Македонија
(Видео) Ковачевски: „Отворен Балкан“ е нашата заедничка шанса за подобра иднина и животен стандард
Овој саем е можност да поставиме нова динамика во регионалните односи и да обезбедиме економски просперитет за нашите граѓани и компании. Првпат на еден меѓународен саем за храна, вино и туризам, со поддршка на својата држава, од Македонија присуствуваат претставници на 42 винарници и 3 дестилерници, кои ќе се претстават со повеќе од 300 вина и ракии, а ќе присуствуваат и над 10 производители на храна, изјави премиерот Димитар Ковачевски на официјалното отворање на првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на ‘Отворен Балкан’“ во Белград.
„Дали е можно ваков саем да се направи само во Северна Македонија, или само во Албанија или само во Србија. Не е можно. Затоа што толкав број излагачи е можно само ако го направиме заедно. Денес, сите тие имаат рамноправна шанса да ги прикажат своите производи на саемот пред стотици илјади присутни и да остварат пласмани, пазари и контакти со присутните компании.
За сите присутни компании, овој саем во рамките на „Отворен Балкан“ значи отворени шанси за деловни контакти на меѓународно ниво, отворени можности за нови пласмани, но и можности за нови приливи на средства преку развој или проширување на производството и нови инвестиции. И, значајно, овој саем првпат од ваков вид, кој верувам дека ќе прерасне во традиција, значи нови можности кон обезбедување на егзистенцијата – своја или на компаниите и вработените.
На овој саем ние ги вкрстивме винските патишта на Балканот со тоа што на едно место се пресретнуваат производители и откупувачите и дестилатите од регионот. Секој вид регионалното здружување е корисно бидејќи ја зголемува конкурентноста пред светскиот пазар. Македонското вино е со светски познат квалитет. Северна Македонија, според последните рангирања, е втор најголем извозник на вино во регионот, а 29-ти најголем извозник на вино во светот. Веќе трета година по ред извозот на вино од нашата држава е во пораст – и во количина, и во вредност и по структура бидејќи се намалува извозот на налевно вино, а се зголемува извозот на пакувано вино“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека македонските винарници минатата година забележале зголемување од 19 % на извозот во однос на 2020 година. Во Македонија, како што рече, бројот на винарници е зголемен на 139, кои произведуваат вино со врвен квалитет и капацитет од 200 милиони литри за производство на вино.
„Како Влада, имаме интерес да го развиваме овој сектор и затоа овозможивме, меѓу другото, и финансиска поддршка за малите семејни винарници за набавка на опрема за производство, што предизвика голем интерес во нашата држава. Покрај виното, на овој саем посетителите ќе може да пробаат автентична, македонска кујна, преку производителите на храна што тука се присутни. А ќе имаат и можност да се запознаат и со природните убавини во Северна Македонија преку промоциите на туристичките капацитети. Сето ова денес го претставуваме со мотото ‘Вкуси го животот’ и порачуваме: вкусете македонско вино, вкусете македонска храна, вкусете македонска авантура. Верувам дека заинтересираноста ќе биде огромна. И ние сме заинтересирани да ги посетиме промотивните штандови на претставниците од Србија и Албанија, но и од другите земји што тука се присутни.
Штом има заинтересираност и волја за соработка меѓу нас, а покажавме дека ги има и двете, тогаш можеме и да ја зголемиме трговијата на регионално ниво, но и да си помогнеме во окрупнувањето на пласманите кон европските и светските пазари.
Со сите вакви активности во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ имаме можност да ја унапредуваме егзистенцијата на луѓето што живеат во нашите држави, сериозно да ги развиваме економиите и уверен сум – го отвораме патот кон Европа и светот“, рече македонскиот премиер.
Ковачевски истакна дека во ова време на светка криза, најтешка досега, кога сите држави во светот се пред предизвикот да ја обезбедат егзистенцијата на своите граѓани поради последиците од војната во Украина и пандемијата, доаѓа до израз вистинското значење на „Отворен Балкан“.
