Економија
МЗШВ: До 21 септември се продолжува рокот за аплицирање по мерката 3 од ИПАРД 2 програмата

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги известува заинтересираните апликанти по мерката 3 од ИПАРД 2 програмата, дека по укажување на Телото за управување со ИПАРД преку одржаните информативни состаноци, за 15 дена се продолжува рокот за аплицирање на јавниот повик за мерката 3 од ИПАРД 2 програмата. Новиот краен рок за аплицирање по оваа мерка сега е 21 септември 2022 година.
Продолжувањето на рокот се врши по барање на заинтересираните апликнти, како би можеле навремено и во целост да ја комплетираат потребната документација за аплицирање по оваа мерка, велат од таму.
Појаснуваат дека јавниот повик за мерката 3 од ИПАРД 2 програмата се однесува за финансиска поддршка за инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи. Конкретно средствата од оваа мерка се наменети за поддршка на проекти кои предвидуваат инвестиции за преработка и производство на млеко и млечни производи, месо и месни производи, овошје и зеленчук, преработка на житарици, производство на мелнички продукти, растителни производи и масла, маснотии од животни како и производство на вино.
Исто така со измените вкупната сума на финасиската поддршка за оваа мерка се зголемува од 5.028.568 евра на 5.785.728 евра, однсно 75% средства обезбедени преку ИПАРД програмата и 25% средства обезбедени од буџетот на Република Северна Македонија.
Сите заинтересирани апликанти ќе можат да аплицираат со проекти за набавка на машини и опрема за производство и преработка, како и проекти кои предвидуваат поставување, односно инсталирање на фотонапонски панели за производство на енергија од сопствени потреби. Прифатливи корисници се сите правни лица кои влегуваат во рангот на микро, мали или средни претпријата.
Финансиските средствата по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка, (грант) во износ до 50% од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
За четири дена доставени повеќе од 2.500 пријави за самовработување

Во салата на киното „Манаки“ во Битола денеска беа презентирани мерките од оперативниот план за вработување за 2025 година.
Пред голем број граѓани претставниците од Министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемаштвото и Агенцијата за вработување ги презентираа мерките од оперативниот план, со акцент на трите подмерки од мерката за самовработување (претприемаштво), каде што јавните повици се објавени и сите заинтересирани може да се пријават до 20 јуни.
„Со мерките за самовработување на сите невработени лица им даваме финансиска поддршка за отворање сопствен бизнис, која се движи од 7.000 до 10.000 евра, а со здружување две лица од 14.000 до 20.000 евра. Имаме исклучително голем интерес за овој јавен повик и за само четири дена се пријавени повеќе од 2.500 лица. Ги повикувам сите лица што се заинтересирани да се пријават во кој било од 30-те центри за вработување при Агенцијата за вработување во државата“, рече заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
Во рамките на јавните повици од мерката 1, „Поддршка за самовработување (претприемаштво)“, во тек се три јавни повици, со кои им се дава можност на повеќе од 1.700 лица да отворат сопствен бизнис и со нив се предвидени:
– финансиска поддршка во форма на грант до 7.000 евра за основање и почнување бизнис за лица постари од 29 години;
– финансиска поддршка во форма на грант до 10.000 евра за основање и почнување бизнис за млади лица до 29 години;
– финансиска поддршка за здружување две лица во ДОО, каде што таа изнесува од 14.000 до 20.000 евра во зависност од целните групи.
Економија
Укинувањето на царините за стоките од САД не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, вели Стојанова

Со новите измени и дополнувања на Законот за царинските тарифи, Собранието ќе даде зелено светло на планот на Владата да се намалат царинските давачки на голем број суровини и репроматеријали што се користат во домашната индустрија и во енергетиката, изјави Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Списокот со 70-ина производи, кој е составен на транспарентен и инклузивен начин, во соработка со Стопанската комора, вклучува намалување до 50 % на царинските стапки што важат во ЕУ, како и укинување на царините за увоз од САД. Овие измени ќе значат пониски трошоци за домашното производство, а со тоа зголемена конкурентност на странските пазари, нови инвестиции и повеќе вработувања“, рече таа.
Укинувањето на царините за стоките по потекло од Соединетите Американски Држави, пак, додаде Стојаноска, не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, со кој испраќаме сигнал за зголемена подготвеност за соработка со нашите стратешки партнери и поддршка за слободната трговија.
„Со оваа законска измена македонските компании ќе станат поконкурентни, ќе се намалат цените за производство и ќе се зголеми извозот, со што директно ќе влијае на растот на економијата. Ова е само еден чекор од поширокиот план за економски раст. Клучна измена со која се посветуваме на економијата во пракса, а не само на хартија“, рече Стојаноска.
Економија
Цените на нафтата го забележаа најголемиот скок во последните неколку години поради стравот од војна

Глобалните цени на нафтата пораснаа за повеќе од 4 проценти забележувајќи го најголемиот дневен процентен пораст од март 2022 година поради стравувањата дека потенцијалното проширување на конфликтот на Блискиот Исток би можело да предизвика големи прекини во снабдувањето со енергија.
Цената на „Брент“, меѓународниот референтен стандард, се зголеми за 4,3 проценти, на 72,40 долара за барел, а американската референтна нафта West Texas Intermediate (WTI) скокна за 5 проценти, на 71,40 долар за барел.
Според „Ројтерс“, ова се најголемите еднодневни скокови за двете референтни цени на нафтата од март 2022 година кога почна војната во Украина.
„Остриот пораст на цените на ‘Брент’ ги одразува не само тековните ризици за снабдување туку и растечкото чувство дека потенцијалната ескалација на конфликтот би можела да трае за разлика од претходните краткотрајни епизоди меѓу Израел и Иран“, рече Ахмад Асири, истражувачки стратег во „Пеперстоун“.
Нервозата на пазарите дополнително се потврдува со движењата на американските берзи, пренесува „Танјуг“.