Македонија
Османи во Виена ги претстави приоритетите за претседавањето со ОБСЕ во 2023 година
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ја претстави приоритетната рамка на претседавањето на Македонија со ОБСЕ во 2023 година.
Зборувајќи пред амбасадорите во рамките на Постојаниот совет на ОБСЕ, Османи ја образложи рамковната платформа на претседавањето во 2023 година. Информирајќи ги амбасадорите за нашите приоритетни цели и проекции за претседавањето, министерот се фокусира на актуелните предизвици во регионот на ОБСЕ.
Османи истакна дека руската агресија врз Украина и улогата на ОБСЕ во намалување на далекосежните последици од кризата неминовно ќе зазеде централно место во нашата агенда во 2023 година. Реализацијата на приоритетната рамка во најголема мера ќе зависи од развојот на ситуацијата во Украина, која директно се рефлектира на односите во ОБСЕ.
„За жал, живееме во ера на турбуленции. Ситуацијата во регионот на ОБСЕ е критична. Рамковните приоритети се подготвени во корелација со актуелната политичка слика и треба да го одразат општиот интерес на Организацијата во време на криза. На тој начин демонстрираме свесност за реалните предизвици, препознатливост и целисходност“, истакна Османи.
Министерот посочи дека прелиминарните приоритетни цели се на линија на принципите и заложбите на Организацијата и дека тие имаат повеќекратна цел: да ги рефлектираат нашите интереси, да одразат континуитет на редовните приоритети на ОБСЕ, но и истовремено да соодветствуваат и одговараат на денешната сложена геополитичка констелација на односите. Во таа смисла тој ги издвои енергетската безбедност и безбедноста на храна и вода како теми што со својата актуелност се наметнуваат и врз агендата на ОБСЕ.
„Доколку не дискутираме за вакви или слични предизвици, се ризикува тие да станат перпетуални, допoлнителни извори на конфликти“, истакна министерот Османи.
Рамковните приоритети произлегуваат од концептот на севкупна безбедност на Организацијата. Тие се осврнуваат на тематски целини поврзани со традиционалниот корпус прашања што се провлекуваат во агендата на ОБСЕ во текот на годините: замрзнатите конфликти, нивната превенцијата, менаџирањето и трансформацијата. Понатаму, теми поврзани со економијата и животната средина, дигитализацијата, климатските промени, како и оние што произлегуваат од хуманата димензија на ОБСЕ, со цел зајакната промоција на човековите права и слободи, доброто владеење, родовата еднаквост и младинските политики. Промоцијата на придобивките од нашиот модел на функционална мултиетничка демократија ќе биде дел од приоритетната рамка на претседавањето.
Македонија го презема претседавањето во 2023 година од Полска, а во согласност со утврдениот формат оваа година претседава со Медитеранската група партнери на ОБСЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Реплек ја отвори својата подружница – КА информативниот центар – прв центар за информирање за производите на база на медицински канабис
„Реплек“ ја отвори својата подружница – КА информативен центар, наменет за информирање за производите на компанијата на база на медицински канабис. Центарот е прв од ваков вид во државата и претставува уште еден пионерски чекор во сегментот на производи на база на канабис, кои компанијата прва ги воведе на домашниот пазар, уште во 2016 година.
КА информативниот центар е дел од определбата на „Реплек“ континуирано да воведува иновации во сите сегменти на своето работење, вклучително и во комуникацијата со потрошувачите и сите заинтересирани страни, на кои ќе им овозможи прецизно да се информираат за сите аспекти поврзани со производите Каноил и Канабо на база на медицински канабис. Центарот е лоциран на улица „Свети Кирил и Методиј“, спроти трговскиот центар „Рамстор“ и ќе работи од понеделник до петок, од 9 до 17 часот.
На свеченото отворање на КА информативниот центар присуствуваа доктори, претставници на здравствени институции, како и партнери на компанијата. Заменик генералниот директор и директор на маркетинг и продажба на „Реплек“, Коста Котески, истакна дека отворањето на КА информативниот центар означува нова етапа во развојот на „Реплек“ и во односот со потрошувачите, како и со стручната јавност.
„Кога во 2016 година инвестиравме во нов фармацевтски сегмент – развој на производи на база на медицински канабис, бевме пионер во регионот, меѓу првите кои го препознаа потенцијалот на оваа област, иако пазарот реагираше скептично. Нѐ водеше потребата на потрошувачите за квалитетна, контролирана и јасно дефинирана палета на производи. Денес, девет години подоцна, ова портфолио е еден од нашите најдинамични и најиновативни сегменти. Со ребрендирањето на нашите производи – Каноил маслата и Канабо производите – под слоганот ‚Биди во свој елемент. РЕ-поврзи се одвнатре и однадвор’, ние ја нагласуваме нашата визија за едукација и иновација, како и нашата мисија да го поддржиме секој потрошувач и секој кој сака да се информира со точни и проверени податоци. Тоа е наша одговорност и наш приоритет. Продолжуваме да се развиваме, да инвестираме и да поставуваме високи стандарди“, потенцира Котески.
Директорот на оператива на „Реплек“, Марјан Велковски, се осврна на историјатот и стандардите на производството на портфолиото на база на медицински канабис. Тој истакна дека „Реплек“ е предводник во овој сегмент – и според стандардите, и според капацитетот да обезбеди квалитетни, безбедни и прецизно формулирани производи за пазарот, поткрепени со силна експертиза на тимот.
Менаџерката за маркетинг на „Реплек“, Ивана Емел Анастасовски, ги претстави ребрендираните линии на производи – Каноил маслата и Канабо производите – и го истакна нивното значење во надминување на стереотипите за употребата на ваков тип производи и значењето на Центарот како проект на „Реплек“ кој треба да им даде поддршка на потрошувачите, овозможувајќи нивна подобра и правилна информираност за производите на база на медицински канабис (ЦБД).
Со отворањето на овој центар „Реплек“ уште еднаш ја потврди својата определба и континуитет за иновации и развој, како и за одговорна комуникација за сегментот производи на база на медицински канабис.
(ПР)
Македонија
Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“ и „Зегин“ целосно опремија два кабинета за рана интервенција
Вчера беа пуштени во употреба два кабинети за рана интервенција во Центарот за рехабилитација на патологијата на вербалната комуникација, значително проширувајќи го капацитетот на Центарот за поддршка на децата од најмала возраст. Оваа активност е донација на Фондацијата д-р Верица Механџиска и Зегин и ја одразува нивната континуирана посветеност за унапредување на заедницата и создавање на поинклузивно и похумано општество.
Овие кабинети претставуваат наменски простории за рана интервенција дизајнирани да ја поттикнат комуникацијата, социјалната интеракција и когнитивниот развој преку структурирана игра и целни терапевтски активности. Покрај тоа, овие сензорни простори нудат опрема и алатки што им помагаат на децата да го регулираат сензорниот влез, да го подобрат фокусот и да изградат основни вештини за раст и развој.

