД ќе стане значајна точка во несомнено богатата историја на Народен Театар Битола“, рече режисерот Оливер Мицевски.
Претставата го следи вртоглавото / спирално патување на бизнисменот Едмонд Бурк и неговите кошмарни 48 часа во њујоршкото подземје, каде што барајќи возбуда и среќа, од баналноста на неговата канцеларија и монотон семеен живот завршува како убиец и подоцна како затвореник, најверојатно осуден на доживотен затвор. Богат со многу параболи, референци на Хамлет и Библијата, прошаран со несекојдневно брутален јазик и агресивни сцени, главното прашање коешто Едмонд го отвора е прашањето на слободата. Што е слободата всушност? Дали потрагата по слобода прави всушност, незабележително да станеме робови на својата (потрага по) слобода. Дали откажувањето / лимитирањето на своите желби го олеснува патот кон слободата? Не случајно, мотото на Едмонд е : “Внимавај што посакуваш.”
Покрај Дранговски во претставата играат Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Викторија Степановска-Јанкуловска и Маја Андоновска-Илијевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак.
Култура
Скопско лето: В понеделник џез концерт на Ѓорги Шаревски трио во Сули ан

Дирекцијата за култура и уметност на Скопје в понеделник повикува на џез концерт на Ѓорги Шаревски трио во Сули ан со почеток во 20.30 часот. Покрај Шаревски, ќе учествуваат и Акира Накамура од Окинава, Јапонија на тапани и Оливер Јосифовски на контрабас.
„Извонредна интеркултурна соработка, каде што триото на Георги Шаревски се обединува со еминентниот јапонски тапанар Акира Накамура за динамичен настап што умешно ја обединува источната прецизност со европската џез естетика.Предводено од македонскиот гитарист и композитор Георги Шаревски, фокусот на ова посебно трио се автентични авторски композиции, прецизна меѓусебна комуникација и соврмени хармонски структури. Со приклучувањето на Накамура и неговиот изразен ритмички јазик и смела импровизациска визија, овој исклучителен настап претставува возбудливо музичко патување исполнето со спонтаност, експлозивна енергија и бесконечен грув“, велат од Дирекцијата за култура и уметност.
Публиката ќе има можност да слушне внимателно избрана програма составена од авторски композиции, кои ги прошируваат хоризонтите на современиот џез израз.
Култура
Џез концерт на 30 јуни – Георги Шарески Трио во Сули ан

Во рамки на програмата на Скопско лето на 30 јуни (понеделник) во 20:30 часот во Сули ан (Стара Чаршија) ќе се одржи концерт на Георги Шарески Трио.
Организаторите велат дека овој концерт претставува извонредна интеркултурна музичка соработка, каде што триото на македонскиот гитарист и композитор Георги Шарески се обединува со врвниот јапонски тапанар Акира Накамура, како и со истакнатиот контрабасист Оливер Јосифовски. Настапот нуди динамична комбинација на автентични авторски композиции, ритмичка прецизност, импровизација и бесконечен џез грув.
Програмата опфаќа внимателно избрани композиции кои ја истражуваат границата помеѓу современиот џез и традиционалната музика, исполнета со енергија, спонтаност и иновативност. Ова е прво гостување на Акира Накамура во Македонија – музичар со светска кариера, кој има соработувано со имиња како Хироми Уехара, David Fiuczynski и BIGYUKI.
Билетите се продаваат по цена од 400 денари, и можат да се набават на влезот од Сули ан, на денот на настанот и онлајн преку платформата Купи карти: https://www.karti.com.mk/skopsko-leto.nspx.