Култура
Заврши 14 издание на Битолското културно лето „Бит Фест“
Со концерт на групата „Меморија“, синоќа на Ракометното игралиште, заврши програмата на 14 издание на битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“. Содржините кои беа дел од програмата, согласно целта на организацијата на БИТ ФЕСТ, дадоа концепт на издигнување на фестивалот на повисоко естетско ниво со почитување на професионализмот, креативноста и повисоките критериуми и норми на уметничка изведба од страна на авторите и изведувачите кои учествуваа на Бит Фест.
Реализиравме 140 настани од официјалната програма на БИТ ФЕСТ, меѓу кои 9 фестивали, 64 музички концерти на класична, поп, рок, џез музика, како и музика низ која се слушаше народниот мелос, 10 изложби, 25 филмски проекции, 20 театарски претстави, уметнички перформанси и други настани низ кои се промовираше културното наследство и традицијата.
Дополнително, осум фестивалски денови со фестивалот „Браќа Манаки“, Битола го славеше филмот и големите кинематографери, а градот беше еден од најважните фестивалски центри во Европа.
„Имавме гости од над 15 земји од светот, но истовремено ја негувавме и промовиравме и македонската култура и традиција.
Со „Меморија“, да сочуваме уште подобри сеќавања од БИТ ФЕСТ 2022 и овогодинешното искуство нека биде наш заеднички мотив за нова успешна програма која заеднички ќе ја креираме.
Уживајте во музиката што значи љубов, зошто само така, со взаемно почитување и разбирање, преку културата, ќе ги надминеме различностите, ќе ги развиваме вредностите и ќе градиме иднина во која македонскиот идентитет, секогаш ќе живее оставајќи значаен печат во светот“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, пред почетокот на концертот на „Меморија“.
Новиот концепт кој го воведува општина Битола во организација на битолското културно лето, продолжува континуирано да се надградува, а организациските подготовки за новото издание на БИТ ФЕСТ, ќе започнат уште од следниот месец, велат организаторите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Георги Шарески – Есенски музички свечености
Фестивалот „Есенски музички свечености“ продолжува на 31.10.2025г. (петок) со концерт на Георги Шарески – соло гитара со авторска музика, кој ќе се одржи со почеток во 20:00 часот во Салон 19:19.
Георги Шарески е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, спојувајќи балкански ритми со џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонија и суптилна виртуозност. Со девет авторски албуми, Шарески настапува како соло артист и со врвни музичари од Македонија и пошироко. Неговите проекти ги надминуваат жанровските граници, спојувајќи традиција и современ израз. Редовно настапува на реномирани фестивали и сцени во Европа и светот,
придонесувајќи за меѓународната афирмација на македонската современа музика.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.
Култура
Македонската филхармонија во Златната сала на „Музикферајн“ – Виена аплаудира на македонската уметност
Во чест на 80-годишниот јубилеј, Македонската филхармонија синоќа одржа концерт во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена – еден од најзначајните храмови на класичната музика во светот.
Касинос Австрија Интернешенал Македонија со гордост ја поддржа оваа исклучителна музичка вечер, потврдувајќи ја својата долгорочна заложба за унапредување на културниот живот и промоција на македонската уметност пред светот.
Настапот под диригентство на Јерухам Шаровски, со солистите Ана и Игор Дурловски, донесе импресивен спој на македонска и европска класика, кој ја воодушеви виенската публика. Преполната сала со стоечки овации и долги аплаузи ја поздрави изведбата на нашите музичари, особено делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски.
На сцената во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Култура
Операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало на 7 ноември на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и балет на 7 ноември со почеток во 20.00 часот, ќе биде изведена драматичната опера „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало – едно од највеличествените дела на оперскиот веризам, кое со децении ја освојува публиката ширум светот.

Приказната за љубовта, страста и одмаздата, преточени во операта „Палјачи“ на нашата сцена ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Унгарија, Кочар Балаж, во режија на Дејан Прошев, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата е на Никола Булески, кореографијата е на Олга Панго, концерт – мајстор е Климент Тодороски, а хор – мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Дешира Амети Крлиу (Неда), Антонело Паломби од Италија (Канио/Палјачо), Марјан Јованоски (Тонио), Драган Ампов (Силвио), Јане Дунимаглоски (Арлекин), заедно со хорот, оркестарот и балетските солисти на Националната опера и балет.

Операта „Палјачи“ е едно од најпознатите дела на италијанскиот веризам. Премиерно е изведена во Милано во 1892 година, а Леонкавало сам го напишал либретото, инспириран од вистински настан. Делото ја ја открива тенката линија помеѓу уметноста и реалноста, љубовта и љубомората, смеењето и солзите. Со незаборавната арија „Vesti la giubba“, ова ремек-дело го допира секое срце и потсетува дека и зад маската на насмевката може да се крие болка. „Палјачи“ претставува едно од најемотивните и најизведуваните оперски дела во историјата.

