Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Бектеши призна дека владата толерира неплаќање на струја и криминал
Скандалозна е изјавата на министерот за економија Крешник Бектеши со која го правда крадењето на електрична енергија и се релативизира овој криминал. Да кажеш дека во Арачиново се краде само 10% од целата струја која што се краде во Македонија е бесрамно и доколку бевме нормална држава тој веќе ќе се збогуваше со министерската и политичката кариера. Всушност Бектеши признава дека владата толерира неплаќање на струја и криминал, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„ Според информациите на медиумите само во Арачиново се „крадело струја“ во износ од над 6 милиони евра годишно, а овие загуби потоа ги плаќаат сите. Само една трафостаница во Арачиново покажува 96,1 отсто украдена струја, а речиси сите останати имаат над 50%. Владата е должна да одговори каде и колку се краде струја во Македонија и да ги санкционира сите, бидејќи нивниот криминал го плаќаат оние кои што редовно ги подмируваат сметките.
Наместо преговори и договарања за очигледна злоупотреба, треба да има пријави, а во исто време и истрага кој дозволувал и толерирал вакво поведение. Ги повикуваме надлежните органи да го испитаат овој случај, а прв кој треба да даде исказ е самиот министер кој треба да ги даде сите информации каде и колку струја се краде во Македонија, штом веќе ги знае.
Ова е уште еден доказ дека криминалот на поединци и функционери од власта се причината поради која народот плаќа поскапа струја. Поради криминалот и корупцијата Македонија е земја во која некои се богатат на грбот на огромното мнозинство граѓани кои осиромашуваат. Власта е генераторот на кризи и криминал во Македонија и за тоа мора да понесат одговорност“ се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Влен“: Почна вистинското чистење на Скопје од ѓубрето и старата политика
По месеци на давење на градот во лоша миризба, ѓубре, запуштеност и пропаганда, од коалицијата „Влен“ велат дека почнало вистинското чистење на главниот град и општината Чаир. Од партијата наведуваат дека акцијата не се однесува само на улиците, туку и на „целиот менталитет што го остави градот во хаос со години“.
„Мирисот што доаѓаше од контејнерите беше ист како мирисот што доаѓаше од канцелариите на довчерашната власт, власт што блокираше, крадеше и не се грижеше за никого освен за себе“, се наведува во соопштението.
Според „Влен“, граѓаните на Скопје на 19 октомври и 2 ноември ставија крај на оваа ера на политичко загадување.
Во партиското соопштение се додава дека е соборена неуспешната ко-влада меѓу Арсовска, Блерим Беџети и Левица, трио што оставило зад себе кал, долгови и град што се дави во хаос. Од ВЛЕН оценуваат дека оние што сакаа да им наштетат на Ссопјани, особено на Чаир, сега гледаат дека градот можеше да се исчисти и навистина се чисти, без нив.
Во завршниот дел на соопштението се наведува дека денес, Чаир со Изет Меџити на чело дише слободно.
„Улиците се чистат, но пред сè, се отстрануваат последиците од долгогодишните блокади и занемарувањето на чаирчани од страна на градската власт. Ова е чистењето што го чекаше Скопје – чистењето на совеста, одговорноста и старата политика“, порачаа од „Влен“.
Македонија
Променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд
Времето денес ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено во северозападните и северните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 15 степени.
До понеделник ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа повремено врнежите ќе бидат поројни и пообилни со услови за појава на грмежи. Во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m²). Од вторник ќе има стабилизирање на времето.
Македонија
Ѓорѓиевски објави фотографии од почетокот на акцијата за чистење, поддршка му даде и Мицкоски
Новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави фотографии на социјалните мрежи на кои се гледаат десетици камиони и други возила кои ќе го чистат Скопје.
Ѓорѓиевски во неговата изборна кампања вети дека кога ќе стане градоначалник, откако ќе му биде врачен мандатот за 72 часа ќе го исчисти Скопје.
„Започна големата акција за чистење на Скопје! За 72 часа, нашата метропола ќе ја добие свежината и сјајот кој го заслужува. Секој агол, секоја улица, плоштад со заеднички сили ќе бидат чисти. Скопје ќе блесне – уредено и достоинствено, токму како што доликува!“, напиша Ѓорѓиевски.

