Економија
Стапуваат во сила мерките за штедење струја, институциите ќе мора да ги намалат сметките за 15 отсто

Државните институции од денес ќе мора да ги намалат сметките за електрична енергија за 15 отсто во однос на истиот период од претходната година, со што се очекува заштеда на електрична енергија од 19,5 милиони киловат-часа за шест месеци.
Министерството за економија донесе сет препораки и задолженија за намалување на потрошувачката на електрична енергија во пресрет на зимата, која се очекува да биде тешка.
За домаќинствата и за компаниите предвидени се само препораки, а за институциите предвидени се конкретни задолженија. Целта е да се постигне 15 отсто помала потрошувачка во однос на истиот месец од претходната година. Ако не се постигне оваа цел, ќе следуваат санкции за институциите.
Државните објекти што се во сопственост на централната власт задолжени се да го исклучат декоративното осветление на фасадите. Не смее да се користи светло внатре во објектите во период кога има доволно дневна светлина. Во јавните објекти во сезона на ладење температурата да се мести не пониско од 27 степени, односно во сезоната на греење не повисоко од 20 степени.
Кратко и интензивно проветрување, исклучување на осветлението, да се исклучат сите компјутери по завршување на работата. Да се печатат само неопходни документи, редовно да се менуваат филтрите на грејните тела, се препорачува ставање ПВЦ-прозорци каде што е можно. Ќе треба институциите да имаат ангажирано лица што ќе се грижат дали ова ќе се спроведува. Раководителите секој месец ќе достасуваат извештаи до Владата за потрошувачката на енергија.
Овие задолженија ќе важат до 31 март 2023 година.
Во делот на јавните патишта треба да се намали осветлението до минимален сигурносен обем на осветлување улици, плоштади и други објекти.
На домаќинставата им се препорачува вклучување бојлер по потреба и по можност на евтина струја, вклучување на машините за перење и за миење садови само кога се полни и исто така на евтина струја, разумно користење на грејните тела, максимално користење на дневната светлина и топлината од сонцето, гасење на светилките кога не се престојува во одередни простории, готвење во помали садови или во садови соодветни на големината на ринглата, кратко и интензивно проветрување на просториите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Славески со ИФЦ: соработка за унапредување на дигиталните финансии и финансиската вклученост

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, ја оствари својата прва средба со претставникот на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) во земјава, Висар Перани. На средбата се разговараше за можностите за соработка меѓу Народната банка и ИФЦ во повеќе области, вклучително и во рамките на проектот на ИФЦ насочен кон унапредување на дигиталните финансиски услуги и поттикнување на финансиската вклученост во регионот.
Проектот се спроведува во контекст на стратегиските определби на ИФЦ за создавање напреден и одржлив дигитален финансиски екосистем, заради поддршка на иновациите, градење капацитети кај давателите на финансиските услуги и за развој на конкурентна и сеопфатна околина.
Во текот на разговорот, беше истакната важната улога на Народната банка во дигиталната трансформација на финансискиот систем преку современа регулатива и активности што ја поттикнуваат иновацијата. Посебен акцент беше ставен на новата правна рамка во платежната сфера, којашто овозможи отворање на пазарот за нови даватели на услуги и поттикнување на финтек-иновациите.
Гувернерот Славески ја нагласи подготвеноста на Народната банка за унапредување на соработката со ИФЦ, особено во делот на поддршката за давателите на платежните услуги во натамошната интеграција со платните системи на Европската Унија, по членството во СЕПА, како и во развојот на инстант плаќањата и подготовката на новата среднорочна стратегија за развој на платниот систем.
Претставниците на ИФЦ го нагласија значењето на усогласувањето на регулативните рамки со меѓународните стандарди и поттикнувањето партнерства помеѓу банките, финтек-фирмите и приватниот сектор.
Средбата претставува важен чекор кон унапредувањето на партнерските односи меѓу Народната банка и ИФЦ, заради зајакнување на финансискиот екосистем и промовирање на финансиската вклученост, велат од НБРМ.
Економија
Дурмиши за новата потрошувачка кошничка: ќе служи за градење политики поврзани со минималната плата и ќе се усогласи со европските стандарди

На четвртата седница на Економско-социјалниот совет, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши ја истакна важноста од повторното активирање на трипартитниот дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, кој претставува суштински механизам за социјална кохезија и економски напредок. Тој ги поздрави новите претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати, со што, како што рече, се враќа легитимитетот на Советот.
Министерот информираше дека е успешно завршена постапката за утврдување на репрезентативноста на синдикатите – прашање што подолг период го блокираше нормалното функционирање на ЕСС. Воедно, се предложени измени на Законот за работни односи, со кои прагот за репрезентативност се намалува од 10 на 5 проценти, со цел да се поттикне поинклузивен и плуралистички социјален дијалог.
Дурмиши го претстави и процесот за изработка на нова, официјална методологија за пресметка на потрошувачката кошничка, заснована на проверливи и релевантни податоци од Анкетата за потрошувачка на домаќинства, спроведена од Државниот завод за статистика. Новата кошничка ќе служи како основа за градење политики поврзани со минималната плата и социјалните трансфери и ќе биде усогласена со европските стандарди.
Економија
Трипуновски: Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм

Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„На состанокот се договорија откупните цени по класи за пиперката. За прва класа откупната цена на пиперката изнесува 45 денари, за прва-втора класа е 35 денари, за втора класа откупната цена изнесува 20 денари, а за трета класа откупната цена ќе биде 15 денари”, појасни министерот.
Тој посочи дека тоа се почетните цени со кои што ќе започне откупот на пиперката за реколтата 2025 година.
„Пиперката во Македонија се одгледува во два региони – струмичкиот и прилепскиот регион. Бербата треба да биде во договорен период за да не се соочиме со зголемена количина на берба на пиперка во текот на денот и да имаме застој во откупот”, додаде министерот Трипуновски.
Министерот истакна дека оваа година откупните цени за пиперката се зголемени во однос на минатата година.
„Текот на откупот ќе го следиме преку Државниот инспекторат за земјоделство. Како Министерство стоиме на располагање, а трендот на зголемување на земјоделското производство треба да продолжи и понатаму”, посочи тој.