Македонија
Стефанова ќе го води предметот за Муареми, Коларевиќ за станицата за технички преглед

Предметот против Финансиската полиција и разрешениот директор Арафат Муареми ќе го води обвинителката Лиле Стефанова, информираа од Обвинителство.
Предметот ѝ е предаден на Стефанова, која е дел од полициското одделение на Обвинителството за гонење организиран криминал. Според извештајот од Републичкото обвинителство, токму ова одделение е надлежно за постапување.
Вториот предмет со чија предистрага се испитува зошто Министерството за внатрешни работи и министерот Оливер Спасовски со месеци го чувале во фиока решението за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц“, во која на последна контрола бил и автобусот на „Беса транс“, кој изгоре во Бугарија, го доби обвинителката Катерина Коларевиќ. Таа веќе постапува по предметот што се води против ексгенералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири.
„Постапувањето по овие предмети ќе продолжи непречено и јавните обвинители на кои сега им се доверени ќе ги преземат сите дејства во согласност со Законот за кривичната постапка за да ги проверат наводите во поднесените кривични пријави“, информираа од Обвинителството.
Овие два предмета ги водеше суспендираната обвинителка Вилма Русковска. Таа пред две недели, кога поднесуваше жалба до Советот на јавните обвинители, потенцира дека ќе се сомнева во постапувањето по овие предмети, без разлика кој обвинител ќе ги наследи, со оглед дека таа е суспендирана поради воедењето на едниот од нив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја денеска делови од Бутел и Аеродром

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.20 до 12.30 часот, дел од корисниците од ул. 1 во населба Радишани. (општина Бутел)
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Горно Лисиче лоцирани на потегот од Маг Комерц, А-М Стил, Феромонт Инжинеринг кон село Долно Лисиче. (општина Аеродром)
Македонија
Дел од Аеродром денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе се задржи претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд и студени утра. Ќе дува умерен до засилен, а долж Повардарието повремено силен ветер од северозападен правец. Потоа следи период на стабилно и суво со постепен пораст на дневната температура.