Македонија
Шаќири: Учебната години ја почнуваме поподготвени, наставниците добиваат 15 отсто повисока плата
Оваа учебна година ја почнуваме поподготвени од изминатите, учениците од првиот ден ќе имаат учебници и помошни материјали. Интензивно се работеше на новите наставни програми за прво, второ, четврто и за петто одделение, а за кои Бирото за развој на образованието подготви интересни и интерактивни содржини и се изработуваат нови учебници. Тие со во фаза на одобрување, а за да имаат учениците од што да учат, подготвени се материјали за учење за првото тримесечје. Ова го истакна министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, на денешната прес-конференција, на која говореше за активностите што МОН досега ги има преземено и за понатамошните планови.
„Министерството за образование и наука сработи навистина многу во насока на исполнување на визијата за национален образовен систем, кој ќе нуди квалитетни образовни услуги за граѓаните во сите негови сегменти. Сите активности беа реализирани во таа насока и се посвети еднакво внимание како на основното и средното образование така и на високото и науката“, рече Шаќири.
Во изминатиот период, потенцира министерот, со СОНК е постигнато историско покачување од 15 проценти на платите на наставниците за 15 %, кое ќе почне да се исплаќа со исплатата на септемвриската плата.
„Со нашиот партнер СОНК имаме уште многу заедничка работа во следниот период, а тоа е дефинирање и потпишување нови колективни договори за основното и средното образование, како и дефинирање низа заеднички мерки и политики за подобрување на квалитетот во образованието во иднина“, додаде министерот.
Шаќири во своето обраќање истакна дека буџетот на МОН за инвестиции во инфраструктурата веќе втора година по ред изнесува над милијарда денари, што претставува зголемување од 2,5 пати повеќе од пред 2 или 3 години.
„Во текот на летниот период заврши реконструкцијата на низа училишни објекти, односно на она што беше наследено како тековна активност, а уште 20-ина во моментот се реконструираат. Се градат неколку нови училишни објекти. Градиме и две нови спортски сали, а уште неколку ќе почнат со градба набргу“, изјави министерот.
Тој се осврна и на ангажирањето образовни асистенти за учениците со атипичен развој, чија бројка оваа учебна година ќе изнесува 720.
„Во делот на науката имаме буџет од 218 милиони денари само за проекти на јавните научни и високообразовни установи и за нивно опремување со лабораториски ресурси. Ова во минатото не постоеше, а сега веќе е направен крупен чекор за поддршка на научноистражувачките работници. Во високото образование е потребна поголема координација со автономните установи и јас ќе направам сѐ што е во моја моќ да видиме подобри резултати на светските ранг-листи со универзитетите“, изјави Шаќири додавајќи дека е ревидиран Законот за студентскиот стандард и за субвенционирниот студентски оброк за поддршката да дојде до сите што навистина имаат потреба, а истовремено е продолжено и доделувањето стипендии за студенти што ќе се запишат на некој од најдобрите светски универзитети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алиу на 11. турски медицински конгрес: Дигитализацијата не е избор, тоа е вратата низ која секој здравствен систем мора да помине
Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска, се обрати на 11. турски медицински конгрес, кој се одржува во Анкара на покана на Министерството за здравство на Република Турција.
Во своето обраќање истакна дека нашата земја се соочува со истите предизвици, како и другите здравствени системи, а тоа е ограничен број специјалисти во клучни области, застарена инфраструктура, дигитални системи што функционираат, но не секогаш меѓусебно поврзано, здравствен кадар под огромен товар, а пред се, граѓани кои заслужуваат побрз пристап до здравствена заштита.
– Дигитализацијата е почетната точка на реформата. Дигитализацијата не е избор, тоа е вратата низ која секој здравствен систем мора да помине. Таа не подразбира заменување на лекарите со компјутер, туку ослободување на лекарите од задачи кои никогаш и не им припаѓале. Воедно, дигиталните алатки му овозможуваат на еден систем со ограничени ресурси да прави скокови за кои порано беа потребни децении, потенцираше министерот Алиу.
