Македонија
Арсовска: Се санираат штетите по невремето, сите екипи се мобилизирани на терен
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска одржа координативен состанок со градоначалниците на сите скопски општини и директорите на градските јавни претпријатија, поради силното невреме кое вчера го зафати Скопје, како и во врска со најавите за нови временски непогоди во скопската котлина деновиве.
На состанокот на кој беше дискутирано за моменталната ситуација на терен, се донесоа едногласно заеднички заклучоци и ставови.
Досегашните преземени активности за санирање на состојбите, подготовки за можно невреме, се со зголемена координација меѓу Град Скопје и општините во насока на здружување на ресурсите и екипите за интервенција при невреме на најпогодените и најкритичните места. Исто така, на состанокот се дискутираше за проблемот со нискиот процент покриеност на Скопје со атмосферска канализација, особено на општинските улици и во моментов се прават анализи за надминување на овој долгогодишен проблем.
„Сите екипи и денеска се мобилизирани на терен, се интервенира на сите локации погодени од силното невреме, а штетите се санираат. Екипите остануваат подготвени а приоритет во расчистувањето имаат приодите кон критичните места во градот“, истакна Арсовска.
На состанокот, градоначалниците заеднички побараа долгорочно решение за зачестениот проблем со паднати дрвја при секое посилно невреме во Скопје, што претставува опасност по безбедноста на граѓаните и нивните имоти. За решавање на овој зачестен проблем се дискутираше за реализација на голема акција во сите општини координирано за сечење на сите стари и суви дрвја, бидејќи претставуваат опасност по безбедноста на граѓаните и нивните имоти.
Градоначалниците истакнаа благодарност до екипите на јавните претпријатија за брзата интервенција и за добрата координираност со службите од Градот Скопје. Едногласно се донесе заклучок координираната соработка да продолжи до целосно санирање на штетите.
„Град Скопје и општините ја следат состојбата и се подготвени за евентуално ново невреме во Скопје. За зголемена координација и одредување на приоритетни места за делување во општините беше договорено секоја општина да назначи одговорно лице за контакт, со цел насочување на голем дел од ресурсите кон најпогодените места при евентуално ново силно невреме. На состанокот се дискутираше за спремноста и расположливите ресурси, опрема и механизација на сите општини како и солидарност во реалокација на ресурсите онаму каде што ќе има приоритетни потреби за расчистување“, велат од таму.
Додаваат дека во текот на вчерашниот ден, а и утрово се интервенирало на сите улици во градот и на критичните места, во моментов состојбата е нормализирана, но со цел превенирање на слични ситуации, како и овозможување на непрекината функционалност на атмосферската канализација, екипите на ЈП Водовод и канализација остануваат мобилизирани на терен, во акција за континуирано чистење на сливниците на целата територија на град Скопје, до нормализирање на временските услови, соопштија од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.