Свет
Светските лидери му оддадоа почит на Горбачов: Човек со исклучителна визија
Рускиот претседател Владимир Путин изрази длабоко сочувство поради смртта на поранешниот советски лидер Михаил Горбачов, објави синоќа Кремљ.
– Владимир Путин го изразува своето најдлабоко сочувство по смртта на Михаил Горбачов и утринава испрати телеграма со сочувство до неговото семејство и блиските, информираше портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Последниот советски лидер и добитник на Нобелова награда за мир, почина вчера во Москва на 92-годишна возраст, по долга болест, јавија руски медиуми.
Други светски лидери исто така му одадоа чест на Горбачов. Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш изрази „длабока тага“ и го нарече Горбачов „уникатен државник, кој го промени текот на историјата“.
„Направи повеќе од кој било друг, за да поттикне Студената војна да заврши на мирен начин“, пишува во соопштението на Гутереш.
Американскиот претседател Џозеф Бајден истакна дека е „човек со исклучителна визија“ кој „верува во подобар свет“, пренесува Би-Би-Си.
– Кога дојде на власт, Студената војна веќе траеше речиси 40 години, а комунизмот уште подолго, со погубни последици – рече Бајден и нагласи дека „Горбачов беше доволно храбар да прифати демократски реформи и нуклеарно разоружување“.
– Ова се дела на посебен лидер, кој има фантазија да види дека е можна поинаква иднина и храброст да ја ризикува целата своја кариера за да ја постигне. Резултатот беше побезбеден свет и поголема слобода за милиони луѓе – рече Бајден, додавајќи дека по заминувањето од Кремљ, Горбачов останал „длабоко ангажиран“ и дека луѓето насекаде имаат корист од неговата „верба во подобар свет“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен го опиша Горбачов како „водач кој беше достоен за доверба и почит“.
Последниот советски лидер „одигра клучна улога во завршувањето на Студената војна и падот на железната завеса. Го отвори патот кон слободна Европа. Тоа е
наследство што нема да го заборавиме“, напиша таа на Твитер.
Францускиот претседател Емануел Макрон му се заблагодари на Горбачов за „ангажманот за мир во Европа“. Според Макрон, „тој е човек на мирот, чии избори го отворија патот кон слободата за Русите“.
– Неговиот ангажман за мир во Европа ја промени нашата заедничка историја, додаде Макрон.
Британскиот премиер на заминување, Борис Џонсон ги поздрави неговите „храброст и интегритет“.
„Многу ме натажи веста за смртта на Горбачов. Секогаш се восхитував на неговите храброст и интегритет што ги покажа при завршувањето на Студената
војна“, објави тој на Твитер.
Џонсон додаде дека во моменталната агресија на Путин во Украина, „неговата неуморна посветеност на отворањето на советското општество останува пример за
сите нас“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте: Новата арктичка мисија на НАТО е многу значајна
Отфрлајќи ги критиките дека новата арктичка мисија на НАТО е само ребрендирање на постојните активности, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека тоа е „многу значајна“ иницијатива.
НАТО предложи нова операција „Арктички стражар“ завчера, која би ги консолидирала заедничките вежби во областа под команда на алијансата.
Сепак, дипломатите и експертите веруваат дека ова е главно комуникациски потег насочен кон смирување на Доналд Трамп, како и одговор на заканата што ја оценуваат како во голема мера претерана.
Руте објасни дека мисијата ќе има „чекор-по-чекор пристап“ и ќе започне со обединување на „постојните вежби и активности“ на алијансата во регионот под една команда за да се утврди „што друго ни треба“.
Врховниот командант на сојузничките сили за трансформација, адмирал Пјер Вандиер, исто така ќе биде замолен да испита како „најновите иновативни технологии“ можат да се користат на Арктикот.
фото/Depositphotos
Свет
Макрон: Русија е значително ослабена од конфликтот
Францускиот претседател, Емануел Макрон, тврди дека Русија всушност е значително ослабена од конфликтот.
Според него, Русија влегла во рецесија, станала целосно зависна од Кина, има демографски проблем и се соочува со воен неуспех.
Макрон нагласи дека Европејците сега станаа „единствениот извор на воено финансирање“ за Киев, алудирајќи на Соединетите Американски Држави, кои побараа од Европа да ги засили своите напори.
Тој верува дека не може да се постигне мировен договор меѓу Украина и Русија без учество на Европејците.
„Ние ќе бидеме дел од решението и треба да бидеме дел од решението“, рече Макрон. Тој додаде дека токму тоа е причината зошто неговата канцеларија неодамна воспостави контакт со Москва.
foto/Depositphotos
Свет
Тројца скијачи загинаа во лавина на француските Алпи
Тројца скијачи загинаа откако беа однесени од лавина во луксузниот француски алпски скијачки центар Вал д’Изер, изјави за новинарите Седрик Боневие, задолжен за патеките на одморалиштето.
Боневие рече дека една жртва е француски државјанин, додека другите се странци.
Тој додаде дека инцидентот се истражува.
Медиумските извештаи велат дека инцидентот се случил надвор од пистата.
Се чини дека една од жртвите била зафатена од лавина високо на планинската падина, додека другите двајца биле во група од пет скијачи, вклучувајќи и професионален водич, пониско од планината каде што не можеле да ја видат катастрофата што се приближува.
Не е познато што ја предизвикало лавината, рече Боневие.
Метео Франс, националната метеоролошка служба, во четвртокот го стави подрачјето под црвена тревога поради ризик од лавини.
фото/Depositphotos

