Македонија
На Табановце за излез од државата се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. Поради зголемена фреквенција на возила на ГП Табановце, времето на чекање за излез од државата е околу 30 минути. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 18.08.2022 до 12.09.2022 на патниот правец Охрид – Ресен преку Галичица поради изведување градежни работи (асфалтирање) сообраќајот е во прекин помеѓу 09:00 и 15:30 часот. Работите се изведуваат само во работни денови.
Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица е отворен за сообраќај до 01.10.2022 за возила со вкупна маса до 3,5 тони.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче, ако е доблесен, нека им се извини на граѓаните за целокупниот хаос во државата оставен од владеењето на СДС

СДС не може да си го среди хаосот во сопствените редови, не пак да друго. Прво што треба да направи Венко Филипче, ако е доблесен, на средбите со граѓаните наместо да им продава демагогија, да им се извини за општествениот, економски, социјален хаос кој го остави седумгодишното владеење на СДС, каде директен учесник беше и тој самиот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Креаторот на проблемите, СДС не може да биде решение.
За седум години ја опљачкаа и ја презадолжија државата, економијата ја уништија, а народот го осиромашија.
Седум години институциите на СДС му служеле за испумпување пари и богатење на поединци.
Целиот државен апарат и безбедносен систем ги ставиле во функција на нивно останува на власт, па така го следеле, прислушкувале и документирале секој чекор и разговор на претседателот Христијан Мицкоски, партиски функционери и членови, како и новинари и бизнисмени“.
Сега, додаваат од владејачката партија, СДС, на чело со Венко Филипче, може да седи и да гледа како со ВМРО-ДПМНЕ се водат и се развиваат општините и државата, како се реализираат проекти и се креираат мерки и политики кои го подобруваат животот.
Македонија
Извршниот одбор на СДСМ утврди уште нови 4 кандидати за градоначалници

Со одлука на Извршниот одбор на СДСМ на вчерашната попладневна седница е дадена согласност за уште четири нови кандидатури за градоначалници за претстојните локални избори:
Едис Хасан – кандидат за градоначалник на Шуто Оризари.
Жика Стојановски – кандидат за градоначалник на Илинден.
Игор Христов – кандидат за градоначалник на Кочани.
Исуф Синани – кандидат за градоначалник на Долнени.
Со ова, СДСМ веќе има објавено 64 кандидати за градоначалници од СДСМ во 64 општини ширум државата.
„Сите кандидати на СДСМ се луѓе со интегритет, докажани кадри со желба за работа и јасна визија за развој на своите општини.
Кандидатите на СДСМ ќе бидат гласот на граѓаните, ќе работат за решавање на секојдневните проблеми, за подобрување на квалитетот на живот и развојот на општините“, велат од СДСМ.
Македонија
ДОМ со поддршка за петицијата на „О2“: Стоп за ново јавно-приватно партнерство за „Дрисла“

Зелената партија Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја поддржува онлајн петицијата на Иницијативата О2 и ги повикува граѓаните да ја потпишат, за да се спречи ново јавно-приватно партнерство и да се обезбеди Дрисла да остане во јавна сопственост, велат од ДОМ.
„Петицијата е важен граѓански механизам со кој се испраќа јасна порака дека Скопје мора да добие современ, одржлив и јавно контролиран систем за управување со отпад, а не повторување на истите неуспешни и сомнителни модели од минатото.
ДОМ оценува дека загадувањето од депониите и честите пожари веќе станаа сериозен здравствен ризик. Наместо ад-хок решенија, потребна е стратегија која ќе овозможи минимално депонирање, искористување на европски фондови и долгорочна цел за „нула отпад“, по примерот на европските градови.
Заедно можеме да ја промениме иднината на Дрисла и да обезбедиме чист воздух за сите. Затоа, ве повикуваме да ја поддржите граѓанската иницијатива и да ја потпишете петицијата ОВДЕ“, соопштуваат од ДОМ.