„Веруваме дека секое дете заслужува можност да го достигне својот целосен потенцијал и горди сме што можеме да придонесеме во создавањето простори каде што децата можат да растат, да учат и да напредуваат“, истакна Викторија Механџиска. Оваа донација од Фондацијата д-р Верица Маханџиска и Зегин е продолжување на успешната соработка со Центарот на кој пред неколку месеци му се донираше и најсовремен апарат за транскранијална магнетна стимулација (TMS M50 Ultimate).

„ Опремувањето на двата кабинета за работа со деца со развојни потешкотии од страна на Фондацијата „Др Верица Механџиска“ и Зегин претставува голем чекор напред во создавањето подобри услови за нивно образование, рехабилитација и социјализација. Оваа и нивните претходните донации се пример за општествена одговорност и хуманост, покажувајќи дека заедницата може да биде силен партнер во создавањето инклузивно општество“ изјави Нермин Теловска, директор на Центарот за рехабилитација на патологија на вербална комуникација.

Новите кабинети за рана интервенција од денес официјално ќе бидат отворени за семејствата. Со оваа донација се очекува Центарот да го зголеми бројот на деца опфатени во индивидуализираните програми за терапија кои ги нуди.
ПР
Македонија
Вонредна седница за свлечиштето на Водно бара советничката група на Левицата во Центар
Советничката група на Левица во Општина Центар побара вонредна седница на Советот, поради како што истакнуваат, сериозните информации за активирано лизгање на земјиштето на падините на Водно, непосредно над населените делови на општината.
„Сметаме дека јавноста има право да знае што точно се случува, кои мерки се преземаат и дали причините за оваа појава се поврзани со долгогодишното и неконтролирано градење на ридот.
Од градоначалникот и надлежните очекуваме итен и одговорен одѕив, затоа што станува збор за потенцијален ризик кој директно влијае врз безбедноста на граѓаните. Потребно е да се утврди не само моменталната состојба на теренот, туку и пошироката слика – дали постојните градежни активности, прекумерната сеча, недоволната дренажа и преоптоварувањето на падините придонеле за појавата на свлечиштето. Од особено значење е да се добие прецизна информација колку активни градежни маркици сѐ уште постојат на овој потег, кои инвеститори стојат зад нив и дали воопшто е дозволиво продолжување на какви било активности без претходна ревизија“.
Овој рид, нагласуваат од Левица, веќе со години е жртва на алчни урбанистички политики креирани според интересите на градежното лоби, а не според јавниот интерес и безбедноста на жителите.
„Инсистираме на транспарентност, одговорност и итна интервенција. Безбедноста на граѓаните мора да биде над сите други интереси“, велат од Левица.

