Култура
Изложба на цртежи од Ертунч Сали
Центарот за современи уметности – Скопје ја најавува изложбата ХИПЕРАКТИВЕН АГОРАФОБИК, изложба на цртежи од Ертунч Сали.
Ќе се одржи на 2 септември 2022 година во 20 часот, мобилна/монтажна галерија – локација: Паркот на франкофонијата.
Алтер его (латински другото јас, doppelgänger) значи алтернативно свое за кое се верува дека се разликува од нормалното или вистинското, оригинално, свое на една личност. Создавањето на своето алтер его бара пронаоѓање на своето друго јас, оној со различна личност. Различното значење на алтер егото се наоѓа во книжевната анализа, која се користи кога се однесува на фиктивната литература и другите наративни форми опишувајќи клучен лик во приказната за кој се смета дека е намерно претставник на авторот (или творецот) на делото, со коси сличности, во смисла на психологија, однесување, говор или мисли, кои често се користат за да се пренесат мислите на авторот“, вели „Википедија“ на прашањето за алтер егото.
Со оваа дефиниција се олеснува нашиот обид за спознавање на авторот. Тој тврди дека приказната на изложбата е аспирација на неговите искрени мисли во конкретна ситуација. Скриени желби за отуѓување од општеството, гласни незадоволства од самотијата во метежот, тивки вести на масата народ, но сепак со ентузијазам кон ситниците во барањето на среќата, тоа се мотиви во наративата на цртежите. Случките и карактерот на ликот најчесто се дневни инспирации или моментни мисли на авторот.
Алтер егото на авторот има затворен карактер. Тој е хиперактивен агорофобик, кој секојдневието го поминува во својот дом, со својот најдобар другар, својата капа. Неговиот страв од улица му е предизвик во барањето/создавањето други форми на забава. Најмалите детали му се сеир, најголемите случки од историјата му се игри, најчуените вести му се неми, најодвратните иновации му се копнеж. Сака да помага, но тој нема да излезе од дома. Во неговиот голем, но мал свет, тој нема да престане да ужива во својата глупост до дента кога храброста ќе го довлечка во надворешниот свет. Длабоко во себе тој знае дека соочувањето со стравот е растење.
Авторот со оваа серија цртежи ја објавува својата интровертна страна и со изложба посветена на неа ја претставува пред вас, пред публиката. Со повеќе од 60 цртежи, изработени во повеќе техники на рециклирана хартија, една приказна ќе биде раскажана. Приказната што нема крај нема да има крај. Крајот ќе дојде при соочувањето со стравот, но тоа е почеток на нова приказна што нема крај, нема да има крај, вели организаторот.
Ертунч Сали, 1990, Скопје, Македонија. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, Македонија, како графичар и дизајнер. Професионално графички дизајнер, страстен уметник. Своето студио го отвори во Скопје заедно со колегите од факултетот, потоа познат како колектив „Кула“. Неговиот најголем придонес за културната сцена во Скопје беше да биде еден од основачите на колективот „Кула“ и да организира многу културни настани (концерти, изложби, настани за храна и сл.) во Скопје, како и свои изложби. Моментно работи во Скопје и продолжува со својот придонес на сцената. Сите негови дела може да се најдат на неговата официјална веб-страница: www.saliertunc.com
Изложбата е поддржана од: Министерство за култура на РСМ, Општина Центар и Центарот за современи уметности Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