Воедно, министерот истакна дека напредните здравствени системи веќе се фокусирани на новини како што се „дигитални двојници“ кои ги симулираат исходите кај пациентите, тријажа поддржана од вештачка интелигенција која открива ризик пред да се појават симптомите, роботска хирургија на далечина и геномска медицина прилагодена на секој поединец.
– Овие иновации можеби сè уште не се наша реалност, но тие се сигнали каде се движи светот и показател на што мора да се подготви секоја држава. Верувам во иднина во која здравството не е реактивно, туку предиктивно, не е бавно, туку интелигентно. Во таа насока се подготвува мојата земја. Тоа е иднината што можеме да ја изградиме заедно почнувајќи од сега, заклучи министерот Алиу.
Македонија
Владата го усвои ревидираниот Акционен план на Стратегијата за транспарентност
На денешната владина седница беше усвоен ревидираниот Акционен план на Стратегијата за транспарентност (2023-2026), во делот кој се однесува на роковите и институциите одговорни за спроведување на активностите.
„Работната група, составена од претставници на различни институции, која беше одговорна и за ревидија на Акциониот план на Стратегијата за транспарентност (2023-2026), од септември интензивно работеше на ажурирање на актуелниот план, со цел институциите да обезбедат уште по транспарентен пристап кон граѓаните“, соопштија од кабинетот на заменик-претседателот задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи.
„Транспарентноста е и останува приоритет на оваа Влада. Со оваа одлука обезбедуваме Стратегијата за транспарентност да се спроведува со забрзан ритам и со целосна одговорност“, рече тој.
Во финална фаза е и формирањето на новата Работна група за изработка на Стратегијата за транспарентност 2027-2029.
Македонија
Велковски: Насилството врз жената и семејното насилство не е приватна работа, тоа е општествен, културолошки и системски проблем
Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, присуствуваше на настан организиран по повод почетокот на 16 дена активизам против родово базирано насилство насловен „Од пријавување на насилство до спречување на фемицид – системски одговор“ од страна на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во земјава.
Во своето обраќање Велковски се осврна на важноста на темата на која и покрај напредокот, сè уште бара внимание, посветеност и несопирлива борба.
„Насилството врз жените претставува директно нарушување на човековите права, и затоа секој од нас има одговорност да делува. Насилството врз жените и семејното насилство се појавуваат во најразлични форми и се присутни во сите општества – без исклучок. Некогаш се видливи, некогаш затскриени зад ѕидовите на тишината, но секогаш присутни. И затоа, молкот не смее да биде опција. Нашата обврска е да го препознаеме насилството, да реагираме и да делуваме,“ истакна Велковски.
Тој се осврна и на фемицидот како последна, најстрашна алка во синџирот насилство што започнува тивко – со навреди, омаловажување, контрола, закани – а преминува во физичко малтретирање, тешки повреди и, за жал, премногу често завршува со смрт.
„Овој проблем не е приватна работа на едно семејство. Тој е општествен, културолошки и системски проблем, кој бара координирана, стручна и долгорочна акција. Нашата држава веќе има изграден стабилен механизам за заштита од насилство, и радува фактот што јавната свест сè повеќе се буди,“ рече Велковски.
Тој информираше дека министерството работи на осумгодишна Национална стратегија за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, со детално разработен акциски план за спроведување на мерките.
„Знаењето, алатките и законските механизми ги имаме. Но само заедно – институциите, невладините организации, локалните самоуправи, стручните лица и сите партнери – можеме да создадеме општество во кое жените ќе бидат безбедни,“ порача Велковски.
На крајот порача дека Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и Владата на Република Македонија, остануваат целосно посветени на обезбедување брза и ефикасна заштита, целосна поддршка за жртвите и ефикасна превенција.

