Свет
Почина Михаил Горбачов
Последниот претседател на Советскиот Сојуз, Михаил Горбачов, почина на 92-годишна возраст.
Веста за неговата смрт ја објавија руските медиуми.
– Михаил Сергеевич Горбачов почина вечерва по тешко и долго боледување – соопштија од Централната клиничка болница, а пренесе ТАСС.
Михаил Горбачов беше политички лидер на Советскиот Сојуз од 1985 до 1991 година и генерален секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз.
Роден е на 2 март 1931 година во градот Приволноје во близина на Ставропол во јужна Русија.
Горбачов се приклучил на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз во 1952 година на 21-годишна возраст, а во 1966 година добива диплома за кореспонденција по агроном-економист од Земјоделскиот институт. Неговата кариера забрзано напредува и во 1970 година бил назначен за прв секретар за земјоделство, а следната година станал член на ЦК.
Од 1972 година беше шеф на советската делегација во Белгија, а две години подоцна, во 1974 година, стана претставник во Врховниот совет и претседател на постојаната комисија за младински прашања. Во 1979 година, Горбачов беше унапреден во Политбирото.
По смртта на Константин Черниенко, Михаил Горбачов беше избран за генерален секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз на 11 март 1985 година. Тој стана првиот партиски лидер роден по Руската револуција во 1917 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
10.000 полски војници ќе ја чуваат критичната инфраструктура на земјата
Полска ќе распореди 10.000 војници за заштита на критичната инфраструктура, вклучително и железниците, изјави министерот за одбрана Владислав Кошињак-Камиш, објави Ројтерс.
Соопштението доаѓа по експлозијата на железничката пруга за време на викендот, за која Варшава ја обвинува Москва.
Претстојните божиќни празници може да бидат сметани од непријателите на Полска како добро време за саботажи, ги предупреди новинарите началникот на полскиот Генералштаб, Вислав Кукула.
Претходно денес, министерот за надворешни работи го објави затворањето на рускиот конзулат во Гдањск и предупреди дека одговорот на саботажата на железничките линии нема да биде само дипломатски.
Свет
Берлин: На Украина итно ѝ е потребна поголема помош за одбрана
Германската влада соопшти дека на Украина итно ѝ е потребна поголема помош во одбраната. Берлин обезбедува дополнителна материјална помош за Киев за зимата.
Ситуацијата во Украина е многу напната поради континуираните напади на Русија и на Киев итно му е потребна помош од партнерите во одбраната, изјави портпарол на германската влада.
„Континуираните напади на Русија ја ставаат Украина под огромен притисок и ова е уште една причина поддржувачите на Украина да ѝ помогнат на земјата да се одбрани“, изјави владиниот портпарол на редовната владина прес-конференција во Берлин.
Во екот на тековните руски напади врз украинската инфраструктура, германската влада објави дека ќе испрати и дополнителна зимска помош за земјата во вредност од 40 милиони евра.
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека Германија „помага да се одржат домовите топли и осветлени и да се осигури дека Русија нема да успее да го скрши моралот на Украинците кои ја бранат својата татковина со гаѓање на инсталации за гас и електрична енергија“.
Средствата, според неговата изјава, ќе бидат искористени за хуманитарни мерки: поправка на системи за греење и оштетени домови, како и снабдување со генератори, ќебиња и хигиенски производи.
Во исто време, сепак, има намалувања на хуманитарната помош: во 2024 година, придонесот на Германија за хуманитарна помош беше над 400 милиони евра, но за оваа година е значително намален.
Свет
Зголемени тензии меѓу Пекинг и Токио – Кина го блокира јапонскиот извоз на морска храна
Кина денес го известила Токио дека повторно ќе го забрани увозот на јапонски морски плодови, јавуваат медиумите. Одлуката доаѓа во момент на растечка дипломатска тензија меѓу двете земји, пренесе Ројтерс.
Причина за заострувањето беше изјавата на новата јапонска премиерка Санае Такаичи, која рече дека кинески напад на Тајван би претставувал закана за Јапонија. Пекинг побара повлекување на изјавата и ги предупреди своите граѓани да не патуваат во Јапонија. Поради тоа, Кинезите масовно откажуваат резервации, што може да му наштети на јапонското стопанство.
Кина пред неколку месеци делумно ги ублажи ограничувањата за увоз на јапонска морска храна, воведени поради испуштањето пречистена вода од нуклеарката „Фукушима“ во океанот. Тогаш дозволи увоз од 37 префектури, а го забрани од 10 други.
Според извори на агенцијата Кјодо, повторната забрана е образложена со потреба од понатамошно следење на водата од нуклеарката. Кинеското министерство за трговија и царината не одговориле на барањата за коментар.
За јапонските извозници ова е тежок удар: Кина некогаш купувала над една петтина од вкупниот јапонски извоз на морски плодови. Околу 700 јапонски компании поднеле барање повторно да извезуваат во Кина, но досега се одобрени само три.

