Македонија
Герасимовски: Ранчиња и училиштен прибор за сите првачиња во Центар
Први септември, почетокот на учебната година, е секогаш посебен момент, особено за првачињата, кои првпат се сретнуваат со образовниот процес и ги прават првите чекори во образовниот систем.
По тој повод, градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, родителите и наставниот кадар го одбележа почетокот на новата учебна година во најстарото основно училиште во државата, основано во 1836 година, „Свети Кирил и Методиј“.
„Денеска почнува новата учебна година и на овој ден навистина е прекрасно да се биде меѓу вас. Да се почувствува оваа енергија, да се видат овие насмеани лица меѓу учениците што не се виделе цело лето, но и најдрагите, првачиња. Ова е нов почеток во најважниот испис во животот. Стекнувањето нови знаења носи вредности вредни за вас и вашите идни успеси во животот, но и вредности важни за државата“, изјави градоначалникот Герасимовски.

Општина Центар секогаш се грижи условите да бидат на највисоко можно ниво и нашите деца да го добиваат најдоброто образование што можеме да им го обезбедиме. Училиштата ги завршија сите подготовки пред почетокот на учебната година, училниците и дворовите се чисти и подготвени се да ги примат учениците.
„Нашата висока писменост е особено важна, затоа ми е мило што со нас овде е и претседателот на државата Стево Пендаровски, кој ви дава поддршка и мотив преку учење и дисциплина да станете успешни млади и амбициозни луѓе. Сакам да ѝ се заблагодарам и на директорката Соња Кирковска, која заедно со наставниот кадар, својата организираност и водење на ова основно училиште успева да изгради успешни генерации и признати студенти“, додаде Герасимовски.
За успешен почеток на учебната година, Општина Центар им подели и ранци на сите првачиња во училиштата, донација од „Макпетрол“, а од Халкбанк АД Скопје првачињата добија комплети со училиштен прибор и илустриран бонтон за деца.
„’Макпетрол’ во 2022 одбележува 75 години од основањето, период во кој голем дел од своите ресурси, време и енергија посветува на доедукација и професионално усовршување на вработените. Компанијата е постојано меѓу најпосакуваните работодавци во земјата, а една од главните причини за тоа е што им овозможува личен и кариерен развој на членовите на својот тим. Со ова се потврдува вредноста што му ја придаваме на образованието и со тоа на ум ја реализираме оваа донација на ранци, кои, се надеваме, ќе им помогнат на учениците во совладувањето на училишните предизвици“, истакнуваат од компанијата.
„Макпетрол“ и Халкбанк АД Скопје се општествено одговорни компании кои се добар пример за следење и од страна на другите компании и правни лица.
„Децата и нивното (не)формално образование, инклузијата и екологијата се столбови на нашата политика за општествена одговорност и особено сме среќни што и овојпат нашиот ‘Халки’ им посака среќен почеток на првачињата. Едукацијата за добро однесување на училиште преку илустриран бонтон ќе им помогне на првачињата полесно да се приспособат на новата средина, која отсега за нив ќе биде втор дом. Втора година по ред го поддржуваме проектот ‘Среќно прваче’ бидејќи веруваме дека децата и нивниот правилен развој се клучни за иднината на заедницата во која сите живееме“, вели г. Билал Суџубаши, главен извршен директор во Халкбанк АД Скопје.
На крајот, градоначалникот Герасимовски им се заблагодари на присутните и на првачињата им посака среќна нова учебна година, исполнета со успеси и одлични резултати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.