„Оваа иницијатива на Северна Македонија, Србија и Албанија, која почна како визија за регионална соработка на нашиот пат кон Европската Унија, денес е и нашата сериозна можност за заедничко справување со сите предизвици. Затоа ја употребуваме секоја можност за поврзување како прозорец кон осигурување на нашите перспективи. Сега пред нас се нови патишта, поврзувања, развивање на регионот, сега е вистинско време заедно да ја искористиме шансата и да обезбедиме подобра иднина, подобри услови за живеење и животен стандард за нашите држави и нашите граѓани. Тоа е наша обврска, тоа е заедничка придобивка за сите држави.
Сакам да споделам со вас и нешто многу лично, во 1992 и 1993 година бев на школување во Соединетите Американски Држави, секое утро наставата почнуваше со телевизиски канал за средните училишта и секое утро први слики беа оние од Балканот, слики на разорување, слики на војна и слики на страдање. И тогаш си реков дека таа слика мораме да ја промениме.
Денес, сретнав еден пријател тука во хотелот во Белград, кој исто така во тоа време беше во САД и останавме добри пријатели. Денес ме праша дали сум среќен, му кажав – да, денес сум среќен затоа што сликите што денес ќе ги пренесат сите телевизиски канали во светот ќе бидат слики на насмеани лица, слики од пријателство, слики на земји што можат и подобро и повеќе бидејќи се заедно и затоа што се отворени. Дали сум на позицијата премиер или на која било позиција нема да престанам да работам за отворање на границите на Балканот и моја крајна цел е укинување на границите помеѓу нашите држави бидејќи граѓаните тоа го заслужуваат“, рече премиерот Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меџити-Спиропали: во фокусот актуелните случувања
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити ја пречека Елиса Спиропали, министерка за Европа и надворешни работи на Република Албанија, која престојува во официјална посета во Скопје.
Средбата се одржа во пријателска и конструктивна атмосфера, при што беа разгледани актуелните регионални случувања, улогата на албанската дипломатија во зајакнувањето на сеалбанските врски, како и значењето на продлабочувањето на меѓуинституционалната соработка во функција на заедничките интереси на двете држави.
Спиропали и Меџити положија цвеќиња пред споменикот на националниот херој Ѓерѓ Кастриоти Скендербег, во знак на почит кон визијата на овој историски водач за европската ориентација на Албанците, соопштија од кабинетот на Меџити. По тој повод, беше повторно нагласено дека иднината на Албанците е во Европската Унија, како заедница на демократски вредности и успешен модел на институционална, културна и политичка интеграција на сите народи.
„Присуството во Чаир дополнително испрати јасна порака на политичка блискост, институционална поддршка и директно внимание на државата Албанија кон Албанците во Северна Македонија.
Оваа средба го потврди заедничкиот интерес за зајакнување на соработката и институционалната координација, со фокус на развојот, интеграцијата и зачувувањето на вредностите што нè поврзуваат како држави и како народ“.
Македонија
Ѓорѓиевски: Подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“
Вечерва, срцето на градот чукаше најсилно токму таму каде што се најчистите насмевки.
Со организација на кино-проекцијата на филмот „Биби и Боби“, им подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“, истакна скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, откако беше организирана посебна вечер наменета за децата од згрижувачките семејства и од ЈУ Детски дом „11 Октомври“.
„Сала исполнета со смеа, возбуда и детска искреност, моменти што нè потсетуваат колку малку е потребно за голема среќа, а колку многу значи вниманието.
По завршувањето на филмот, поделивме новогодишни пакетчиња за сите дечиња.
Како градоначалник, но пред сè како човек, останувам цврсто посветен на создавање можности, поддршка и сигурност за најмладите, особено за децата кои се дел од системот на социјална заштита.
Нивната радост е нашата најголема обврска.
Секое дете заслужува внимание, љубов и убави празнични денови“.
Македонија
Намалена видливост поради појава на магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради појава на магла од 50 – 70 метри има на патниот правец Дебар – Струга, од 100 – 150 метри на патниот правец Куманово – Крива Паланка и од 50 – 100 метри на патниот правец Велес – Катланово.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Фото: депозитфотос

